174/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 18 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 7-а во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од членот 7-а од Законот за државјанство на Република Македонија, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од членот 7-а од Законот немал уставна основа, затоа што казна можела да се изрече само со конкретна судска одлука и за извршено казниво дело утврдено во закон или друг пропис, односно казнено-правниот однос се исцрпувал на релацијата казниво дело и судски изречена казна и според тоа натамошни последици од осудата за тоа дело, кои се состоеле во ограничување на правата на граѓаните, не биле дозволени, освен ако тоа не било изречно утврдено во Уставот. Со оглед на тоа што со оспорениот дел по сила на закон, а не како ко нкретна казна, што ја изрекува суд, лицето не можело да биде примено во државјанство на Република Македонија, подносителот на иницијативата смета дека се доведувала во прашање согласноста на оспорениот дел од членот 7-а од Законот со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 7-а од Законот, државјанство на Република Македонија со природување може да стекне лице без државјанство или со признат статус на бегалец, ако од утврдувањето на без државјанството, односно од признавањето на статусот на бегалец до поднесувањето на барањето за прием во државјанство, законски и постојано живее на територија во Република Македонија најмалку шест години , да не бил казнуван во Република Македонија со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија, против него да не се води кривична постапка во Република Македонија и ако ги исполнува условите од членот 7 став 1 точките 1, 3, 6, 7, 8 и 9 на овој закон.

Одредбата се оспорува во делот: „да не бил казнуван во Република Македонија со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија“.

4. Според членот 4 став 3 од Уставот, државјанството на Република Македонија се уредува со закон.

Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договор.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Врз основа на членот 4 став 3 од Уставот е донесен Законот за државјанството на Република Македонија. Во член 1 став 1 од овој закон се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање во овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија. Во ставот 2 од истата одредба од Законот е определено дека државјанството е правна врска меѓу лиц ата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата. Според членот 3 од Законот, државјанството на Република Македонија се стекнува со потекло, раѓање на територијата на Република Македонија, природување и меѓународни договори.

Во врска со оспорениот дел од одредбата од Законот, на седницата се застана на стојалиште дека истата во суштина значи услов, односно основ за добивање на државјанство по пат на природување и дека не се во прашање правни последици на осудата.

Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата преставува услов, од причина што правните последици на осудата вообичаено се поврзуваат со вршење на одредни дејности, односно занимања, а не со правото на државјанство. Доколку одредбата се третира како правна последица, тогаш основано би се поставило прашање за несогласност со Уставот заради недоволната прецизност и јасност по однос на тоа дали осудата за сите кривична дела што се гонат по службена должност би била пречка за стекнување на државјанство, дали тука спаѓаат многу одамнешни издржани осуди, бришаните, простените и застарените. Во спротивно третирањето на оспорениот дел како услов би значело дека е во прашање волја на државата која секогаш би тргнала од општиот впечаток за тоа какво е лицето, без да се задржи на прашањето на вината на подносителот на барањето.

На седницата пред Судот, исто така, се поставја две прашања. Едното од нив за третманот на правните последици на осудата што е ирелеватно во овој случај и второто што е главно и се однесува на прашањето дали државата има дискреционо право да пропишува услови за стекнување на државјанство на недржавјани во фаза на аплицирање што не е исто со правните последици на осудата за граѓаните на Република Македонија.

Тргнувајќи од анализата на напред наведените одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија дава можност законодавецот, прашањата сврзани со државјанството, да ги уреди со закон и дека странците ги имаат оние слободи и права кои државата еднострано ги определила за нив со закон или ги прифатила од двостран или повеќестран меѓународен правен акт, а не сите слободи и права што се предвидени за граѓаните на Република Македонија.

Во членовите 29 став 1 и 118 од Уставот е содржано легитимното право на државата да ги испитува основите за давање државјанство на странците, лицата без државјанство или пак лицата со стекнат статус на бегалец кои произлегуваат од Уставот, законите и меѓународните акт, што воедно преставува исполнување на обврските на државата што се преземени врз основа на Уставот, а како израз на почитување на нормите на меѓународното право што не се спротивни на нејзиниот уставен поредок.

Во конкретниот случај, предмет на уставносудска оцена е оспорен дел од членот 7-а од Законот како составен дел од одредба што го уредува стекнувањето на државјанство по пат на природување на лицата без државјанство или со признат статус на бегалец и со неа се предвидува овие лица да стекнат државјанство, меѓу другото, ако не биле казнувани во Република Македонија со казна затвор во траење од најмалку една година , за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија. Значи во прашање е утврдување на негативен основ, кој како последица на непочитувањето на законите на државата, односно негативното однесување на претендентот за државјанство резултира со неисполнување на еден од основите за државјанство.

Од значење е и околноста што државата не дава ваков вид на државјанство по секоја цена, туку има дискреционо право да одлучи под кои околности некого ќе го прими за државјанин, затоа што има обврска при одлучувањето за вакви прашања да ги заштитува безбедноста на државата, нејзините граѓани, како и меѓународниот правен поредок.

Истовремено, законското уредување на така предвидениот основ, овозможува државата да се запознае со релевантните факти за стекнување со државјанство уште во моментот на примањето на барањето.

Врз основа на анализата на оспорениот дел од одредбата, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласност на оспорениот дел од член 7-а од Законот со одредбите од Уставот на кои се заснова иницијативата. Ова од причина што преку оспорениот дел од одредбата се оживотворува дискреционото право на државата да предвиди основи за стекнување на нејзино државјанство, што е различно од правните последици од осудата кои настапуваат по сила на закон.

Во таа смисла законското уредување во оспорениот дел од одредбата не може да се смета за повреда на членот 13 став 1 и членот 14 став 1 од Уставот, затоа што несомнено право и обврска на државата е при од лучувањето за вакви прашања да ги заштитува безбедноста на државата, нејзините граѓани, како и меѓународниот правен поредок.

Според Судот, така проектираниот основ не може да го доведе во релација оспорениот дел на членот 7-а од Законот и со принципот на владеењето на правото содржан во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 7-а од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.174/2008
18 февруари 2008 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски