64/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на член 398 став 1 во делот „(член 292)“ од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/2997, 44/2002, 74/2004 и 83/2008).

2. Љупчо Тодоровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иниција­тивата, едно од минималните права на обви­нетиот било правото да биде суден во негово присуство, согласно со одредбата од член 4 став 2 алинеја 3 од Законот за кривичната постапка, што било во корелација со правото на фер судење во смисла на одредбата на член 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Имено, присуството на обвинетиот на судењето му давало можност да се запознае со содржината на обвинението и истовремено да дава приговори во прилог на својата одбрана. Начелно проклами­раното право на обвинетиот да биде суден во негово присуство било имплементирано со повеќе одредби од Законот за кривичната постапка. Така, Законот го уредувал прашањето за доставување на писмената, облига­торноста на доставата според правилата за лична достава и друго.

Покрај поканата, Законот исто така, според подносителот на иницијативата предвидувала и комплексен систем на мерки за обез­бедување присуство на обвинетиот во кривичната постапка, како и задолжително присуство на обвинетиот на главен прет­рес. Сепак, и покрај сите инструменти за обезбедување при­суство на обвинетиот, можни биле случаеви на неможност да се обезбеди негово присуство, ако обвинетиот е во бегс­тво или на друг начин не им е достапен на органите на прогон. Во тој случај, во Законот било предвидено судење во отсуство на обвинетиот, поради што е предвидено и повторување на постапката, регулирано во член 398 од Законот за кривична постапка. Имајќи ја предвид форму­лацијата на овој член од Законот, тој бил така конципиран што предвидувал можност за повтору­вање на постапката во која некое лице било осудено во отсуство само ако станувало збор за редовна кривична постапка. На тоа укажувало повикувањето на член 292 во самата одредба, со што всушност се вршело ограничување на можноста за повторување на постапката по овој основ, единствено ако судењето во отсуство било спроведено врз основа на таа одредба. Меѓутоа, Законот предвидувал и друга можност за судење во отсуство на обвинетиот (во скратена постапка каде биле исполнети посебни претпоставки).

Подносителот на иницијативата наведува дека со начинот на судење во скратената постапка со кој се овозможувало судење во отсус­тво на обвинетиот без обезбедување на негова изјава, па дури и мож­ност за донесување на правосилна пресуда бил применет различен аршин на законот за две категории на лица кои се наоѓале во многу слична состојба. Имено, ако за законското решение можело да се најде разбирање во периодот пред донесувањето на последната новела на Законот за кривичната постапка од 2004 година, со оглед на тоа што услов за судење во отсуство на обвинетиот во скратена кривична постапка, претставувало претход­ното испитување на обвинетиот, што значело и можност да се произ­не­се по обвинението и да ја изнесе својата одбрана, според иницијати­ва­та не можело да се најдат оправдани аргументи за постојното законско решение.

Според иницијативата, при корекцијата на одредбата со која било уредено прашањето за судење во отсуство на обвинетиот во скратена постапка не била предвидена нејзината последица во создавање на нерамноправен третман на лицата судени во отсуство во скра­тената постапка, во однос на оние кои се судени во отсуство во редов­ната постапка.

Од наведените причини се наведува дека оспорениот дел од законската одредба на членот 398 од Законот за кривичната пос­тапка не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и и член 118 од Уставот, член 10 од Универзалната декла­ра­ција за човековите права, член 14 ставови 1 и 3 точка (г) и (д) од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и член 6 ставовите 1 и 3 точка (в) и (г) од Конвенцијата за заштита на основните слободи и човекови права.

3. Судот на седницата утврди дека според член 398 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство (член 292), а наста­пила можност повторно да му се суди во негово присуство, ќе се повтори и надвор од условите предвидени во член 392 од овој закон, ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство.

Во решението со кое се дозволува повторување на кривичната постапка според одредбата на став 1 на овој член судот ќе определи на осуденииот да му се достави обвинителнииот акт ако порано не му бил доставен, а може да определи предметот да се врати во состојба на истрага, односно да се спроведе истрага ако ја немало.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставни­от поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓуна­род­ното право.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македо­нија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 11/1997), во член 6 став 3 точка в и г, предвидува дека секој, при опре­делување на граѓанските права и обврски или кога е кривично гонет меѓу другото има право да се брани самиот или од страна на бранител по свој избор или доколку не располага со средства за бранител, да добие адвокат по службена должност кога интересите на правдат тоа го бараат и сам да ги сослуша или да овласти некој друг да ги сослуша сведоците кои што го теретат, како и да обезбеди приуство и сослушу­вање на сведоци во своја полза, под истите услови кои важат за сведоците што го теретат.

Наведената одредба од Конвенцијата го афирмира правото на правична постапка кое во себе го содржи стандардот на “еднаквост на оружјата” или еднаквост на условите, односно средствата. Притоа, за остварување на правото за правична постапка нужно е постоење на процесни гаранции кои на странката и даваат воедначена можност да влијае на конечниот исход во постапката, а според оценка на судот. Оттука, неопходна е рамнотежа прилагодена на процесната состојба во која се наоѓаат странките, а нееднаквост постои само во случај кога таа била од влијание за правото на одбрана.

Законот за кривичната постапка во член 4 став 2 ги опреде­лува минималните права кои ги има секој обвинет, така што алинеја 3 од оваа законска одредба, предвидува дека секој обвинет има право да биде суден во негово присуство и да се брани лично или со помош на бранител по сопствен избор, а доколку нема средства да плати брани­тел истиот да го добие бесплатно кога тоа го бараат интересите на правдата.

Со Амандман XXV од Уставот со кој е заменет член 98 е определено дека, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според ставот 5 на оваа одредба, видовите, надлежноста, основањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Законот за кривичната постапка, како системски закон, знае за две процедури, за два начина на постапување: целосно (редовно) и скратено(сумарно постапување).

Редовната постапка е основна постапка, а Законот за кривичната постапка наполно го регулира целото постапување од започнувањето па до завршувањето. Скратената постапка, меѓутоа, не е целосно регулирана. Напротив и во скратената постапка во основа се применуваат одредбите на редовната постапка, а од неа се отстапува само доколку е тоа изрично препишано во Законот за кривичната постапка. Имено, Законот за кривичната постапка прави разлика во фазите на постапување во овие две постапки и токму поради тоа конструкцијата на постапката е поставена така што заокружените делови претставуваат посебни целини како што се „А Претходна постапка“, „Б Главен претрес и пресуда“, „В. Постапка по правни лекови„ и „Г. Посебни одредби за скратената постапка“.

Претходната постапка е стадиум на кривичната постапка, во кој овластените државни органи преземаат процесни дејствија, насочени кон утврдување на постоење на кривичното дело, пронаоѓање на неговиот сторител и откривање на потребните докази. Кривичната постапка според нашето позитивно законодавство знае само за еден вид на претходна постапка – истрага. Истрагата е изградена врз принципот на акузаторната постапка, односно иницијалниот акт секогаш го поднесува недвижен јавен обвинител.

Оттука, редовната постапка е основна постапка, а Законот за кривичната постапка наполно го регулира целото постапување од започнувањето па до завршувањето. Скратената постапка, меѓутоа не е целосно регулирана. Напротив, и во скратената постапка, во основа се применуваат одредбите на редовната постапка, а од неа се отстапува само доколку е тоа изрично пропишано во Законот за кривичната постапка (како што е тоа случај со одредбите од Законот предвидени во членовите 416 – 431).

Скратената постапка има една основна карактеристика по која се разликува од редовната постапка, а тоа е што истата нема претходна постапка, како прва почетна фаза на постапката, туку главно таа започнува со поднесување на обвинителен предлог, или врз основа на приватна тужба.

Скратената постапка се спроведува за оние кривични дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или затвор до 3 години, што значи за дела кои се помалку општествно опасни. Всушност, по таквиот карактер на овие кривични дела се наоѓа оправдување на оваа едноставна и со самото тоа побрза постапка. Но, иако е поединоставен и побрз, овој вид на кривична постапка не отстапува посуштествено од оние основни принципи на кои е заснована целта на докажувањето како и редовните и вонредните правни лекови.

Во членот 388 од Законот за кривичната постапка поместен во Глава XXIV „Вонредни правни лекови“ како вонреден правен лек е предвидено и повторување на кривичната постапка.

Согласно наведениот член, кривичната постапка што е довршена со правосилно решение или со правосилна пресуда може на барање од овластено лице да се повтори само во случаите и под условите предвидени со овој закон.

Согласно член 392 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако:
1) се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа или врз лажен исказ на сведокот, вештакот или толкувачот,
2) се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата – поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија,
3) пресудата со која обвинението се одбива е донесена поради откажување на јавниот обвинител од обвинението, а се докаже дека до ова откажување дошло поради кривично дело злоупотреба на службената положба на јавниот обвинител,
4) се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето што било осудено или негова осуда по поблаг кривичен закон,
5) на некое лице за исто дело повеќе пати му е судено или ако повеќе лица се осудени поради исто дело што можело да го стори само едно лице или некои од нив и
6) во случај на осуда за продолжено кривично дело или за друго кривично дело што според законот опфаќа повеќе истовидни или повеќе разновидни дејствија се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што укажуваат дека осудениот не го сторил дејствието што е опфатено со делото од осудата, а постоењето на овие факти би било од суштествено влијание врз одмерување на казната.
Во случаите од точките 1 и 2 од став 1 на овој член со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласни за виновни за односните кривични дела. Ако постапката против овие лица не може да се спроведе поради тоа што умреле или што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од точките од 1 до 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази.

Според член 398 од истиот закон, (1) кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство (член 292), а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство, ќе се повтори и надвор од условите предвидени во член 392 од овој закон, ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство, и (2) во решението со кое се дозволува повторување на кривичната постапка според одредбата на став 1 на овој член судит ќе определи на осудениот да му се достави обвинителниот акт ако порано не му бил доставен, а може да определи предметот да се врати во состојба на истрага, односно да се спроведе истрага ако ја немало.

Според Законот за судовите, судската власт ја вршат судовите во Република Македонија и тие се самостојни и независни државни органи.

Според наведениот закон, судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Судовите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права.

Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување и економичност.

Со законите за одделни постапки поблиску се уредуваат начелата на постапката, начинот на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела.

Во Законот за кривичната постапка покрај правото на жалба како редовен правен лек со кој се прокламира и оживотворува двостепеноста во одлучувањето како гаранција за остварување на правото и врз закон засновани интереси, предвидени се и вонредни правни лекови и тоа вонредно ублажување на казната, барање за заштита на законитоста, барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда и повторување на постапката.

Законската одредба на членот 398 став 1 од Законот за кривичната постапка, ја регулира можноста на некое лице осудено во отсуство (член 292) повторно да му се суди во негово присуство надвор од условите предвидени во член 292 од овој закон, ако осудениот или неговиот бранител поднесат барање за повторување на постапката.

Според член 292 од Законот за кривичната постапка:
(1) Ако обвинетиот е уредно повикан а не дојде на главниот претрес ниту го оправда својот изостанок, советот ќе нареди да се до­веде присилно. Ако доведувањето не би можело веднаш да се изврши, советот ќе одлучи главниот претрес да не се одржи и ќе нареди обвине­тиот да се доведе присилно на идниот претрес. Ако до приведувањето обвинетиот го оправда изостанокот, претседателот на советот ќе ја отповика наредбата за присилно доведување.
(2) Ако обвинетиот кој уредно е повикан очигледно избег­ну­ва да дојде на главниот претрес, а не постојат причини за притвор предвидени во член 199 од овој закон, советот може да определи прит­вор за обезбедување присуство на обвинетиот на главниот претрес. Жалбата не го задржува извршувањето на решението за притвор. За притворот што е определен од оваа причина согласно се применуваат одредбите од член 198 до 213 на овој закон. Ако не биде порано укинат, притворот трае до објавувањето на пресудата, а најдолго 30 дена.
(3) На обвинетиот може да му се суди во отсуство само ако е во бегство или инаку не им е достапен на државните органи, а постојат особено важни причини да му се суди иако е отсутен.
(4) Решение за судење во отсуство на обвинетиот донесува советот по предлог од тужителот. Жалбата не го задржува извршува­њето на решението.

Во членот 292 од Законот се содржани претпоставките за одржување на главниот претрес во редовната постапка. Имено, од анализата на цитираната одредба од Законот јасно произлегува дека на обвинетиот ќе му се суди во отсуство само доколку е во бегство и е недостапен на државните органи, а постојат важни причини да му се суди во отсуство. Оттука, на обвинетиот ќе му се суди во отсуство согласно цитираната одредба од Законот, откако претходно биле преземени сите мерки предвидени во Законот, за негово обезбедување.

Во член 425 од Законот за кривичната постапка се предвидува дека судијата ги повикува на главниот претрес обвинетиот и неговиот бранител, тужителот, оштетениот и нивните законски застапници и толкувачот, а по потреба ќе ги прибави предметите што треба да служат како доказ на нивниот претрес.

Според ставот 2 на член 425 од истиот закон, на обвинетиот во поканата ќе му се назначи дека на главниот претрес може да дојде со докази за својата одбрана или доказите навремено да му ги соопшти на судот за да можат да се прибават за главниот претрес. Во постапката обвинетиот ќе се предупреди дека главниот претрес ќе се одржи и во негово отсуство ако за тоа постојат законски услови (член 428 став 4). До обвинетиот кон поканата ќе се достави и препис од обвинителиот предлог, односно од приватната тужба и ќе се поучи дека има право да земе бранител, но дека во случај кога одбраната не е задолжителна, поради недоаѓање на бранителот на јавниот претрес или земање бранител дури на главниот претрес, не мора да се одложи претресот.

Имајќи го во вид фактот дека во одредбите на Законот кои ја регулираат скратената постапка се содржани посебни (конкретни) решенија, по однос на претпоставките за одржување на главниот претрес, произлегува дека со конкретното наведување на член (292) во оспорената законска одредба се укажува дека правото на користење на вонреден правен лек – повторување на постапката не се однесува на оние лица, за кои тече постапката по одредбите за скратената постапка. Ова од причини што на овие лица им се суди во отсуство по сосема поинакви претпоставки за одржување на главен претрес кои децидно се содржани во членот 428 од Законот за кривичната постапка.

Имено, согласно член 428 од Законот за кривичната постапка:
(1) Главниот претрес ќе се одржи и ако не дојде јавниот обвинител кој е уредно поканет. Во тој случај оштетениот има право на главниотт претрес да го застапува обвинението во границите на обвинителниот предлог,
(2) Главниот претрес ќе се одржи иако не дојде оштетениот како тужител што е уредно поканет.
(3) Главниот претрес може да се одржи и ако не дојде приватниот тужител што има живеалиште надвор од подрачјето на судот со кој е поднесена приватната тужба, ако до судот ставил предлог главниот претрес да се одржи во негово отсуство.
(4) Ако обвинетиот не дојде на главниот претрес, иако уредно е повикан или поканата не можела да се врачи поради непријавување до судот, на промената на адресата или престојувалиштето, судот може да одлучи главниот претрес да се одржи и во негово отсуство под услов неговото присуство да не е нужно.

Од содржината на цитираната законска одредба јасно произлегува дека и во скратената постапка има повеќе исклучоци во однос на присуството на одделни кривично-правни субјекти на главниот претрес, а со цел постапката што повеќе да се забрза. Во ова законска одредба децидно се наведени условите, односно претпоставките кога може на обвинетот да му се суди во отсуство, а тоа е обвинетиот да е уредно повикан, непријавена промена на адреса и неможност за врачување на поканата за главен претрес и на крај неговото присуство да не било нужно.

Во случаи кога на обвинетиот му се суди во отсуство согласно цитираната законска одредба и претпоставките содржани во неа, на обвинетиот, согласно оспорениот дел од законската одредба на член 398 став 1 од Законот, не му е допуштено поднесување на ова вонредно правно средство бидејќи истиот имал можност да се отповика на поканата, бил уредно викан, но го избегнувал присуството или, исто така, не ја пријавил промената на адресата, кое е негова обврска, што значи дека по негова вина е суден во отсуство и истиот имал можност да присуствува на главниот претрес и да учествува во доказната постапка, знаел за текот на постапката, но го избегнувал присуството. Но, во овие услови обвинетиот има право да бара враќање во поранешната состојба, согласно овластувањата дадени во член 86 од Законот за кривичната постапка, односно на располагање му стои институтот враќање во поранешна состојба. Оттука, правото на обвинетиот да изјави барање за повторување на постапката го условува со претпоставките за одржување на главниот претрес, што според Судот, е право на законодавецот, кое го уредил со цел за побрзо и поефикасно завршување на кривичата постапка.

Според Судот, а тргнувајќи од наведените причини не би можело да стане збор за повреда на уставниот принцип за еднаквост на граѓаните во слободите и правата пред Уставот и законите, гарантирани во членот 9 од Уставот. Имено, до повреда на овој принцип би можело да дојде кога помеѓу граѓаните со иста правна положба, во оспорениот закон или друг акт, е направен различен правен третман по однос на правата и слободите, што во конкретнов случај не е така, бидејќи обвинетите не се наоѓааат во иста правна положба.

Во скратената постапка обвинетото лице знае за одржување на главниот претрес (ден, месец, година и место) ги има добиено актите за кривичен прогон (обвинителен предлог, приватна кривична тужба) врачени му се доказите, но не пристапува пред Судот да даде одбрана. Свесното одбегнување да се дојде до главен претрес и да се даде одбрана, со право законодавецот предвидел дека не е основ за повторување на постапката.

Имајќи го во вид наведеното, а во духот на почитување на Конвенцијата за заштита на човековите слободи и права, Република Македонија како потписник на наведената Конвенција во Законот за кривичната постапка го предвидува институтот повторување на постапката, а се со цел заштита на правото на осудениот на одбрана заради исполнување на основната цел на кривичната постапка – докажување на вината, односно невиноста на едно обвинето лице, кое поради одредена причина не било во можност тоа да го докажува во правната постапка, поради што се дозволува нејзино повторување, но само во случаи и услови предвидени со овој закон.

Според Судот, оспорениот дел од законската одредба на член 398 став 1 од Законот за кривичната постапка, не може да биде доведен под сомнение во однос на одредбите од Уставот, на кои се повикува подносителот на иницијативата, а особено во однос на член 9 од Уставот бидејќи станува збор за лице со различна правна положба, поради што не го постави прашањето за согласноста со одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски