197/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 1 став 1 од Условите за осигурување од автомобилска одговорност, донесени од Управниот одбор на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување „Кјуби Македонија“ – Скопје, со Одлука број 0202-1082/3 од 25 април 2006 година, а изменети со Одлука број 0202-1159/1 од 9 мај 2006 година.

2. Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на членот 1 став 1 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од членот 1 став 1 од Условите за осигурување од автомобилска одговорност, доносителот на овој акт односно АД „Кјуби Македонија“ – Скопје пропишал дека тој како осигурувач имал обврска, само врз основа на прописите за одговорност за надомест на штета да им ја надомести штетата на трети лица за смрт, телесна повреда, нарушено здравје, уништување или оштетување на предмети, причинети со употреба на моторно возило.

Од друга страна, членот 14 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот предвидувал дека: „сопственикот, односно корисникот на моторно возило и на приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторно возило (во натамошниот текст осигурување од автомобилска одговорност) ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штети за предмети што ги примил на превоз“. Со оваа законска одредба, на чија основа се темелел актот на Акционерското друштво „Кјуби Македонија“, не било предвидено дека штетата на трети лица ќе се надоместела „само врз основа на прописи за одговорност за надомест на штета“, како што било предвидено во оспорениот акт.

Во членот 71 од Законот за задолжителното осигурување во сообраќајот, во преодните и завршните одредби, било исклучиво определено дека условите на осигурителните друштва требало да се усогласат со одредбите на овој закон, па оттука не можело оспорената одредба од Условите на АД „Кјуби Македонија“ да се заснова на други прописи. Неправилната определба во актот на Акционерското друштво била со цел да се избегне одговорноста за штета што би била предизвикана на трети лица во рамки на задолжителното осигурување.

Од овие причини, оспорената одредба од актот на АД „Кјуби Македонија“ – Скопје не била во согласност со членот 14 од Законот за задолжителното осигурување во сообраќајот.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување „Кјуби Македонија“ – Скопје, донело Услови за осигурување од автомобилска одговорност.

Според членот 1 став 1 од овие Услови, осигурувачот е во обврска, врз основа на прописите за одговорност за надомест на штета, да надомести штета ако со употреба на моторно возило се причини штета на трето лице, поради:

1) смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, или
2) укинување или оштетување на предмети, освен од одговорност за штети за предмети што ги примил на превоз.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според одредбите од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 27/2002 и 79/2007), работите на осигурувањето може да ги врши друштво за осигурување кое се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија, под условите утврдени со овој закон и Законот за трговските друштва.

Според членот 14 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2005), сопственикот, односно корисникот на моторно и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети (во натамошниот текст: осигурување од автомобилска одговорност) освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз.

Осигурителните компании во исплатата на ваков вид штета имаат за цел да определат со свои акти насоки за договорните правила во исплатата на штетата причинета на трети лица врз основа на осигурувањето. Тука станува збор за вонсудско надоместување од договори за осигурувањето.

Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека во конкретниов случај станува збор за Услови за осигурување од автомобилска одговорност донесени од Акционерско друштво за осигурување и реосигурување, согласно со Законот за задолжителното осигурување во сообраќајот, Судот оцени дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку е акт на деловната политика на друштвото за осигурување кое што го донело.

Со оглед на наведеново, а имајќи предвид дека согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува за законитоста на оспорениот акт Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.197/2008
25 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски