233/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 2 и член 29 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби немале основа во Уставот на Република Македонија затоа што на обврзникот за плаќање на придонеси не можело со закон да му се наметнуваат обврски да ја известува Управата за јавни приходи за пресметката и уплатата на придонесите, а уште помалку, за нивното неизвршување тој да бил казнет со глоба до 1000 евра во денарска противвредност. Ова од причина што, според иницијативата, тоа било должност на самата држава Република Македонија, Управата за јавни приходи и нејзините надлежни инспекциски органи.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 1 од оспорениот закон обврзникот за пресметка и уплата на придонесите согласно со прописите од областа на работните односи е должен да му достави заверена писмена пресметка за пресметаните и уплатените придонеси на обврзникот за плаќање на придонеси најдоцна 15 дена од денот на исплатата на плата или дел од плата, надоместок на плата, односно друг паричен надоместок, како и збирен годишен извештај по истекот на годината, најдоцна до 15 февруари наредната година.

Според став 2 на член 22 од истиот закон обврзникот за плаќање на придонеси е должен да ја извести Управата за јавни приходи доколку обврзникот за пресметка и уплата на придонесите постапил спротивно на ставот 1 од овој член.

Според член 29 од законот, глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противредност ќе му се изрече на обврзникот за плаќање на придонеси доколку не достави известување до Управата за јавни приходи дека обврзникот за пресметка и уплата на придонесите постапил спротивно на членот 22 став 2 на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека Уставот прокламира и утврдува право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност, која се остварува врз начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламирањето на наведените уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјално осигурување, начинот, постапката и условите за остварување на овие права се оставени за уредување на законодавната власт.

Видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување се предмет на уредување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Според член 1 од наведениот закон, се уредуваат видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонеси, обврзниците за пресметка и уплата на придонесот, основиците на кои се плаќаат придонеси, стапките на придонеси, начинот на пресметка, роковите на плаќање на придонеси, контрола на пресметување и уплата на придонеси, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Согласно членот 2 од истиот закон, со плаќање на придонесите се обезбедуваат средства за финансирање на задолжителното социјално осигурување.

Во Глава VII „Пресметка и уплата на придонесите“ од Законот, односно во член 17 е предвидено дека придонесите ги пресметува, задржува и уплатува обврзникот за пресметка и уплата на придонеси при секоја исплата на плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок (став 1). Начинот на пресметката и уплата на придонесите со акт го пропишува министерот за финансии (став 2).

Според член 19 од Законот, контрола и потврда на налогот за плаќање врши Министерството за финансии согласно со актот од членот 17 став 2 на овој закон.

Во член 22 став 1 од Законот е предвидено дека обврзникот за пресметка и уплата на придонесите согласно со прописите од областа на работните односи е должен да му достави заверена писмена пресметка за пресметаните и уплатените придонеси на обврзникот за плаќање на придонеси најдоцна 15 дена од денот на исплатата на плата или дел од плата, надоместок на плата, како и збирен годишен извештај по истекот на годината најдоцна до 15 февруари наредната година.

Оспорениот став 2 на член 22 од Законот предвидува дека обврзникот за плаќање на придонеси е должен да ја извести Управата за јавни приходи доколку обврзникот за пресметка и уплата на придонесите постапил спротивно на ставот 1 на овој член.

Во членот 23 став 1 од овој Закон, е предвидено дека контролата, утврдувањето, наплатата, присилната наплата, застареноста и отпишувањето на придонесите ги врши Управата за јавни приходи согласно со Законот за даночната постапка. Институциите за задолжително социјално осигурување вршат дополнителна контрола на утврдувањето на податоци за придонесите, согласно со сопствените потреби (став 2). За утврдените состојби од ставот 2 на овој член, институциите за задолжително социјално осигурување ја известуваат Управата за јавни приходи (став 3).

Од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека одредбите од Законот се применуваат, меѓу другото, за исполнување на обврските во врска со плаќањето на придонесите од задолжителното социјално осигурување од кои пак се обезбедуваат средства за негово финансирање. Целината на законот имплицира обврска за работодавецот да ги пресметува, задржува и уплатува придонесите при исплата на секоја плата, односно дел од плата и истовремено да достави заверена писмена пресметка за пресметаните и уплатените придонеси на работникот. Контролата на наплатата на придонесите ја врши Управата за јавни приходи.

Во конкретниов случај според Судот основано може да се постави прашањето дали обврските на работникот, односно обврзникот за плаќање на придонеси, да ја извести Управата за јавни приходи во случај кога работодавачот, односно обврзникот за пресметка и уплата на придонесите не извршил уплата на придонесите, е во согласност со Уставот на Република Македонија. Ова од причина што на обврзникот за плаќање на придонеси, не може со закон да му се востановуваат вакви обврски. Имено, ваква обврска за контрола во работењето на правните лица, како и обврската на почитување и исполнување на предвидените законски обврски за уплата на придонесите, може да ја вршат само надлежните државни институции, односно директно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни инспекциски органи, како и дополнително институциите за социјално осигурување, но во никој случај, тоа не би можело да падне на товар на работникот, односно на обврзникот за плаќање на придонеси.

Според мислењето на Судот, целта на оваа мерка е оневозможување на несовесните работодавачи навреме да ги плаќаат придонесите и да не го изигруваат исполнувањето на основното начело пропишано во член 34 од Уставот. Но, и покрај тоа што оваа цел е легитимна, бидејќи е во функција на воспоставување на социјална дисциплина, сепак конкретниот начин преку кој законодавецот сакал да ја оствари оваа цел е непропорционална, од причина што истата е имеративна, а не кондиционална, и истовремено претставува оптоварување на граѓанинот, односно работникот. Ова дотолку повеќе што неопходно е взаемно функционирање на институциите на системот и нивно координирано соработување со цел за исполнување на овие предвидени законски обврски.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот востановената обврска со законот за обврзникот за плаќање на придонеси значи повреда на уставното начело на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните, бидејќи таквата обврска не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на социјалната заштита, а во таа смисла и на начелото на солидарност, поради што основано се постави прашањето за согласноста на оспореното законско решение со начелото на социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Обврската за работникот тој да ја известува Управата за јавни приходи за пропустот на работодавецот за неплаќање на придонесите и предвидената глоба за обврзникот (работникот) за плаќање на придонеси доколку не достави известување до Управата за јавни приходи дека обврзникот за пресметка и уплата на придонесите не му доставил заверена писмена пресметка за пресметаните и уплатени придонеси на обврзникот за плаќање на придонеси во предвидениот рок, според Судот, не е пропорционална и соодветна. Имено, таква контрола на работењето на обврзникот за пресметка и уплата на придонесите треба да ја вршат надлежните инспекциски органи, а не работникот како обврзник за плаќање на придонеси.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот став 2 на член 22 и член 29 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.233/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски