Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Макеоднија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Зинета Нурковиќ од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кое се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, предизвикана со пресудата РОЖ бр. 1373/08 од 06.11.2008 година на Апелациониот суд Скопје.
2. Зинета Нурковиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, кои смета дека и’ биле повредени со конкретни одлуки на надлежните судови и тоа со пресуда Ро.бр. 1429/07 од 15.04.2008 година на Основниот суд Скопје II Скопје и пресуда РОЖ бр. 1373/08 од 06.11.2008 година на Апелациониот суд Скопје.
Во барањето се наведува дека со наведените пресуди и’ биле повредени нејзините слободи и права што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно наведува дека само заради тоа што била бошњак по национална припадност, не била примена на објавениот оглас за прием на извршители во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје, на кој начин, смета дека грубо била повредена темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во членот 8 став 1 алинеја 2 од Уставот односно слободното изразување на националната припадност.
Од овие причини, подносителката на барањето предлага Судот да утврди повреда на правата и слободите утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот и да ја поништи пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ. Бр. 1373/08 од 06.11.2008 година.
3. Судот на седницата утврди дека со пресуда Ро.бр.1429/07 од 15.04.2008 година, Основниот суд Скопје II Скопје го одбил како неосновано тужбеното барање од тужителката Зинета Нурковиќ, со кое барала да се поништи известувањето број 04-1760 од 25.07.2006 година за прием на 11 шалтерски работници и да се задолжи Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје да изврши повторен правилен и законит избор на 11 шалтерски работници, како и избор на 30 работници пошторазнесувачи, согласно бараните услови во објавениот оглас во весникот “Дневник” од 25.05.2006 година, од веќе пријавените кандидати на огласот. Со пресуда РОЖ.бр.1373/08 од 06.11.2008 година на Апелациониот суд Скопје, жалбата вложена од страна на подносителката била одбиена како неоснована, а првостепената пресуда потврдена.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 2 и амандманот VI со кој се дополнува алинејата 2 на членот 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа.
Едни од основните слободи и права на човекот и граѓанинот се и граѓанските и политичките слободи и права и економските, социјалните и културните права.
Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, кој се однесува на економските, социјалните и културни права, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и на секому под еднакви услови, му’ е достапно секое работно место.
Со членот 50 од Уставот, утврдено е дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во конкретниов случај, подносителката Зинета Нурковиќ смета дека со двете известувања број 1760 од 25.07.2006 година и број 1761/1 од 24.07.2006 година за прием на шалтерски работници и пошторазнесувачи во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје и двете пресуди Ро.бр.1429/07 од 15.04.2008 година на Основниот суд Скопје II Скопје и РОЖ.бр. 1373/08 од 06.11.2008 година на Апелациониот суд Скопје, и’ биле повредени слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност.
Подносителката во барањето за заштита на слободите и правата до овој Суд, како единствена причина поради која ја бара заштитата, ја наведува околноста дека само заради тоа што била бошњак по националност не била примена на работа по објавениот оглас од страна на Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје, со што грубо била повредена темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија што се однесува на слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа.
Од целокупниот приложен материјал (известувања, судски пресуди и др.), со кој подносителката тврди дека е сторена повредата од член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај не произлегуваат воопшто елементи на дискриминација по основ на национална припадност, како во спроведената постапка за прием на извршители во Јавното претпријатие “Македонска пошта”-Скопје, така и во Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места на вработените кај туженото Јавно претпријатие “Македонска пошта”-Скопје и судските пресуди со кои е одлучувано по тужбеното барање од подносителката.
Според Судот, во случајов подносителката на барањето, незадоволна од одлуките на надлежните органи и судови, всушност бара Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дека конкретните акти на органите и судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оценка на нивната законитост, при што барателката заради остварување на права од работен однос (вработување) само начелно се повикува на заштита на слободи и права пред Уставниот суд. Правата од работен однос сака да ги оствари барајќи Уставниот суд да утврди дискриминација врз основа на национална припадност преку поништување на конкретните одлуки како незаконити, што не е надлежност на Судот да решава за права од работен однос кои биле предмет на одлучување пред надлежните органи и судови, ниту е повисок надреден суд кој ја цени нивната законитост.
5. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.28/2009
11 март 2009 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски