190/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за спроведување на мерките за сеча на ретки видови дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума, број 02-5461/2 од 21 април 2008 година, донесено од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Упатството означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспореното Упатство го донел министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство без постоење на законски основ, бидејќи Упатството не се однесувало на извршување и операционализација на конкретен закон, туку се повикувало општо на членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 98/2002) а според оваа одредба од Законот, министерот можел да донесува правилници, наредби, упатства и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, но притоа децидно е наведено дека само кога за тоа бил овластен со закон. Од овие причини како и поради тоа што не било објавено во „Службен весник на Република Македонија“, оспореното Упатство не било во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 52 став 1 и членот 96, како и не било во согласност со одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за шумите.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 98/2002), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донел Упатство за спроведување на мерките за сеча на ретки видови дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума.

Со одредбите од Упатството е уредено дека одобрението за сеча и ознаката на дрвото за сеча на ретките видови дрвја и на поединечни или група шумски дрвја надвор од шума, по барање на сопственикот односно корисникот на земјиштето, го издава Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ односно правното лице кое врши одгледување и заштита на дрвата, доколку се тие суви или заболени, физиолошки зрели или постојат други причини поради кои им претстои опасност од сушење, се вршат агротехнички мерки или градежни зафати и слично (точки од 1 до 4); потоа, за издаденото одобрение подносителите не уплаќаат средства за проста репродукција на дрвата, снабдување со испратница за превоз до местото за жигосување и вршење на жигосување на исечените дрва го врши Јавното претпријатие за стопансиување со шуми „Македонски шуми“ односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумите, а испратницата и одобрението за сеча при превезувањето на дрвата превозникот е должен да ги носи со себе (точки од 5 до 9); потоа, трошоците на услугата на Јавното претпријатие ги поднесува барателот на барањето за одобрение за сеча, а сопственикот, односно корисникот на земјиштето може да врши продажба на исечените дрва врз основа на одобрение за продажба кое го издава подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, против овој акт на министерството може да се изјави жалба до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, и ова Упатство влегува во сила со денот на донесувањето (точки од 10 до 13).

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 7/2000, 89/2004, 54/2007 и 103/2008) во време кога бил донесен 1997 година, во членот 33 став 1 предвидел дека во надлежност на јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, биле означувањето на сеча на ретки видови дрвја и на дрвја надвор од шума. Меѓутоа, со измените и дополнувањата на овој закон во 2004 година, овие активности биле изземени од нивна надлежност и со тоа преминале во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но подоцна, со измените и дополнувањата на Законот за шумите во 2008 година вратена била предметната надлежност повторно на јавните претпријатија и правните лица.

Со оглед на тоа што со новиот Закон за земјоделско замјиште („Службен весник на Република Македонија“ број 135/2007) не била регулирана сечата на ретките видови дрвја и на дрва надвор од шума во рамки на надлежностите на Министерството, а како што е погоре наведено, со Законот за изменување и дополнување на Законот за шуми во 2008 година тоа е во надлежност на јавните претпријатија и правните лица, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во одговорот на наводите во иницијативата, го известил Судот дека оспореното Упатство престанало да важи, односно министерот немал законски основ да го координира работењето на вработените во Министерството и неговите подрачни единици за надлежност која ја немало, односно која била во рамките на јавните претпријатија и правни лица согласно со закон.

Тргнувајќи од утврдената правна и фактичка состојба, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека во случајов поради престанок на важењето на оспорениот акт се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр190/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски