Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на здружението „Мичуринска средба“ број 07-8868/20 од 15.12.2008 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.16/2008) донесена од Советот на општина Аеродром.
2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука Советот направил грубо прекршување на член 50 од Законот за локалната самоуправа во кој било јасно определено дека градоначалникот го извршува Буџетот и била прекршена постапката за донесување на одлуките утврдена во член 142 од Деловникот за работа на Советот („Службен гласник на општина Аеродром бр. 1/2006) според кој претседателот на Советот бил должен секоја иницијатива за донесување на одлука да ја упати до Градоначалникот заради давање мислење. Во конкретниот случај со оспорената одлука, Советот без постоење на писмена форма на предлог-одлука и без вклучување на институцијата градоначалник во целокупната постапка, извршил грубо кршење на наведените деловнички одредби како и деградирање на инситуцијата градоначалник, како единствен орган надлежен за извршување на Буџетот. Доделувањето на парични средства на споменатото здружение било извршено без јасно детерминирани критериуми за издвојување на парични средства и без постоење на одредена програма или проект врз основа на кој би се утврдила висината на реално настанатите трошоци.
Поради наведените причини, подносителот смета дека донесената одлука за доделување на средства била во спротивност со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа и Деловникот за работа на Советот, поради што тој, како градоначалник на Општина Аеродром согласно член 51 од Законот за локалната самоуправа, со решение бр.08-8657/1 од 1 декември 2008 година го запрел објавувањето на одлуката.
На деведесеттата седница, одржана на 12 декември 2008 година, Советот на општина Аеродром донел Одлука за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на здружението „Мичуринска средба“.
Поради наведените причини, со иницијативата се предлага оспорената одлука да се поништи.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 50, член 51 став 2 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004), член 24 точка 35 од Статутот на општина Аеродром („Службен гласник на Град Скопје“ бр.7/2005), од страна на Советот на општина Аеродром, на деведесетата седница, одржана на 12.12.2008.
Според членот 1 од Одлуката, со оваа одлука се потврдува Одлуката за доделување средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на здружението „Мичуринска средба“.
Според членот 2 од Одлуката, се утврдува доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на здружението „Мичуринска срседба“.
Во членот 3 од Одлуката е определено дека средствата во износ од 100.000,00 денари за одржување на манифестацијата „Мичуринска средба“ ќе се издвојат од Потпрограмата А0-Совет на општината, потставка 463110 – Трансфери до здруженија на граѓани и фондации.
Согласно членот 4 од Одлуката, средствата ќе се префрлат на жиро сметка на здружението „Мичуринска средба“ 200001390913450, депонент на Стопанска банка АД Скопје.
Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука стапува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Аеродром“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој Советот на општината Аеродром одлучил да додели средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година за точно определен субјект и за точно определена намена, што значи дека таа не е пропис кој на општ начин уредува определени односи за неопределен бој на субјекти во правото, туку регулира односи помеѓу конкретни субјекти со дејство inter partes.
Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер за пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нејзината согласност во однос на Законот за локалната самоуправа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.255/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски