200/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на насловот пред член 145 и член 145 став 1 и став 2 во делот „ или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008 и 161/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 46 став 1, член 106 став 3, член 128 став 4, член 137 ставовите 1 и 2 од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 од Законот означен во точка 1 на ова решение и на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008).

4. Сојузот на синдикатите на Македонија и Нова социјалдемократска партија , на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 3 од ова решение.

Сојузот на синдикатите на Македонија, како подносител на иницијативата, смета дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), доаѓа до правна несигурност на веќе уредените права од работен однос, нееднаквост на правата на работниците, односно граѓаните спротивно на член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 и член 32 став 5 од Уставот.

Оспорениот член 1 став 2 од Законот пропишувал дека остварувањето на правата на вработените и нивната полжба се уредуваат со закон, колективен договор и со договорот за вработување, што не било во согласност со член 32 став 5 од Уставот според кој остварувањето на правата на вработените и нивната полжба се уредуваат со закон и со колективен договор, од каде произлегувало дека законодавецот неосновано го изедначувал договорот за вработување со закон и колективен договор. Поради тоа, со иницијативата во суштина, како неуставен, се оспорува ставот 2 во делот „ и со договорот за вработување“.

Содржината на оспорениот член 46 став 1 од Законот била нејасна и јасно не определувала за какви работи може да се склучи договор на определено време. Доколку законодавецот не можел на јасен и недвосмислен начин да ги утврди овие работи, можеби требало да даде можност ваквите работи да се дефинираат со колективен договор. Освен тоа, должината на склучувањето на ваквиот договор на определено време до 5 години бил предолг временски период што оставал можност работодавачот да го злоупотребува овој став и да доведува во нерамноправна положба одреден број работници во споредба со останатите работници. Поради тоа, оваа одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8 и член 9 од Уставот.

Според оспорениот член 106 став 3 од Законот, кој ја добива содржината со измената на оваа одредба направена со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), практично неделата била преправена во работа во ден на неделен одмор кога работникот би примал додаток доколку би работел на тој ден. По правило, неделата секаде во светот била утврдена како неработен ден, со исклучок на одредени дејности. Со наведената измена практично се оневозможувало работникот да добие додаток на плата за работа во недела. Поради тоа одредбата била нејасна, ограничувачка, дискриминаторска и ги ставала во нерамноправна положба работниците кои работеле во недела и работниците кои ќе работат во ден на неделен одмор, поради што била во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 и член 32 став 5 од Уставот.

Оспорениот член 128 став 4 од Законот, по бришењето на втората реченица од овој став, извршена со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), со која било регулирано дека работникот во ноќна смена смее да работи најдолго една недела, станувал нејасен, двосмислен и не определувал колку време работникот треба да работи во ноќна смена. Не било јасно што значело периодично менување на работниците за работа во смени, односно во ноќна смена, дали тоа значело периодично менување за период од 3 месеци, за период од 6 месеци, за период од година дена или пак повеќе. Имајќи во предвид дека работата во ноќна смена е утврдена како посебен услов при работењето за кој се добива дополнителен додаток, се поставувало прашањето дали законодавецот морал и дали било потребно периодичното менување да го дефинира во текот на месецот, во текот на неделата или во текот на годината. Со оспорената регулатива практично остварувањето на правата на вработените и нивната положба не била уредена со закон, што било спротивно на владеењето на правото, хуманизмот и социјалната правда и солидарноста, значело нееднаквост на примената на Законот кон работниците, односно граѓаните, што било во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 и член 32 став 5 од Уставот.

Со новата содржина на оспорениот член 137 ставовите 1 и 2, која е резултат на измените извршени со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), битно било променето решението колку денови работникот има право на годишен одмор. Со новото решение практично било избришано правото на годишен одмор и законодавецот дефинирал дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена. Во таков случај се поставувало прашањето дали ќе бидат платени деновите над 20 дена ако работникот ги користи како годишен одмор и дали постои облигација да тие денови бидат платени. Освен тоа, се поставувало прашањето дали решението во ставот 2 на овој член според кое годишниот одмор со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 дена, не значело повреда на уставната определба дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор. Поради наведеното , членот 137 ставовите 1 и 2 од Законот биле во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 и член 32 ставовите 4 и 5 од Уставот.

Според оспорениот член 145 став 1 од Законот, со кој се регулира дека ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување на неискористените денови на годишен одмор во висина на просечната плата на работникот за тие денови, се давало право на работодавачот перманентно, во тек на повеќе години да не му овозможи на работникот искористување на годишниот одмор. Поради тоа се поставувало прашање дали Законот за работните односи воопшто го регулирал правото на годишен одмор, односно дали такво право воопшто постоело. Сосема друго било прашањето дали работникот ќе барал обештетување по однос на неискористен годишен одмор по вина на работодавачот, дали тоа право ќе можел да го оствари имајќи предвид дека Законот не дефинира право на годишен одмор, туку право на платен годишен одмор. Очигледно било дека оспорената одредба била во спротивност со член 32 ставовите 4 и 5 од Уставот каде на јасен и недвосмислен начин било утврдено дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и дека од тие права вработените не може да се откажат. Спротивно на ваквата уставна определба, со оспорената одредба законодавецот му пренесувал на работодавачот право на работникот да не му дава годишен одмор, односно да не му определува годишен одмор, односно работодавачот да го го ускратува остварувањето на правата на вработените и нивната положба уредена со закон и со колективен договор.

Поради напред наведеното, се предлага оспорените одредби од Законот за работните односи да бидат поништени како противуставни.

Според Нова социјалдемократска партија, како втор подносител на иницијатива, со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008) со кој е избришан член 98 од Законот за работните односи, со кој се уредувало дека ако работодавачот го откаже договорот за работа на работникот поради деловни причини, работодавачот да не може на истото работно место да вработи друг работник со иста стручна подготовка и занимање во рок од една година од денот на престанокот на работниот однос и дека ако пред истекот на тој рок настане потреба за вршење на истите работи, предност за склучување на договор за вработување имал работникот на кој претходно му престанал работниот однос, се отстранувал еден од позначајните правни механизми на обезбедување на правата од работен однос и спречување на кршење било кое од правата од работен однос. Дополнително, со бришењето на овој член се создавала можност и се давало право на работодавачот веднаш по откажувањето на договорот поради деловни причини, да прими на тоа работно место друг работник веќе наредниот ден, без да помине определен временски период (дванаесет месеци), а при тоа да не биде обврзан истото работно место да го понуди на отпуштениот работник.

Доследната примена во законската регулатива и во практиката на уставната гаранција во поглед на вработувањето требало да биде елемент за јакнење на довербата кај луѓето во уставниот и правниот поредок и доследна примена на можноста на конструктивна конкуренција при вработувањето, а со бришењето на одредбата на член 98 од Законот, се рушела уставната гаранција за доследно почитување на правата од работен однос на работниците.

Според тоа, со оспорениот член се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 32 и член 51 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 2 од Законот за работните односи, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Според член 46 став 1 од истиот закон, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.

Согласно член 106 став 3 од овој закон, додатоците на платата се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

Според член 128 став 4 од Законот, ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди периодично менување на работниците.

Согласно член 137 од овој закон, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена, а според став 2 на истиот член, годишниот одмор од ставот 1 на овој член со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.

Според член 145 од Законот, ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување за неискористените денови на годишен одмор, во висина на просечната плата на работникот за тие денови.

Судот, исто така, утврди дека согласно член 6 од Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), членот 98 од Законот, се брише.

6. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Со оспорениот член 145 став 1 од Законот , се утврдува основот и висината за плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор. Така, се утврдува дека ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување за неискористените денови на годишен одмор, во висина на просечната плата на работникот за тие денови. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член.

Според Судот, може да се постави прашањето за согласноста на законското решение од став 1 на членот 145 од Законот со член 32 став 4 од Уставот, според која одредба, вработените не можат да се откажат од правото на платен годишен одмор. Ова од причина што спротивно на наведената уставна гаранција која значи обврска за работодавачот да создаде услови за користење на годишен одмор на работникот и тој одмор да го плати, законодавецот пропишува можност работодавачот, наместо овозможување на користење на платен годишен одмор, на работникот да му исплати обештетување за неискористените денови на годишен одмор, односно користењето на годишниот одмор да го замени со парично обештетување. Ваквата одредба остава простор за толкување во смисла дека доколку за работодавачот е тоа поисплатливо, користењето на годишниот одмор на работникот може да го замени со исплата на парично обештетување и тоа без никакви санкции.

Поради тоа што оспорената законска одредба значи ускратување на уставно утврденото право на користење на платен годишен одмор на работниците, од кое тие не можат да се откажат, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 32 став 4 од Уставот.

Со оглед дека член 145 став 2 од Законот во делот „или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ ја следи правната судбина на ставот 1 на овој член, според Судот, натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значел повреда на начелото на владеењето на правото, поради што Судот оцени дека и за овој дел од одредбата, истовремено со одредбата од ставот 1 на истиот член, основано може да се постави прашањето за нејзината уставност. Поради истите причини, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за уставноста и на насловот пред оспорениот член 145, кој гласи: „ Плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор“.

7. Работниот однос, согласно член 14 од Законот за работните односи, се заснова за време чие траење не е однапред определено (работен однос на неопределено време). Но, работниот однос може да се заснова и за време чие траење е однапред определено (работен однос на определено време).

Според став 1 на член 46 од овој закон, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Ваквата содржина на одредбата е резултат на измената извршена со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), со која законодавецот го напуштил претходното решение во Законот кое определувало дека договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на работи кои по својата природа траат определено време, со прекин или без прекин до четири години. При ваква ситуација, со иницијативата се поставува прашањето дали новата регулатива е доволно јасна и прецизна имајќи во вид дека законодавецот не утврдил кои се работите кои по својата природа би траеле определено време, ниту пак дал можност ваквите работи да бидат дефинирани и утврдени со колективен договор. Освен тоа, се оспорува должината на склучувањето на договорите на определено време до 5 години, како предолг временски период што дава можност работодавачот да го злоупотребува ова решение и со тоа да ги доведува во нерамноправна положба работниците со договори за вработување на определено време со останатите работници.

Според Судот, новото законско решение не е во несогласност со начелото на владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и не значи повреда на загарантираното право на граѓаните на еднаквост пред Уставот и законите. Ова од причина што вработувањето на неопределено и на определено време се институти одамна познати во работното законодавство, кои по својата природа значат различно траење на работниот однос и само од тој аспект не може да се смета дека значат нееднаков третман на граѓаните, но законодавецот има обврска да ги уреди на начин кој сите лица во иста ситуација ќе ги третира на ист начин, со што ќе обезбеди еднаквост на граѓаните пред Уставот и закон.

Од анализата на целината на Законот, произлегува дека вработувањето на определено време се врши на ист начин и по иста постапка како што е пропишано за вработувањето на неопределено време, при што правата и обврските на работодавачот и на работникот се исти во двата случаи на вработување. Фактот што законодавецот се откажал од поблиско определување во овој закон на видот на работите за кои може да се склучи договор за вработување на определено време (освен определувањето дека замената на привремено отсутен работник и сезонската работа се работи кои по својата природа подразбираат вработување на определено време – член 46 ставовите 2 и 3 и член 47 од Законот), препуштајќи им го тоа на диспозиција на работодавачот и работникот, во суштина значи намалување на секакви ограничувања за склучување на вакви договори, што е во функција на олеснување на условите за вработување и поголема флуктуација на работната сила. Поради наведеното, Судот оцени дека не може да се прифати дека станува збор за нејасна и неприменлива одредба која го повредува начелото на владеењето на правото, особено имајќи предвид дека во Законот за агенциите за привремени вработувања („Службен весник на Република Македонија“ бр. 49/2006 и 102/2008), законодавецот таксативно ги определил случаите кога може да се склучи договор за вршење на привремени работи. Законското ограничување на траењето на договорите за вработување на определено време до пет години, по што, доколку вработувањето продолжи, тоа се трансформира во вработување на неопределено време, значи гаранција и заштита на работникот од можни злоупотреби од страна на работодавачот од неоправдано вработување на определено време во ситуација кога за истите работи постои реална потреба од потрајно извршување, поради што Судот оцени дека ваквата одредба не е во несогласност со начелото на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Покачувањето на границата од четири на пет години како временско ограничување за склучување на договори на определено време, по истекот на кој период може да дојде до трансформација на работниот однос од работен однос на определено во работен однос на неопределено време, спаѓа во сферата на уредувањето на работниот однос за чија целисходност одговара законодавецот, а од аспект на уставноста на ваквото решение, од значење е дека истото се однесува подеднакво за сите случаи на склучување на договори на определено време, што значи дека подеднакво важи за сите лица кои ќе се најдат во наведената ситуација, поради што Судот оцени дека не станува збор за повреда на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, гарантирана со член 9 од Уставот.

Со оспорениот член 106 став 3 од Законот се утврдуваат додатоците на плата на кои работникот има право за посебни услови при работа. Така, се утврдува дека додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

За иницијаторот е спорен додатокот на плата за работа во ден на неделен одмор, во смисла на тоа што смета дека со воведувањето на овој додаток на местото на додатокот за работа во недела, кое решение беше присутно во Законот пред измената на оваа одредба извршена со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), законодавецот го укинал правото на додаток за работа во недела, со што голем број на работници ќе бидат онеправдани и нема да можат да земат додаток на платата за работа во недела, поради што оспорениот став бил нејасен, ограничувачки и дискриминаторски и ги ставал во нееднаква положба работниците кои работат во недела и работниците кои ќе работат во ден на неделен одмор.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Имено, согласно член 116 став 1 од Законот, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно. Согласно став 2 на истиот член, работната недела по правило трае пет работни дена.

Согласно член 123 став 1 од Законот, распоредувањето и условите за времено прераспоредување на работното време се одредуваат со закон, колективниот договор или договорот за вработување.Согласно став 3 на овој член, при распоредување на полното работно време работникот не смее да биде распореден на помалку од четири работни дена во неделата. Според став 4 на истиот член, распоредувањето на работното време се врши според природата или организацијата на работата или потребите на корисниците. При распоредување, како и временото прераспоредување на полното работно време, работното време не смее да трае повеќе од 40 часа неделно и не помалку од четири часа дневно.

Според член 134 од Законот, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато. Ден на неделен одмор по правило е денот недела или друг ден во неделата.

Од наведената законска регулатива произлегува дека законодавецот го утврдил полното работно време, како и утврдил правила за распоредот на работното време, со што се овозможува непречено извршување на работите, од една страна, но и обезбедување време за дневен, неделен и годишен одмор на работникот, од друга страна. Во оваа смисла, при утврдувањето на правото на неделен одмор, законодавецот определил дека ден на неделен одмор, по правило е недела или друг ден во неделата.

Тргнувајќи од ваквото законско дефинирање на неделниот одмор, во оспорениот член 106 став 3 од Законот, законодавецот определил дека работата во ден на неделен одмор претставува основ за исплата на додаток на плата. Тоа значи дека и работата во недела и работата во друг ден во неделата, кој согласно правилата за распоред на работното време е определен како ден за неделен одмор, претставуваат основ за исплата на додаток на плата, од каде произлегува дека не се точни наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива работникот не ќе можел да зема додаток на плата за работа во недела. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одредба е јасна и во иста положба ги става сите работници кои ќе работат на ден на неделен одмор, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 и член 32 став 5 од Уставот.

Со член 128 од Законот, се уредува прашањето на правата на работниците кои работат ноќе. Така, се утврдува дека работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа (став 1). Ако на работник заради ноќна работа според мислење на лекарската комисија заради таквото работење би можела да му се влоши здравствената состојба, работодавачот е должен да го ангажира на соодветна работа дење (став 2). Работодавачот е должен на работниците кои работат ноќе да им обезбеди: 1) подолг одмор; 2) соодветна храна; 3) стручно раководство на работниот, односно производниот процес и 4) лекарски прегледи. Според оспорениот став 4 на овој член, ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди периодично менување на работниците. Согласно став 5 на овој член, работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.

Анализирајќи ја наведената законска одредба, произлегува дека законодавецот ги утврдил правата на работниците кои работат ноќе, во која смисла го уредил и прашањето на ноќната работа во смени, така што е утврдено дека ако работата се врши во смени, работодавачот е должен да обезбеди периодично менување на работниците. Ваквото законско решение се оспорува како нејасно, што давало можност за злоупотреба од страна на работодавачот по однос на работата во смени, од причина што со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008) е избришана втората реченица од ставот 4 на овој член, според која било утврдено дека работникот во ноќна смена смее да работи најдолго една недела, а со која измена практично оспорениот став 4 од овој член станувал нејасен, двосмислен и не определувал колку време работникот треба да работи во ноќна смена. Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Имено, со член 127 од Законот се дефинира ноќната работа, во смисла дека како ноќна работа се смета работењето во времето меѓу 22,00 часот и 6,00 часот наредниот ден. Ако со распоредувањето на работното време е одредена ноќна работна смена, за ноќно работење се сметаат осум непрекинати часа меѓу 22,00 часот и 7,00 часот идниот ден.

Со член 129 од Законот се уредува прашањето на ограничување на работата ноќе, така што се утврдува дека работното време на работникот кој работи ноќе до четири месеца не смее да трае просечно повеќе од осум часа дневно (став 1). Работното време на работникот кој работи ноќе на работно место, каде што постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, не смее да трае повеќе од осум часа дневно (став 2).

Со член 130 од Законот се утврдува обврска на работодавачот да се консултира со синдикатот пред воведување на ноќна работа, така што се утврдува дека работодавачот е должен пред воведувањето на ноќната работа, ако ноќната работа редовно се врши со работници кои работат ноќе најмалку еднаш годишно, да се консултира со репрезентативниот синдикат кај работодавачот, а ако таков нема, со работничкиот претставник за одредување на времето, кое што се смета како време на ноќното работење, за облиците на организирање на ноќното работење, за мерките за заштита при работа, како и мерки од социјалната заштита.

Со член 131 од Законот посебно се уредува ноќната работа на жените во индустријата и градежништвото.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот ја уредил ноќната работа, во која смисла го уредил и прашањето на ноќната работа во смени, задолжувајќи го работодавачот да обезбеди периодично менување на работниците кои работат во ноќна смена, при што определил дека работодавачот има обврска да се консултира со синдикатот пред воведувањето на ноќна работа во однос на тоа што се смета како време на ноќното работење, за облиците на организирање на ноќното работење, за мерките за заштита при работа, како и за мерките од социјалната заштита.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека законодавецот определил законска рамка за начинот на организирање на ноќната работа, при што ги овластил работодавачот и синдикатот да ги уредат конкретно прашањата за организирање на ноќната работа, вклучително и ноќната работа во смени, во тие законски рамки. Оттука, според Судот, не се точни наводите во иницијативата дека со оспорената одредба со која се утврдува обврска за работодавачот да обезбеди периодично менување на работниците кои работат во ноќна смена, остварувањето на правата на вработените и нивната положба практично не била уредена со закон, што било спротивно на владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарност и значела нееднаква примена на законот кон работниците.

Платениот годишен одмор, како уставно загарантирано право на работникот е утврдено во член 137 од Законот. Така, со став 1 на овој член се утврдува дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена, а според став 2 на истиот член, годишниот одмор од ставот 1 на овој член со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.

Определувањето на траењето на годишниот одмор се разработува во член 138 од Законот, според кој траењето на годишниот одмор определен со членот 137 на овој закон се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор (став 1). Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор (став 2). Како ден на годишен одмор се смета секој работен ден кој е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник одреден како работен ден (став 3).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот го утврдува времетраењето на годишниот одмор, определувајќи го неговото најмало, но и најдолго траење, при што остава со колективен договор или договор за вработување да се конкретизира траењето на годишниот одмор во наведените законски рамки, при што е неспорно дека така определениот годишен одмор е платен годишен одмор. Поради тоа, наводите во иницијативата дека наведената законска одредба била нејасна во смисла на тоа дали ќе бидат платени деновите на годишен одмор во траење над 20 дена, Судот ги оцени како неосновани.

8. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1, 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето; ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија, ценејќи ја уставноста на член 1 став 2 во делот “и договорот за вработување“ од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005), со Решение У. бр. 150/2005, не поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба. Во образложението на ова решение се наведува дека, колективните договори, договорите за вработување и актите на работодавачите немаат основ во Законот за работни односи да пропишуваат права и обврски од работен однос, туку можат да го уредуваат работниот однос во рамките утврдени со законот и на начин кој произлегува од одредбите од законот. Имено, поаѓајќи од определбите кои произлегуваат од Уставот, дека правата и обврските на граѓаните се утврдуваат со закон, дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со закон, произлегува и дека правата на вработените можат да се утврдуваат само со закон а нивното остварување се гарантира, согласно членот 32 став 5 од Уставот, да се уредува со закон и со колективен договор. Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби произлегува дека во основа концептот на Законот за работни односи ги поставил во овие рамки елементите на работниот однос, како во однос на правата и обврските кои се утврдуваат со закон така и во однос на нивното остварување кое се уредува со закон и со колективен договор. Со оглед на тоа што режимот на работниот однос е право на законодавецот да го пропише и уреди со закон на начин кој ќе го обезбеди остварувањето на правата и обврските од работен однос, со решението од членот 1 став 2 од Законот за работни односи за вклучување на договорот за вработување во уредувањето на работниот однос, не се нарушува уставната определба во членот 32 став 5 од Уставот со која во основа се гарантира неговото остварување.

Со оглед дека со иницијативата повторно се оспорува член 1 став 2 од Законот за работните односи поради можноста работниот однос да се уредува, покрај со закон и колективен договор, и со договор за вработување, односно од истите причини поради кои Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на оваа одредба и со Решението У. бр. 150/2005 не нашол елементи за нејзина неуставност, според Судот, не постојат основи за поинакво одлучување, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Новата социјалдемократска партија како подносител на иницијативата, го оспорува член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), со кој е избришан член 98 од Законот за работните односи, со што, според подносителот, се отстранувал еден од позначајните правни механизми на обезбедување на правата од работен однос и спречување на кршење било кое од правата од работен однос. Имено, со бришаниот член се уредувало дека ако работодавачот го откаже договорот за работа на работникот поради деловни причини, работодавачот да не може на истото работно место да вработи друг работник со иста стручна подготовка и занимање во рок од една година од денот на престанокот на работниот однос и дека ако пред истекот на тој рок настане потреба за вршење на истите работи, предност за склучување на договор за вработување имал работникот на кој претходно му престанал работниот однос. Со бришењето на овој член се создавала можност и се давало право на работодавачот веднаш по откажувањето на договорот поради деловни причини, да прими на тоа работно место друг работник веќе наредниот ден, без да помине определен временски период (дванаесет месеци), а при тоа да не биде обврзан истото работно место да го понуди на отпуштениот работник.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува отстранувањето од правниот поредок на членот 98 од Законот за работните односи, и всушност се бара Судот да ја укине оспорената одредба 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи и да ја врати во важност претходно важечката одредба која била бришана, Судот оцени дека не е надлежен да ја врши законодавната функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние кои не се во правниот поредок, ниту има процесни претпоставки да постапува по иницијативата односно да ја цени и оправдува уставната основаност на бришаната одредба и од друга страна уставната неоснованост на одредбата со која таа била бришана од Законот, како што се бара со иницијативата. Поради тоа Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на оваа иницијатива.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на точката 1, Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.200/2008
4 март 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски