Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Глава IV „Средства за одржување на јавната чистота“ и членовите 24, 25 и 40 став 6 од Законот за јавната чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот за јавната чистота.
Според наводите на подносителот на иницијативата Глава IV и членовите 24 и 25 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што согласно Законот за јавните претпријатија и Законот за комуналните дејности, висината и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определувал Управниот одбор на јавните претпријатија по претходна согласност на основачот, а врз основа на посебни мерни единици во зависност од комуналната услуга. Според тоа, висината на надоместокот за одржување на јавната чистота и мерната единица по која би се плаќал наведениот надоместок не можел непосредно да ја утврдува советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје, како што е предвидено во оспорениот член 24 туку тоа можело да го прави само и единствено надлежното јавно претпријатие, во согласност со советот на општината.
Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорениот член 40 став 6 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 13, член 14 став 1, член 51, член 54 став 4, член 95 став 3, член 96 и Амандман XXV од Уставот. Ова затоа што висината и чинењето на општокорисната работа за секој прекршок можело да се определува само со закон, а не со подзаконски акт или решение на министерот за транспорт и врски во согласност со министерот за правда. Понатаму, според подносителот, оваа работа спаѓала исклучиво на судската власт, а не на органите на државната управа. Ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот не можело да се однесува на правната определеност на казнивите дела и казните, како во случајот.
3. Судот на седницата утврди дека во Глава IV „Средства за одржување на јавната чистота“ односно во член 24 е предвидено:
„За одржување на јавната чистота се плаќа надоместок.
Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на град Скопје во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата – обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје.
Советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје ја утврдува мерната единица по која би се наплаќал надоместокот од ставот 1 на овој член“.
Според оспорениот член 25 став 1 од Законот „наплатата на надоместокот за одржување на јавнта чистота се врши преку доставување на сметка за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на други видови неопасен отпад, кој се прикажува одвоено на сметката.
По исклучок од ставот 1 наплатата на надоместот за одржување на јавната чистота може да се наплатува и одвоено преку доставување на посебна сметка до корисниците на услугата, кога одржувањето на јавната чистота го врши правно лице различно од лицето кое врши собирање и транспортирање на комуналниот и на други видови на неопасен отпад.
Средствата собрани од надоместот за одржување на јавната чистота е приход на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје и се користат за финансирање на работите на јавната чистота.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандманот XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон (точка 1). Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон (точка 2).
Според членот 115 став 2 од Уставот, општината е само-стојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката, а според ствот 3 од истиот член од Уставот, Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Според членот 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), со овој закон се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот- сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
Според членот 2 точка 6 од Законот, “Надлежност на општината” е збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината, во согласност со закон, има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување.
Според членот 3 став 1 од Законот, единици на локалната самоуправа се општините, а според членот 4 став 1 од Законот, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која се остваруваат заедничките потреби и интереси на граѓаните што прои-злегуваат од карактерот на Градот Скопје, како главен град на Репу-блика Македонија.
Членот 11 од Законот го уредува финансирањето на општините, кое меѓу другото се остварува, од локалните даноци, надоместоци и такси утврдени со закон, како сопствени извори на приходи на општината (став 2). Притоа, општината, во рамките определени со закон, ја утврдува висината на стапките на даноците и висината на надоместоците и таксите од ставот 2 на овој член (став 3). Изворите на приходите на општината треба да обезбедат соодветно извршување на нејзините надлежности утврдени со закон (став 7), а според ставот 8, финансирањето на општината се уредува со закон.
Во членот 21 од Законот се утврдени надлежностите на општините. Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење (став 1).
Според член 2 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008) одржувањето на јавната чистота, собирањето на сметот и чистењето на снегот во зимски услови се дејности од јавен интерес од локално значење. Одржувањето на јавната чистота е континураин процес кој обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини, на отворените простории и јавните објекти и на дворните површини на колективните и индивидуалните објекти за домување заради обезбедување на здрава и чиста животна средина.
Во член 5 од наведениот Закон е определено значењето на изразите „одржување на јавна чистота, собирање на смет, смет, јавни површини и отворени простории на јавни објекти, давање на услуга, корисници на услуга и дворни површини.
Согласно член 7 од Законот, одржувањето на јавната чистота и чистењето на снегот и мразот во зимски услови на јавните површини го врши јавно претпријатие за комунални услуги основано од општината, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Работите на одржувањето на јавната чистота со одлука на советот на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје можат со одлука на совет да ги отстапат на извршување на правно лице регистрирано за вршење на оваа работа согласно со Закон (став 2).
Правата и обврските меѓу општините и градот Скопје и правно лице од член 7 став 2 се уредуваат со договор кој може да се склучи најмногу за период од четири години.
За поблиско уредување на односите за одржување на јавната чистота советот на општината, советот на општините во градот Скопје и градот Скопје, донесува одлука. (член 10)
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за локалната самоуправа, Законот за комуналните дејности, Законот за јавните претпријатија, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа како и целината на Законот за јавната чистота произлегува дека општината, односно градот Скопје се надлежни за одржување на јавната чистота заради обезбедувње на здрава и чиста животна средина.
За одржување на јавната чистота како континуран процес со кој се обезбедува трајно и квалитетно чистење на јавните површини, корисниците на услугите плаќаат надоместок на давателите на услугите, било тоа да се јавни претпријатија основани од општината или други правни лица на кои им е доверено извршувањето на работите на јавната чистота кој надоместок е приход на општината.
Според тоа, а имајќи предвид дека во Република Македонија има многу општини кои се различни по површина, по број на жители и по урбана уреденост, очигледно е дека со закон не е можно на единствен начин да се утврди надоместокот за одржување на јавната чистота, поради што законодавецот со законот односно со оспорените членови определил дека советот на општината, советите на општините, односно Советот на градот Скопје почитувајќи ги определбите од позитивните прописи со свој пропис да го уреди ова прашање во согласност со специфичностите на секоја од нив.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Глава IV и членовите 24 и 25 од Законот за јавна чистота со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Судот, исто така, утврди дека според оспорениот член 40 став 6 од Законот, министерот за транспорт и врски го утврдува видот, висината и чинењето на општо корисната работа за секој прекршок одделно, како и начинот на нејзиното извршување во согласност со министерот за правда. Висината на средствата наменети за општокорисна работа не може да биде повисоко од висината на пропишаната глоба за прекршокот при што вредноста на 1 час општокорисна работа изнесува најмалку 50, а најмногу 125 денари во зависност од видот и сложеноста на општокорисната работа.
6. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во член 13 став 1 од Уставот е предвидено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1, пак, од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 95 став 3 од Уставот е утврдено дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а во членот 96 од Уставот е утврдено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.
Според Амандман XXV со кој се заменува член 96 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Видовите, надлежноста, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, кој се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.
Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитоста во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се изразува преку принципот на законска определност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварување на казнената политика на земјата од друга страна.
Казнивите дела и казните се предвидени со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоците.
Во оваа смисла, со Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) се определуваат општи услови за пропишување на прекршоците, прекршочните санкции, општите услови за утврдување на одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочната санкција и се пропишува прекршочна постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организација и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочна санкција.
Според член 5 од Законот, прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок чии обележја се определени со закон и за кое е предвидено прекршочна санкција.
Според член 13, пак, од Законот, за прекршоци на полнолетните сторители може да им се изрече глоба, опомена, престанок на важење на возачката дозвола и друго.
Со членот 14 од Законот се пропишуваат условите за изрекување на прекршочни санкции.
Во членот 46 поместен во делот II „Постапка за порамнување и посредување“ е предвидено дека целта на постапката за порамнување и посредување е постигнување на согласност на сторителите на прекршоците и надлежните органи за отстранување на штетните последици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење на прекршочна постапка пред надлежен суд односно прекршочен орган.
Надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот постапка за порамнување пред да поднесат барање за прекршочна постапка.
Судот, односно прекршочниот орган по службена должност внимава дали е поведена постапка за порамнување и ако се исполнети условите од став 1 на овој член, Судот може да го врати барањето на органот или самиот да ја спроведе постапката за порамнување.
Следејќи ја логиката на содржината на наведените одредби од Законот за прекршоците со кои се уредува прашањето на постапката за порамнување во членот 40 ставовите 1 до 5 од Законот за јавната чистота е утврдено дека за определени прекршоци за кои може да се изрече глоба во висина од 50 евра за физички лица, овластените лица се должни на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за порамнување, со цел да се отстранат штетните последици од прекршокот, како и начинот на надминување на последиците од сторувањето на прекршокот. Притоа, тие можат да му предложат на сторителот надминување на последиците од сторениот прекршок со вршење или сторување на општокорисна работа во траење од најмалку 24 работни часа или доделување на средства за вршење на општокорисна работа кои се користат наменски за одржување на јавната чистота.
Доколку сторителот на прекрршокот во рок од осум дена прифати порамнување, а не изврши општокорисна работа или не додели средства за вршење на општокорисна работа овластениот службеник ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд.
Според оспорениот став 6 на член 40 од Законот, министерот за транспорт и врски во согласност со министерот за правда ја утврдуваат висината и чинењето на општокорисната работа за секој прекршок одделно како и начинот на нејзиното извршување, при што висината на средствата наменети за општокорисна работа не може да биде повисока од висината на пропишаната глоба за прекршокот, а вредноста на 1 час општокорисна работа во зависност од видот на сложеноста на општокорисната работа не може да биде помала од 50 ниту поголема од 125 денари.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата содржани во Законот за прекршоци и член 40 став 6 од Законот за јавната чистота, Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани.
Ова затоа што постапката за порамнување во согласност со сторителот на кого му е изречена глоба за сторен прекршок се спроведува пред поднесување на барање за прекршочна постапка, при што сторителот се согласува или не да врши општокорисна работа или да додели средства за вршење на општокорисна работа со цел за надминување на штетните последици од сторување на прекршокот без практично тој парично да биде оптоварен.
Притоа, овластувањето на министерот за транспорт и врски во согласност со министерот за правда да го утврдат видот, висината и чинењето на општокорисната работа за секој прекршок одделно, како и начинот на нејзиното извршување според Судот е во функција на операционализација на законот односно, не станува збор за прашања кои исклучиво треба со закон да се пропишат, туку дека тоа се прашања од доменот на уредување со подзаконски акт. Ова, оттаму што оспорениот член 40 став 6 содржи рамка според која може да се утврдува видот, висината и чинењето на општокорисната работа, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 40 став 6 од Законот за јавната чистота со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
7. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.191/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски