Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на КУД „Никола Јонков Вапцаров“ број 07-8868/22 од 15.12.2008 година донесена од Советот на општина Аеродром и објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.16/2008 од 15 декември 2008 година.
2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Законот за локалната самоуправа и Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром. Имено, доделувањето на парични средства на КУД „Никола Јонков Вапцаров“ било извршено без јасно детерминирани критериуми за издвојување на парични средства и без постоење на одредена програма ниту проект врз основа на кој би се утврдила висината на реално настанатите трошоци.
Од наведените причини, според иницијативата донесената одлука за доделување на средства била во спротивност со членовите 50 и 62 од Законот за локалната самоуправа, како и членовите 142 и 143 од Деловникот за работа на Советот, поради што градоначалникот на општина Аеродром со решение бр.68-8656/1 од 1.12.2008 година го запрел објавувањето на одлуката.
На деведесеттата седница, одржана на 12.12.2008 година, Советот на општина Аеродром донел Одлука за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на КУД „Никола Јонков Вапцаров“.
Предвид на наведеното, предлага оспорената одлука да се поништи.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука во член 1 се предвидува дека со оваа одлука се потврдува Одлуката за доделување средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на КУД „Никола Јонков Вапцаров“.
Со член 2 од Одлуката, се утврдува доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година на КУД „Никола Јонков Вапцаров“, за организирање на културни активности, по повод триесет години постоење.
Во член 3 од Одлуката се предвидува дека средствата во износ од 50.000,00 денари ќе се издвојат од Потпрограмата А0-Совет на општината, потставка 463110 – Трансфери до здруженија на граѓани и фондации.
Според член 4 од Одлуката средствата ќе се префрлат на жиро сметка на КУД „Никола Јонков Вапцаров“ број 300000001129698, депонент на Комерцијална банка АД Скопје.
Во членот 5 од Одлуката се предвидува дека оваа одлука стапува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Аеродром“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој се врши одобрување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2008 година за точно определен субјект, што значи дека истиот регулира односи inter partes, а не е пропис кој на општ начин уредува определени односи, односно прашања или пак утврдува односи на неопределен број на субјекти во правото, erga omnes.
Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нејзината согласност vis a vis Законот за локалната самоуправа, поради што согласно цитираната деловничка одредба иницијативата ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.256/2008
18 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски