216/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 во делот „или со пропис заснован на закон“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 11/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 во делот: „или со пропис заснован на закон“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел од членот 4 став 2 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 91 алинеите 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, затоа што законското овластување со подзаконски акт да се овласти органот во управните работи да решава по слободна оцена ги надминува гаранциите за таквото овластување.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 2 од Законот за општата управна постапка е предвидено дека во управните работи во кои органот кој со закон „или со пропис заснован на закон“ е овластен да решава по слободна оцена, решението мора да биде донесено во рамките на овластувањата утврдени со закон и во согласност со целта за која е дадено овластувањето.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Согласно член 1 од Законот за општата управна постапка, според овој закон се должни да постапуваат министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки. Во ставот 2 на овој член од Законот е определено дека според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член. Ставот 3 на истиот член од Законот предвидува дека според овој закон се должни да постапуваат органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, кога во вршењето на надлежностите решаваат во управни работи за права, обврски или правни интереси на странките во согласност со закон.

Во првиот дел од Законот под наслов Општи одредби, утврдени се основните начела на кои се темели законот (начело на законитост, начело на заштита на правата на странките и јавниот интерес, начелото на супсидијарна примена на законот, начело на еднаковст, непристрасност и објективност, начело на материјална вистина, начело на ефикасност и др.).

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот како една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката ги утврдил владеењето на правото, преку кое се овозможува примена на правните правила на конкретни случаи и тоа претставува брана за исклучување на можноста од самоволие и арбитрерност на носителите на власта на кој начин се обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост. Оттука, тргнувајќи од наведените одредби од Уставот, содржината на оспорениот член 4 став 2 од Законот за општата управна постапка, кој е поместен во делот на начелото на законитост во управната постапка како и наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани. Имено, според Судот, предвидувањето на законската можност органот кој постапува во управните работи и решава по слободна оцена предвидена во подзаконски акти со кој се доразработува законот во суштина претставува модификација на начелото на законитост и таквата модофикација е во функција на почитување на ова начело. Ова затоа што можноста за постапување по слободна оцена прво претпоставува овластување за постапување по слободна оцена предвидена во закон или пропис заснован на законот, и второ, органот кој ја применува правната норма одлучува во рамките на можноста утврдена со прописот.

Предвидувањето на можноста за одлучување по слободна оцена на органот влегува во содржината на управниот акт кој го донесува органот, што произлегува од член 212 (ставовите 3 и 4) од Законот за општата управна постапка. Имено, според овој член, во образложението на актот кој е донесен по слободна оцена, потребно е да биде наведен прописот со кој е овластен органот да ја реши работата по слободна оцена и да ги изложи причините од кои се раководел при донесување на решението, освен кога тоа во јавен интерес со закон е изрично предвидено. Меѓутоа и во такви случаи во образложението на решението мора да биде наведен прописот со кој органот е овластен да ја реши работата по слободна оцена и прописот со кој е овластен дека не мора да бидат наведени причините, од кои се раководел при донесување на решението.

Притоа и при донесување на управниот акт по слободна оцена постојат елементи на правниот акт кој се носи по слободна оцена кои во никој случај не можат да бидат содржина на дискрециона оцена. Имено управниот акт мора да биде донесен од надлежен орган во постапка предвидена за тој акт. Дискреционото право, односно слободната оцена при донесување на актот е во материјално правна смисла, односно на содржината на актот со кој се одлучува за одредени права и обврски и тоа само за оние прашања за кои може дискреционо да се одлучува наведени во прописот со кој се дава можност за тоа.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорениот дел на член 4 став 2 „или со пропис заснован на закон“ од Законот за општата управна постапка, е во функција на операционализација на материјалните закони кои уредуваат одредени прашања и односи, а врз основа на кои граѓаните остваруваат права и обврски, и дека не станува збор за прашање кое исклучиво треба да се уреди само со закон.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 4 став 2 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.216/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски