Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 12 ставовите 3 и 4 и член 13 став 1 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007 и 161/2008 и 6/2009).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 16 ставовите 2 и 3 од Правилникот за критериумите и стандардите, како и постапката за селекција и вработување на државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 85/2005, 97/2007 и 99/2007)
3. Горан Арсов од Делчево и Андреј Стојчевски од Македонска Каменица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот означен во точка 1 од ова решение и на уставноста и законитоста на одредби од Правилникот означен во точка 2 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата, член 12 став 3 од Законот за државните службеници, според кој за вработување на раководните државни службеници, изборот од предложената листа од комисијата од член 11 став 2 на овој закон, го вршел министерот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон, бил во спротивност со член 32 став 2 од Уставот, затоа што се нарушувало уставното право на неизбраните кандидати да имаат еднакви услови за вработување со избраните кандидати, бидејќи не биле избрани со еднаков критериум за сите. Ова затоа што за листата на најуспешните пет кандидати, врз чија основа се вршело бодирањето, немало критериуми за вработување, поради што бирањето било лично право на министерот, односно функционерот кој раководи со органот, со што се кршело уставното право на секој кандидат да има еднакви можности за вработување.
Членот 12 став 4 од Законот за државните службеници, според кој за вработување на стручни и стручно-административни државни службеници, изборот од предложената листа го вршела комисијата од член 11 став 2 на овој закон, бил во спротивност со член 32 став 2 од Уставот, затоа што за листата на кандидати, врз чија основа се вршело бодирањето, немало точно определени критериуми за бодирање, па изборот на кандидатот било дискреционо право на Комисијата за вработување, со што се кршело уставното право на секој кандидат да има еднакви можности за вработување.
Во член 13 став 1 од Законот, според кој Комисијата од член 11 став 2 на овој закон го вршела изборот на кандидатите за работно место во звање помлад соработник и помлад референт врз основа на листа од пријавените кандидати која ја подготвувала комисијата, јасно било кажано дека Комисијата за вработување има дискреционо право да дава вработување на кандидат кој е на листа од кандидати, со што се нарушувало уставното право на неизбраните кандидати да имаат еднакви услови за вработување со останатите кандидати.
Според член 16 став 2 од Правилникот за критериумите и стандардите, како и постапката за селекција и вработување на државните службеници, според кој комисијата за вработување, во рок од 15 дена од објавувањето на ранг листата од став 1 на овој член, спроведувала интервју и врз основа на бодовите за проверката на компетентноста постигнати на интервјуто, изготвувала ранг листа на пет најуспешни кандидати, произлегувало дека проверката на компетентноста за вработување на интервјуто не се вршела според точно определени критериуми за бодирање на кандидатите пропишани со закон или со правилник на Агенцијата за државни службеници, туку со нетранспарентни бодовни листи и нерегуларно и субјективно оценување од страна на комисијата за вработување, со што се нарушувало уставно утврденото право на секој кандидат да има еднакви услови за вработување со сите кандидати. Неизбраните кандидати Комисијата ги известувала само со писмо, а не и со бодовната листа за кандидатот.
Согласно член 16 став 2 од истиот правилник, според кој изготвената ранг листа од став 2 на овој член се доставувала до секретарот, односно функционерот кој раководи со орган од член 3 ставовите 2 и 3 од Законот за државните службеници во кој не се именува секретар, кој го врши изборот на кандидатот, јасно било кажано дека секретарот, односно функционерот, имал лично право да вработува кандидат кој е на листа од пет кандидати, со што се нарушувало уставното право на неизбраните кандидати да имаат еднакви услови за вработување со избраните кандидати.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби.
4. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 3 од Законот за државните службеници, по исклучок, листата од ставот 2 на овој член се проширува со кандидатите кои имаат резултати како последниот кандидат од листата, а според став 4 на истиот член, кандидатите од ставовите 2 и 3 на овој член до Агенцијата за државни службеници доставуваат докази за исполнување на условите од членот 9 на овој закон.
Според член 13 од овој закон, Агенцијата подготвува листа од пријавените кандидати за работно место во звање помлад соработник и помлад референт и ја доставува до Комисијата од член 11 став 4 на овој закон.
Судот, исто така, утврди дека согласно член 16 став 2 од Правилникот за критериумите и стандардите, како и постапката за селекција и вработување на државните службеници, комисијата за вработување, во рок од 15 дена од добивањето на ранг листата од став 1 на овој член спроведува интервју и врз основа на вкупно остварените бодови за стручност и компетентност, изготвува ранг листа од пет најуспешни кандидати. Според став 3 на истиот член, изготвената ранг листа од став 2 на овој член се доставува до секретарот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 и 3 од Законот за државните службеници во кој не се именува секретар, кој го врши изборот на кандидатот.
5. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со Законот за државните службеници се уредува статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државните службеници.
Законот е донесен на 20 јули 2000 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија “ бр. 59/2000. Овој текст на Законот има претрпено повеќе измени и дополненија, што видно од тоа како се означени оспорените одредби во иницијативата, им било познато на подносителите на иницијативата.
Меѓутоа, и покрај наведеното, подносителите на иницијативата се повикуваат на оцена на уставност на одредби од Законот кои се изменети во својата содржина и кои повеќе, во оспорениот текст, не се дел од правниот поредок на Република Македонија. Имено, членовите 12 и 13 од Законот се оспоруваат во текст кој бил содржина на Законот при неговото донесување, но овие членови биле предмет на измена повеќе пати, а нивната актуелна и важечка содржина, која е сосема поинаква од содржината која се оспорува, ја имаат добиено со измените извршени со член 10 и член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (во „Службен весник на Република Македонија “ бр. 81/2005).
Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека со иницијативата се оспоруваат одредби кои не се дел од правниот поредок на Република Македонија, поради што оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
6. Правилникот за критериумите и стандардите, како и постапката за селекција и вработување на државните службеници е донесен врз основа на член 12-а од Законот за државните службеници, според кој Агенцијата за државни службеници со правилник ги утврдува критериумите и стандардите како и постапката за селекција и вработување на државните службеници.
Согласно член 2 на овој правилник, за обезбедување на професионално, политички неутрално и непристрасно работење на државните службеници, при нивното вработување се применуваат критериумите на стручност и компетентност. Под стручност, во смисла на овој правилник, се подразбира постигнатиот успех во образовниот процес и остварените резултати на стручниот испит (член 3). Под компетентност, во смисла на овој правилник, се подразбира степенот и видот на образование, работното искуство во струката, способноста, умешноста и вештината за извршување на работите (член 4)
Со член 5 од Правилникот се пропишува начинот на утврдување на стручноста од член 3, која се врши преку вреднување на постигнатиот успех во образовниот процес и остварените резултати од стручниот испит. Со член 6 од Правилникот се пропишува начинот на утврдување на компетентноста од членот 4, кој се врши со увид во доказите за стекнатиот степен и вид на образование и работното искуство во струката, како и вреднување на резултатите од интервјуто за проверка на способноста, умешноста и вештините за извршување на работите.
Со член 7 од Правилникот се утврдува дека стручноста и компетентноста се вреднува со вкупно 100 бода и тоа: до 10 бода за просечната оценка за успехот во образованието, до 80 бода за резултатите од стручниот испит и до 10 бода за резултатите од интервјуто.
Според член 10 од Правилникот, бодовите со кои се вреднуваат резултатите од интервјуто, детално ги утврдува Комисијата за спроведување на постапката за вработување на државните службеници од член 11 став 4 од Законот за државните службеници , најдоцна до почетокот на интервјуто.
Согласно член 15 од Правилникот, Комисијата за вработување, по приемот на конечната листа на најуспешни кандидати кои полагале стручен испит, во рок од 15 дена спроведува интервју со кандидатите и изготвува ранг листа, врз основа на вкупно остварените бодови за стручност и кометентност.
Со членот 16 од Правилникот се пропишува начинот на постапување на Комисијата за вработување на кандидатите за работните места помлад референт и помлад соработник , кои се вработуваат како приправници. Со оглед дека овие кандидати, согласно член 12 став 1 од Законот за државните службеници, не полагаат стручен испит, со ставот 1 на член 16 од Правилникот се пропишува дека ранг листата на овие кандидати, подготвена врз основа на просечната оцена за успехот во образованието, се доставува до Комисијата за вработување, која согласно оспорениот став 2 од овој член, во рок од 15 дена од добивањето на ранг листата, спроведува интервју и врз основа на вкупно остварените бодови за стручност и компетентност, изготвува ранг листа од пет најуспешни кандидати. Согласно став 3 на овој член, кој исто така се оспорува, изготвената ранг листа се доставува до секретарот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 на овој закон во кој не се именува секретар, кој го врши изборот на кандидатот.
Со иницијативата се оспорува проверката на компетентноста на кандидатите за работните места помлад референт и помлад соработник, кои се вработуваат како приправници, затоа што проверката не се вршела според точно одредени критериуми за бодирање на кандидатите утврдени со закон или правилник на Агенцијата за државни службеници, туку со нетранспарентни бодовни листи и нерегулирано оценување од страна на Комисијата за вработување, со што се нарушувало уставното право на еднакви услови за вработување на сите кандидати на огласот за вработување.
Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани. Ова од причина што со Правилникот се утврдува дека компетентноста на кандидатите се утврдува со увид во доказите за стекнатиот степен и вид на образование и работното искуство во струката, како и со вреднување на резултатите од интервјуто за проверка на способноста, умешноста и вештините за извршување на работите. Понатаму, се утврдува дека просечната оценка за успех во образованието се вреднува до 10 бода, а резултатите од интервјуто, исто така, се вреднуваат до 10 бода. Бодовите со кои се вреднуваат резултатите од интервјуто, конкретно ги утврдува Комисијата за вработување, најдоцна до почетокот на интервјуто. Комисијата за вработување, согласно член 11 став 5 од Законот за државните службеници, ја сочинуваат три члена, од кои еден раководен државен службеник и еден стручен државен службеник од органот за чии потреби се врши вработувањето и еден член од Агенцијата за државни службеници.
Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека содржината на интервјуто, како еден од критериумите од чие вреднување зависи редоследот на кандидатите на ранг листата за вработување, е утврдена со Правилникот, односно дека со интервјуто се проверуваат способноста, умешноста и вештините за извршување на работите за работните места со звања помлад референт и помлад соработник, како и се утврдува дека резултатите од интервјуто можат најмногу да се вреднуваат со 10 бода. При тоа е оставено на Комисијата за вработување, како орган чиј состав е утврден со Законот и кој треба да биде гаранција за стручно, компетентно и непристрасно спроведување на постапката за вработување, имајќи го предвид карактерот и спецификите на работите за кои е објавен огласот, односно специфичните барања во одделни органи за чија потреба се врши вработувањето, детално да ги утврди бодовите што можат да се добијат по однос на секој од елементите кои се содржина на интервјуто, со обврска тоа да го утврди најдоцна до почетокот на интервјуто, со што ќе се обезбедат услови за објективно бодирање на сите кандидати. Според Судот, ваквото пропишување на постапката за селекција и вработување на приправници на работни места со звања помлад референт и помлад соработник, е во согласност со одредбите на Законот за државните службеници со кои се уредува вработувањето на државните службеници и создава нормативна претпоставка за транспарентно и објективно селектирање на најуспешните кандидати кои се пријавиле за вработување, поради што Судот оцени дека немаат основ наводите во иницијативата дека ваквата одредба создавала услови за нееднаквост помеѓу кандидатите за вработување.
Оспорениот став 3 од овој член од Правилникот е во согласност со одредбата од член 12 став 6 од Законот за државните службеници, каде е пропишано дека изготвената ранг листа се доставува до секретарот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 став 2 и 3 од Законот за државните службеници во кој не се именува секретар, кој го врши изборот на кандидатот, поради што Судот оцени дека не стојат наводите во иницијативата дека со ваквата одредба од Правилникот се нарушувало, како што се наведува во иницијативата, уставното право на неизбраните кандидати да имаат еднакви услови за вработување со избраните кандидати.
Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 16 ставовите 2 и 3 од Правилникот со одредбите на Уставот и со Законот за државните службеници.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.217/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски