У.бр.224/2008

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 11 март 2009, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за уверението за здравствена состојба на животните и за висината на надоместоците за ветеринарно санитарните прегледи („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/2002) донесена од Владата на Република Македонија под бр.23-1290/1 од 19 март 2002 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата оспорената одлука била донесена врз основа на членот 81 став 4 од Законот за ветеринарното здравство („Службен весник на Република Македонија„ бр.28/1998), но согласно член 117 од Законот за ветеринарното здравство, што сега бил во сила претходно донесениот Закон престанал да важи. Оттаму, оспорената одлука се засновала на одредби од закон кој престанал да важи, односно која повеќе не е дел од правниот поредок на државата и како таква преставувала разработка на непостоечка законска одредба. Поради ваквата состојба оспорената одлука во целина се доведувала под сомнение по однос на нејзината согласност со владеењето на прав ото како темелна вредност на уставниот поредок од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи во правниот поредок можеле да егзистираат само подзаконски акти кои имале основ во важечка законска одредба, што овде не било случај.

Врз основа на наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 91 алинеја 5 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 81 став 4 од Законот за ветеринарното здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/1998), Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука за определување на висината на надоместокот за уверението за здравствена состојба на животните и за висината на надоместоците за ветеринарно санитарните прегледи.

Во член 1 од Одлуката е определено дека висината на надоместокот за уверението за здравствена состојба на животните и за висината на надоместоците за ветеринарно санитарните прегледи се определува според Тарифата, која е составен дел на оваа одлука и е дадена во прилог.

Во членот 2 од Одлуката е определено кој акт престанува да важи со нејзиното влегување во сила, а со членот 3 е определено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во продолжение на Одлуката е Тарифата за висината на надоместокот за уверението за здравствена состојба на животните и за висината на надоместоците за ветеринарно санитарните прегледи. Тарифата е поделена во 4 делови, а секој од деловите содржи повикување на различни одредби (член 33, член 34 став 1, член 40 ставови 4 и 5 и член 54 став 1) од Законот за ветеринарното здравство, кој во тој период бил во сила. Тарифата е утврдена во фиксни или процентуални износи.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во хиерархијата на правните акти, подзаконските акти овозможуваат законите да се оживотворат, да бидат спроведени во конкретните правни и животни ситуации. Вообичаено таквите прописи основата за своето постоење ја имаат во конкретен, важечки закон чија доработка ја овозможуваат, а тие мораат да бидат донесени од органи и лица во постапка и на начин определени со конкретниот закон. Обемноста и комплексноста на материјата што се уредува со конкретниот закон, понекогаш ја наметнуваат потребата, подзаконскиот акт чиј законски основ престанал да важи да остане да се применува уште извесен период како би се надминала опасноста од настанување на правна празнина. Таквите подзаконски акти би биле прифатливи во правниот поредок и не би м ожеле да се проблематизираат од аспект на нивната уставност и законитост ако задоволат неколку основни критериуми и тоа:

– Законодавецот во преодниот режим да предвидел нивно продолжено важење за точно утврден период;

– Подзаконскиот акт да бил донесен од орган или лице кое и во новата регулатива има овластување за подзаконско уредување на истата проблематика и

– За така продложеното важење да постои сериозна правна причина.

Во конкретниот случај, оспорената владина одлука била донесена врз основа на овластувањето од членот 81 став 4 од Законот за ветеринарното здравство кој престанал да важи на 28 септември 2007 година, односно со влегувањето во сила на новиот Закон за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007).

Во членот 116 од Законот што сега е во сила во преодните и заршни одредби е уреден рокот за донесување на подзаконските акти. Така, според ставот 1 на оваа одредба, подзаконските прописи кои произлегуваат од овој закон ќе се донесат најдоцна во рок од две години од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно најдоцна до 28 септември 2009 година. Според ставот 2 на овој член од Законот, до донесувањето на прописите од ставот 1 на овој член ќе се применуваат прописите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според тоа, тврдењето на подносителот на иницијативата дека отпаднал основот за егистирање на подзаконскиот акт во правниот поредок со повикување на членот 117 од Законот (престанок на важење на поранешниот Закон за вете ринарно здравство) што сега е во сила е неосновано. Имено, законодавецот заради комплексноста на материјата и заради опасноста од настанување на правна празнина по престанокот на важење на Законот се определил за продолжено важење на подзаконските акти што биле донесени врз основа на него, односно за време од две години по влегувањето во сила на Законот, која околност подносителот на иницијативата не ја имал предвид.

Од друга страна, Судот оцени дека оспорената одлука сега има свој основ во содржината на членот 99 од Законот, што е во важност и како таква може да биде спроведувана и на конкретни правни ситуации. Ова од причина што согласно овој член од Законот, Владата на Република Македонија ја утврдува висината на надоме-стоците за издавање на сертификати за здравствената состојба, благосостојбата на животните и јавното ветеринарно здравство или други службени документи кои ги придружуваат пратките на животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло за ставање во промет или извоз. Така прибраните средства се приход на Буџетот на Република Македонија.

Имајќи предвид дека станува збор за оспорена одлука која била донесена во функција на разработка на законска одредба со цел за утврдување на висината на надоместокот за уверението за здравствена состојба на животните и за висината на надоместоците за ветеринарно санитарните прегледи, што се поврзани со секаков трансфер на животни, производи од животни, нуспроизводи од животни и храна за животни, во и надвор од земјата, односно со област тесно поврз на со биосигурноста на луѓето и животните, Судот оцени дека законодавецот правилно се определил за продолжено важење на оспорената одлука, во што не може да се согледаат елементи на неуставност или незаконитост.

Оспорената одлука, според тоа, неспорно била донесена врз основа на одредба од закон кој престанал да важи, но за неа е предвидено продолжено важење и таа има свој основ за постоење во важечката законска одредба од Законот што е во сила (член 99). За нејзината операционализација и тогаш и во иднина е задолжен ист орган-Владата на Република Македонија, од каде произлегува дека не може да се постави прашањето за нејзина согласност со одредбите од Уставот и Законот за ветеринарно здравство на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 91 алинеја 5 од Уставот и со член 117 од Законот за ветеринарно здравство.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.224/2008
11 март 2008 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски