258/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 5 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 92/2007 и 102/2008) и уставноста и законитоста на Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и на уставноста и законитоста на Методологијата означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со членот 5 ставови 3 и 4 од Законот за даноците на имот бил даден законски основ за донесување на Методологијата на Владата на Република Македонија, за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

Со ова законско овластување и со пропишаната Методологија на Владата на Република Македонија, се овозможило Владата да ја уредува пазарната вредност преку пресметковни бодови, кои во толкава мера ја зголемувале вредноста на имотот, со утврдување нова и висока основа врз основа на што и данокот се пресметувал во преголем износ на товар на граѓаните, без вистински пазарни вредности во реалниот живот, што предизвикувало правна несигурност и арбитрерност на надлежниот орган кон правната и фактичката состојба. Со наводите во иницијативата се илустрирани и примери во праксата според наоѓањето на подносителката на иницијативата, од кои произлегувало дека законот не давал критериуми за начинот на пропишување на пазарната вредност на недвижниот имот во Методологијата, и пресметувањето било препуштено во добар дел по мислење на комисијата која ги извршувала прописите.

Од овие причини оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, кои се однесувале на владеење на правото и Владата на Република Македонија ја утврдувала политиката на извршување на законите и донесувала уредби и други прописи за извршување на законите. Оспорената Методологија не била во согласност со Уставот, Законот за Владата на Република Македонија и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 5 од Законот е предвидено:

Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот.

За утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје формираат комисија.

Пазарната вредност од ставот 1 на овој член се утврдува според Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот од ставот 3 на овој член ја пропишува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот за финансии.

Контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од комисијата од ставот 2 на овој член врши Министерството за финансии.

Со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности (член 1).

Според член 2 од Методлогијата, пазарната вредност на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска се утврдува за видовите недвижен имот кои се подробно наведени во овој член (згради, земјишта и други градежни објекти).

Со останатите одредби од Методлогијата поодделно се уредува пресметувањето на пазарната вредност по видовите на имот.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.248/2007 од 26 декември 2007 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004 и 92/2007) и Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005).

Во образложението во наведеното Решение, Судот го утврдил следново:

„Според членот 7 од Законот, даночна обврска за данокот на имот настанува со денот на стекнувањето на имотот, издавањето на одобрение за употреба на недвижниот имот од надлежен орган или од денот на отпочнување на користењето на имотот на обврзникот на данокот.

Со членот 96 од Законот е определено дека со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003).

Според членот 98 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје по спроведување на првите наредни локални избори согласно со Законот за локалните избори.

Владата на Република Македонија, врз основа на членот 5 став 4 од Законот за даноците на имот, ја донела Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, со која се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.

Според членот 23 од Методологијата, таа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јули 2005 година.

Според Уставниот суд, со Законот за даноците на имот и со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, не се регулира повратно дејство на одредбите со кои се уредува предметната материја, и јасно е уредено дека тие по нивното влегување во сила и примена важат за идни односи на утврдување на даночната основица на имоти за кои таа не е утврдена и кои се појавуваат како иден предмет на данок за кој ќе се утврдува основицата. Имено, не е регулирано за поранешни имоти со веќе утврдени даночни основи да се врши ново утврдување на даночна основа.

Методот на пресметување на даночната основица што е утврден со наведениот Закон и операционализиран со Методологијата, претставува пазарната вредност на недвижниот имот во моментот кога таа се пресметува само во време на настанувањето на даночната обврска.

Судот оцени дека доколку би било поинаку, во смисла даночната основа која е врзана со пазарната вредност, да се менува со идни промени на пазарната вредност на имотот, тоа би значело основицата постојано и непрегледно да се менува и движи не само по истекот на даночната година туку и во пократки временски периоди (различни движења и во деновите и месеците бидејќи пазарната вредност варира од политички, социо-економски, демографски и други состојби кои имаат одраз на пазарот на недвижности).

Поаѓајќи од изнесенава уставно судска анализа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените Закон и Методологија со Уставот, од аспект на членот 52 став 4 од Уставот, а со тоа и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно неможе од овој аспект уставно да се проблематизираат, бидејќи не регулираат повратно дејство на нормите, а со тоа не се повредува и принципот на владеењето на правото. Притоа треба да се има предвид дека не е во надлежност на Судот оценката на примената и имплементацијата на оспорените акти од надлежните органи, на што во дел се посочува во наводите во иницијативата“.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на оспорените акти и нема основ по повод оваа иницијатива за поинакво одлучување, утврди дека врз основа на изнесените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.258/2008
18 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски