Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 60 став 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008-исправка и 163/2008-исправка).
2. Ранко Петровиќ од Скопје, преку полномошник Слаѓана Серафимова -адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, определувањето во наведената законска одредба – листата на кандидати за членови на совет поднесена од група избирачи да се означува со „група избирачи“, во ситуација кога листата на кандидати за членови на совет поднесена од политичка партија се означува со името и симболот на политичката партија, значело ставање на независните кандидати во подредена позиција во однос на кандидатите на политичките партии, на независните кандидати им била ограничена можноста да бидат препознатливи за избирачите, а со тоа и дискриминирани, со што целиот систем на кандидирање бил елиминирачки за независните кандидати и во спротивност со принципот на фер и демократски избори. Со ограничувањето на независната кандидатска листа да се стави името на носителот и симболот на независната група избирачи се загрозувало правото на овие кандидати на рамноправна идентификација во текот на гласањето и тие биле дискриминирани во однос на кандидатите на политичките партии. Поради тоа, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 5 и со членовите 22, 23 и 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во член 57 став 1 од Законикот се определува дека предлагањето на кандидати за членови на совет се врши со поднесување на листа на кандидати.
Со член 60 став 1 од Законикот се предвидува дека листа на кандидати за членови на совет имаат право да поднесат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи (подносители на листа), при што во став 5 се определува дека листата се означува според името на подносителот на листата.
Во оспорениот став 6 од овој член на Законикот се определува дека: „Ако подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со „група избирачи“ и според почетната буква од името и презимето на подносителот на листата“.
Членот 62 од Законикот го утврдува бројот на избирачи потребен за формирање група која би можела да поднесе листа на кандидати за членови на совет (од 100-450 избирачи за општините, зависно од бројот на жителите во општините односно 1.000 избирачи за градот Скопје), а членот 63 од Законикот ја утврдува постапката за формирање на група избирачи (потпишување на образец пред службени лица на Министерството за правда; започнува петнасеттиот ден од распишувањето на изборите и трае 15 дена;….).
Во член 64 став 3 од Законикот се определува дека: „Поднесената листа на кандидати за членови на совет … содржи: означување на советот на општината односно градот Скопје за кои се врши изборот, назив на листата, име и симболот на подносителот на листата, име и презиме на носителот на листата, име и презиме на секој кандидат и содржи онолку кандидати колку што се избираат за членови на совет со означување на неговото постојано живеалиште, професија и единствен матичен број на граѓанинот“.
Во член 66 од Законикот се утврдува дека листите на кандидати за членови на советот се доставуваат од овластените претставници на предлагачите до општинската изборна комисија (став 3), најдоцна 35 дена пред денот на одржувањето на изборите (став 4).
Во член 97 став 1 од Законикот се определува дека гласачкото ливче за гласање за избор на членови на совет содржи, покрај другото, име и симбол (ако го има) на подносителот на листата (алинеја 2).
4. Во член 8 став 1 од Уставот на Република Македонија се определува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другото, владеењето на правото (алинеја 3), поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4) и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори (алинеја 5).
Според член 9 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“(став 1).„Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Според член 22 од Уставот: „Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право“ (став 1). „Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање“ (став 2).
Според член 23 од Уставот: „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.“
Во член 51 од Уставот се определува дека: „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1) и дека: „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, кои се обезбедуваат со усогласување на законите со Уставот и на другите прописи со Уставот и законите, како и со почитување на Уставот и законите од секого. Граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и еднакви се пред Уставот и законите, при што секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, како и секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби јасно произлегува дека група избирачи има право да предложи кандидати односно да поднесе листа на кандидати за членови на совет ако групата ја сочинува определен број избирачи утврден во соодветна постапка, при што поднесената листа на кандидати содржи, покрај другото, име и симбол на групата избирачи и таа мора да се достави до општинската изборна комисија најдоцна 35 дена пред денот на одржувањето на изборите, во кој случај на гласачкото ливче ќе бидат ставени, покрај другото, името и симболот (ако го има) на групата избирачи.
Во таа смисла, оспорената одредба од член 60 став 6 на Законикот не значи ограничување на независната кандидатска листа да се стави името на носителот и симболот на независната група избирачи, ниту значи спречување рамноправна идентификација на кандидатите при гласањето, ниту значи создавање непрепознатливост и дискриминирање на независните кандидати како што смета подносителот на иницијативата, туку значи означување на поднесената листа на кандидати од група избирачи во ситуација кога недостасуваат името и симболот на групата избирачи при поднесувањето на кандидатската листа во законскиот рок.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.43/2009
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски