Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на надоместок на седници и надоместок на патни и дневни трошоци на членовите на Советот на општина Ѓорче Петров број 07-2573/4 од 12.11.2007 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. Јонче Цветковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на општина Ѓорче Петров означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, донесувањето на ова одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија; член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и членовите 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/90, 38/91, 23/97, 37/05, 84/05, 121/07 и 161/2008).
4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Ѓорче Петров на седницата одржана на 12 ноември 2007 година ја донел оспорената Одлука за определување на надоместок на седници и надоместок на патни и дневни трошоци на членовите на Советот на општина Ѓорче Петров.
Според член 1 од оспорената одлука, се определува надоместокот за присуство на седници на Советот и надоместокот за патни и дневни трошоци на членовите на Советот во рамките утврдени со Закон.
Според член 2 од Одлуката, на членовите на Советот на Општината им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на Советот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 од истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во Буџетот на Општината Ѓорче Петров.
Според член 3 од Одлуката, месечниот надоместок на членовите на Советот на Општината за присуство на седници на Советот се утврдува во процентуален износ од 70% од просечната месечна нето плата во Република Македонија, исплатена за претходната година.
Според членот 4 од Одлуката, на Претседателот на Советот на Општината, за раководењето и организирањето на работата на Советот, надоместокот од член 3 му се зголемува за 30%.
Според членот 5 од Одлуката, месечниот надоместок за присуство на седниците на Советот се исплатува на членовите на Советот за нивно присуство на седници на Советот што ќе се одржат во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на Советот се намалува за 30 % за секое отсуство на членовите на Советот од седниците на Советот што се одржуваат во тековниот месец. Според став 3 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на Советот не му се исплатува на членот на Советот, доколку членот на Советот не присуствувал на ниту една седница на Советот во тековниот месец. Според став 4 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува доколку Советот во тековниот месец не одржал седница.
Според членот 6 од Одлуката, на членовите на Советот им се утврдува месечен надоместок во износ од 8.000,00 денари за трошоци за присуство на седници на комисии на Совет, за работа на терен и други трошоци за извршување на задачи кои произлегуваат од работата на Советот, за непосредно следење на определни прашања за ефикасно функионирање на Советот, за контакти со граѓани и институции, за посета на определени објекти во населените места во Општината и други задачи.
Според членот 7 од Одлуката, на членовите на Советот кои се определни да учествуваат при склучување на бракови, им се определуваат трошоци од 1000, 00 денари за секој ден на присуство при склучување на бракови, без оглед на тоа колку бракови се склучени во тој ден.
Според членот 8 од Одлуката, на членовите на Советот им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство, според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација на Општина Ѓорче Петров.
Според членот 9 од Одлуката, надоместок за присуство на седници и надоместоците за патни и дневни трошоци на членовите на Советот ќе се пресметуваат и исплатуваат согласно оваа одлука, преку Секторот за финансии и локален економски развој на Општина Ѓорче Петров.
Според членот 10 од Одлуката, со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на надоместоците за присуство на седници и за патни и дневни трошоци на членовите на Советот на Општина Ѓорче Петров бр. 10-822/1 од 30.05.2005 година донесени од Комисијата за мандатни прашања избор и именувања.
Со член 11 од Одлуката се утврдува дека оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.
5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.
Согласно членот 100 од истиот Закон кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава дел V-a со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.
Во Делот V-a, се предвидени надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Според член 29-а, од наведениот закон на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 на истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-б од наведениот закон месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 84%. Според став 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-в од истиот закон, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Според член 29-г од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот. Според став 3, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на месецот во тековниот месец. Според став 4, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.
Според член 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Притоа, во законот за локалната самоуправа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници. Исто така, законодавецот наведува дека овој надоместок ќе биде утврден додека не се донесе новиот закон. Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) попрецизно е уредено прашањето на надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Тргнувајќи од содржината на членот 29-б став 2 од наведениот закон произлегува дека Советот на општината има право да ја определува висината на надоместокот за присуство на седници на советот во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година што не е повеќе од 84%, но тој е врзан со законската обврска според која наведената висина Советот мора да ја утврди со Одлуката за извршување на Буџетот на општината.
Поаѓајќи од наведеното, а имајќи ја предвид оспорената Одлука бр. 07-2573/4 од 12.11.2007 година која определува надоместок за присуство на седници и надоместок за патни и дневни трошоци на членовите на Советот на општина Ѓорче Петров и дека тоа не е утврдено во согласност со ставот 2 на членот 29-б од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот оцени дека може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Уставот и овој закон.
Судот, посебно изрази сомневање по однос на членовите 6 и 7 од оспорената Одлука, бидејќи истите не се во согласност со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката од причина што надоместоците во цитираните оспорени одредби се предвидени надвор од определените законски рамки.
6. Со оглед на тоа што со извршувањето на оспорената одлука би можело да настанат тешко отстранливи последици, до донесувањето на конечна одлука, Судот реши да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени врз основа на таа одлука.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.244/2008
18 февруари 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски