98/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 46, 47, 51 и 52 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 62/2006 и 35/2008).

2. Панче Докузов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата ваквите законски решенија биле во контрадикторност со условите за избор на судии кои биле предвидени во претходниот закон пред неговата измена, кој, условот “завршена обука на Академија” не го предвидувал.

Во конкретниот случај, судијската функција не била достапна подеднакво за сите кандидати кои ги исполнувале условите од член 46, туку се давало апсолутна предност на оние кандидати кои по некоја врска успеале да дојдат на курс по обука организирана од Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Со посебните услови кои биле предвидени во оспорената законска одредба се „преценувала“ дипломата и работата на судиите во основните, апелационите, Управниот и Врховниот суд на Република Македонија во однос на дипломата на адвокатите и нивната професија, како и останатите правници со положен правосуден испит. Предвидувањето на работен стаж од пет години за апелациони и управни судии, осум години за врховни судии во однос на останатите правници кои ги исполнувале условите за избор на судии, бил школски пример на кроење на закон по мерка на власта и судиите.

Со предвидувањето во оспорениот член 47 од Законот, претседателите на судовите да се избираат од редот на судиите им се давало ексклузивно право и приоритет на вработените судии при изборот на престижната функција претседател на суд, законодавецот, автоматски забранил на оваа функција да дојде истакнат адвокат, обвинител, правник со положен правосуден испит и така натаму, поради што со оспорените одредби од Законот се повредувале членовите 23 и 32 од Уставот на Република Македонија. Со вакви нормативни решенија се повредувало уставното начело за еднаквост на граѓаните (член 9 од Уставот) и основните слободи и права на граѓаните признати во меѓународното право и утврдени во Уставот на Република Македонија.

Оспорениот член 51 од Законот бил противуставен, бидејќи со него не се заштитувала независноста и самостојноста на судиите, туку, напротив се дерогирала уставно загарантираната самостојност. Имено, во здруженијата на граѓани кои ќе ги формирале судиите во согласност со можностите кои ги давала наведената оспорена одредба од Законот, судиите можеле да остваруваат приход од добивката на трговското друштво што го основале со средства на здружението и од други извори.

Подносителот на иницијативата смета дека иако во оспорениот член 52 став 3 од Законот се забранувало судиите да членуваат во управни и надзорни органи на трговски друштва или друго правно лице кое остварува добивка, претходниот член (членот 51) претставувал испуштен вентил за дерогирање на ова законско и уставно решение. Оспорениот став 4 на членот 52 од Законот давал можност, исто така, судиите да остваруваат вонредни приходи како вонредни професори и хонорарни предавачи на високообразовни институции, да остваруваат покрај редовните и вонредни приходи. Ако не било така, волонтерското предавање и учество во проекти воопшто и не требало да биде нормирано во Законот.

Наведените оспорени одредби од Законот не биле во согласност со член 100 од Уставот со кој се предвидувала неспојливост на функцијата судија со вршење друга функција и професија.

Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот и истите да ги поништи. Подносителот на иницијативата, исто така, предлага до донесувањето на конечна одлука Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на овие оспорени одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 46 од Законот се утврдува декa:

1) Посебни услови за избор на судија се:
– за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители,
– за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има пет години работно искуство на правни работи по положен правосуден испит,
– за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има пет години работно искуство по положен правосуден испит, на правни работи, или е универзитетски професор од областа на правото со научен степен доктор на правни науки и
– за судија на Врховниот суд на Република Македонија може да биде избрано лице кое има осум години работно искуство со потврдени резултати на правни работи по положен правосуден испит.

2) За судија на Врховниот суд на Република Македонија може да биде избран и редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет сврзан со судската практика.

Со оспорениот член 47 од Законот е утврдено дека:

1) Претседател на суд се избира од редот на судиите на Република Македонија, под услови, во постапка и на начин како што се врши избор за судија во соодветниот суд. Претседателот на судот се избира за време од четири години, со можност повторно да биде избран на истата функција уште четири години.
2) Претседателот на судот има статус и функција на прв судија на соодветниот суд.
3) Кандидатот за претседател на суд кон пријавата и другите документи приложува програма за работа во текот на мандатот.
4) Претседателот на судот кој нема повторно да биде избран на истата функција продолжува да работи како судија во судот во кој претходно ја вршел судиската функција.

Според оспорениот член 51 од Законот, судиите можат да основаат здруженија заради остварувње на своите права и интереси, унапредување на професионалното усовршување и заради заштита на независноста и самостојноста на судиската функција.

Во членот 52 од Законот е утрдено дека:

1) Судиската функција е неспојлива со функцијата пратеник, односно член на совет на општина, односно градот Скопје и со функциите во државните органи, општината и градот Скопје.
2) Судијата не може да врши каква и да е друга јавна функција или професија, освен функција определена со закон, а која не е во спротивност со нивната независност и самостојност во вршење на судиската функција.
3) Судијата не може да биде член на управен или надзорен одбор на трговско друштво или друго правно лице кое е основано заради стекнување на добивка.
4) Судијата може да биде едукатор или да држи предавања на Академијата за обука на судии и јавни обвинители и на високообразовна институција и да учествува во определени научни проекти.
5) За вршење на активности во високообразовна институција согласност дава Судскиот совет на Република Македонија.
6) Судијата не смее да членува и да врши политичка функција во политичка партија или да остварува партиска и политичка активност.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 23 од Уставот е утврдено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно членот 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Забранети се вонредни судови.
Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Согласно Амандманот XXVII точка 2 од Уставот, судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.

Во членот 100 став 4 од Уставот е утврдено дека се забра-
нува политичко организирање и дејствување во судството.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, согласно принципот на поделбата на власта, судската власт ја конституирал како самостојна и независна која ја вршат судовите врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во функција на обезбедување на принципот на независност и самостојност на судовите, Уставот, меѓу другото, утврдил траен мандат на судиите, како и неспојливоста на судската функција со вршењето на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Согласно Аманднманот XXIX со кој се заменува членот 105 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија, меѓу другото, ги избира и разрешува судиите и судиите поротници, утврдува престанок на судиската функција, исто така, ги избира и разрешува претседателите на судовите.

Со одредбите од Законот за судовите е определено дека судската власт ја вршат судовите во Република Македонија кои се самостојни и независни државни органи. Во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во делот III од Законот, кој се однесува на „Судии и судии поротници“, со членот 38 став 1 е уредено дека судиската функција ја вршат судии. Судијата се избира без ограничување на траење на мандатот.

Според членот 45 од Законот, за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од правен факултет од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија.

Покрај овие општи услови, со членот 46 од Законот се определени посебните услови за избор на судија, меѓу кои во ставот 1 алинеја 1 е определено дека за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Поаѓајќи од содржината на овој оспорен член од Законот, Судот утврди дека неминовно е неговата уставност да се цени во корелација со членовите 126 и 127 од Законот. Имено, во членот 126 став 1 од Законот е предвидено дека до првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судиите на основните судови ќе се избираат согласно со условите од членот 43 став 1 на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003) и да имаат работно искуство со потврдени резултати на правни работи по полагањето на правосудниот испит над три години.

Според ставот 2 од овој член од Законот, во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основните судови ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите за судија на основен суд согласно со ставот 1 на овој член од Законот и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Според член 127 од Законот, со денот на приманата на овој закон престанува да важи Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 36/1995,45/1995 и 64/2003) освен одредбата на членот 43 став 1 од Законот, која ќе престане да важи по истекот на рокот утврден во членот 126 на овој закон.

Тргнувајќи од содржината, на оспорената одредба од член 46 во корелација со членовите 126 и 127 од Законот, според мислењето на Судот за избор на судиите еднакво за сите се третираат условите предвидени со овој закон, а исклучиво во однос на периодот на воспоставувањето на овој правен режим се уредува за време од три години по денот на првото стекнување на својството на кандидат за судии согласно Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители (за што секако е потребен период на обука), Судскиот совет 50 проценти од утврдените слободни судиски места за основни судови да ги пополнува со лица кои немаат почетна обука во Академијата и ги исполнуваат законските услови кои важеле пред донесување на новиот Закон за судовите. При тоа, Судот смета дека право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Закон кој важи еднакво за сите кои ќе конкурираат за избор на судии во идните односи на вршењето на судиската функција, и во тие рамки законодавецот има право да го уреди и преодниот режим, кој исто така, го опфаќа периодот не пред туку по влегување во сила на Законот и тој период го определил на три години заради процесот на почетната обука во Академијата уреден со посебен закон.

Во конкретниот случај, не станува збор за никаква привилегија на кандидатите со завршена обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители во однос на другите кандидати како што наведува подносителот на иницијативата од причина што приемот на кандидатите во Академијата за следење на Програмата за почетна обука, се врши врз основа на јавен оглас кој согласно членот 34 од Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/2006) за да се примат во Академијата треба да ги исполнуваат условите утврдени во наведениот член од Законот, што значи дека овие лица сепак подлежат на огласот кој се објавува за прием во Академијата кој е достапен за секој кој ги исполнува условите за прием во Академијата.

Поаѓајќи од анализата на наведените уставни одредби неспорно е дека државата има право да ги уредува правата на вработените и нивната положба, а пред се на вработените во нејзините органи и институции меѓу кои да ги утврди условите, начинот и постапката за избор на носители на јавни функции.

Одредбата од член 46 од Законот, се вклопува во концептот на почетна обука востановен со Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители. Имено, целта на системот на почетна обука прифатен во наведениот Закон е да се обезбеди јакнењето на независноста на судството и судиите.

Судскиот совет на Република Македонија согласно Амандманот XXIX освен изборот и разрешувањето на судиите може да врши и избор на претседатели на судовите, како што тоа е определено во оспорениот член 47 од Законот, во постапка и на начин како и за избор на судиите од редот на избраните судии. При тоа услов за избор на функцијата претседател на суд е претходно лицето да биде избрано за судија и од редот на тие избрани судии. Судскиот совет на Република Македонија кој веќе еднаш извршило избор, да избира претседател ако е тоа утврдено со закон, како што е случајот со оспорената законска одредба. Во конкретниот случај, станува збор за раководни функции на судството, па оттука и законодавецот предвидел како услов за нивен избор да биде и условот дека на наведените места – функции може да се избираат само лицата што се судии, значи од редовите на судиите што анализирајќи ја од уставен аспект наведената оспорена законска одредба не може да се проблематизира затоа што тоа е прашање на целисходност за која одлучува Собранието на Република Македонија.

Ваквото становиште основата ја има во горецитираниот Амандман од Уставот, според кој, судиите се избираат од Судскиот совет на Република Македонија без ограничување на траење на мандатот, па според тоа Судскиот совет може да изврши и избор на претседтел на судовите чии мандат е ограничен, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 47 од Законот со членовите 23 и 32 од Уставот.

Наводите на подносителот на иницијативата дека членот 51 од Законот бил противуставен затоа што со него не се заштитувал независноста и самостојноста на судиите, бидејќи сите здруженија и фондации не биле непрофитабилни не се основани од причина што провото на судиите да се здружуваат во здруженија претставува еден од базичните стандарди за независноста на судството кое е утврдено и во многу меѓународни документи и е во функција не ефикасноста на судството поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 51 од Законот со Уставот.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорениот член 52 од Законот бил во спротивност со Уставот, Судот смета дека Законот за судовите содржи повеќе одредби со кои се обезбедува уставната гаранција за независност и самостојност на судовите, односно на судиите, а меѓу тие одредби посебно значење имаат решенијата содржани во оспорениот член 52 од Законот, со кои всушност се врши операционализација и поконкретно разработување на одредбите на Амандманот XXVII точка 2 со кој се заменува ставот 3 на членот 100 од Уставот на Република Македонија. Имено, ако, од една страна, уставната определба за неспојливоста на судиската функција со вршење на друга јавна функција во суштина значи забрана едно исто лице истовремено да врши судиска и друга јавна функција, а од друга страна, ни самиот Устав не содржи дефиниција ниту критериум по кој би можело да се каже дали некоја функција е јавна или не, иако во основа меѓу јавните функции спаѓаат функциите во власта и тоа во трите нејзини видови – законодавната, извршната и судската, односно сите функции со кои што се врши власт или располагаат со власт, јасно произлегува дека законодавецот не случајно во членот 52, а особено во ставот 1 на овој член се определил поконкретно да утврди некои од јавните функции со кои судиската функција е неспојлива при што како такви ги утврдил функцијата пратеник, односно член на совет на општина, односно градот Скопје и со функциите во државните органи, општината и градот Скопје, за да во ставот 2 од истиот член, за судијата да утврди забрана за вршење на каква и да е друга јавна функција или професија. Притоа, во ставот 2 од овој член законодавецот оставил можност судијата да врши само други функции определени со закон, што значи, во овој член од Законот се зборува за две различни функции – јавна функција и друга функција.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека во ставовите 1, 2 и 3 на член 52 од Законот е утврдена забрана за судијата покрај судиска функција да врши и друга јавна функција или професија, да биде член на управен или надзорен одбор во трговско друштво или друго правно лице, а се допушта можност тој да врши само други функции определени со закон, Судот утврди дека оваа одредба од Законот, од аспект на причините поради кои се оспорува, не е во несогласност со наведениот Амандман од Уставот, бидејќи судиската функција според овој Амандман од Уставот е неспојлива само со вршењето на друга јавна функција и професија, а не и со друга функција, за каква што всушност станува збор во оспорениот став 4 на член 52 Законот.

Оспорените ставови 4 и 5 на член 52 од Законот, исто така, според мислењето на Судот не се во несогласност со Амандманот XXVII на Уставот затоа што активностите што судијата може да ги врши на универзитетот (предавања и учество во научни проекти), според начинот и условите предвидени во оспорените членови под кои тие можат да се вршат (по претходна согласност од Судскиот совет на Република Македонија од кој судијата е избран) немаат професионален карактер, односно не можат да се сметаат како вршење на професија во смисла на наведениот Амандман на Уставот.

Доколку уставно утврдената неспојливост на судиската функција со вршењето на друга јавна функција и професија има за цел да обезбеди самостојност и незавиност на судовите, односно судиите, но и квалитетно, стручно и успешно извршување на судиската функција, тогаш, според Судот, неспорно е дека под вршење на професија во смисла на Амандманот XXVII точка 2 од Уставот уставотворецот го имал предвид само вршењето на оние активности односно професии за кои судиите имаат стручна квалификација и кои по правило се вршат на организиран, односно институционализиран начин (со засновање на работен однос, со избор или реизбор во научни или наставнички звања и сл.) и чие вршење доведува до конфликт на интереси со судиската функција, што не е случај со активностите што судијата може да ги врши според оспорените ставови 4 и 5 на членот 52 од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.98/2008
4 март 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски