Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 26 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).
2. Либерално Демократската Партија на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 26 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 19 и Амандманот VII од Уставот на Република Македонија, поради тоа што со Уставот бил утврден секуларниот карактер на државата, од што произлегувало дека верското образование било дозволено да се организира на доброволна основа само надвор од државните училишта, а не во рамки на задолжителното основно образование по оценка на власта, како што тоа е утврдено со оспорената одредба од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 26 од Законот за основното образование е предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет.
4. Уставот на Република Македонија во делот кој се однесува на граѓанските и политички слободи и права, со членот 9 утврдил дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, а со членот 19 ставовите 1 и 2 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста и се гарантира слободното и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
Со Амандманот VII точка 1 е заменет ставот 3 на членот 19 од Уставот, и е утврдено дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.
Со точката 2 на овој Амандман е заменет ставот 4 од членот 19 од Уставот, и е утврдено дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.
Според членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Во делот на Уставот кој се однесува на економските, социјални и културни права, со членот 44 е утврдено дека секој има право на образование.
Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Според членот 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.
Според Судот, поаѓајќи од содржината на изнесените одредби од Уставот, произлегува дека:
– граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата;
– секому му се гарантира слободно изразување на верата;
– верските заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот;
– тие се слободни во основањето на верски училишта и други социјални и добротворни установи;
– правото да се припаѓа на одредена вера подразбира и право да не се припаѓа на ниедна религија и да не се исповедува нејзиното учење;
– не постои државна религија која би била повластена и не се признаваат никакви привилегии на било која вера по било кој основ;
– постои слобода на здружување на граѓаните заради остварување на нивните уверувања врз основа на програми и дејствувања кои не се насочени, покрај другото, и кон верска омраза и нетрпеливост.
Законот за основното образование во III дел кој се однесува на „Програми и организација на воспитно-образовната работа во основното училиште“, во членот 25 уредил дека министерот ја утврдува Концепцијата за основно воспитание и образование врз основа на која тој на предлог на Бирото ги донесува наставниот план и наставните програми за основно образование во кои се содржани задолжителните и изборните предмети, бројот на часовите, наставните цели, содржините, основните поими, активностите и методите во наставата, условите за реализирање и нормативот на наставниот кадар.
Со оспорениот член 26 од Законот е предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет.
Прашањето за видот на задолжителните и изборните предмети е препуштено да се уреди со наставниот план и програми на основните училишта и не е посебно уредено со Законот. Оттука, и прашањето за изучување на верското образование, потоа, неговиот избор, организација, број на часови, наставен кадар, во кое одделение ќе се изучува, содржината, активностите и методите во спроведувањето на верската настава, се комплетно во доменот на уредување со наставниот план и наставните програми за основно образование, кои ги донесува односно утврдува министерот за образование на предлог на Бирото за развој на образованието. Воедно, согласно членот 7 став 6 од Законот и начинот и постапката за избор на наставниците кои ги остваруваат наставниот план и програма ги утврдува министерот.
Според Судот, во овој дел од анализата на прашањето за верското образование потребно е да се има предвид и дека со членот 22 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007), е уредено црквата, верската заедница и религиозната група да имаат право да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното образование, за школување на свештени лица и верски службеници и дека верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи. Според членот 27 од овој закон, посебно е уредено дека во воспитно образовните установи може да се организира верско образование како изборен предмет согласно со закон, при што при подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот предмет од областа на верското образование може преку органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници да бидат консултирани црквата, верската заедница и религиозната група.
Од изнесеново произлегува дека во остварувањето на правото да се организира и остварува верско образование во основното училиште кое е државна воспитнообразовна установа може да се вршат консултации со верските заедници при подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот верски предмет.
Понатаму, од образложението на Предлог-Законот за основното образование не произлегуваат посебни податоци за начинот на кој се проектирала реализацијата на верската настава, а од одговорот на Владата на Република Македонија како предлагач на Законот, како основна е изнесена тезата дека Уставот не предвидува забрана за верското образование да може да се организира и во воспитнообразовните установи основани од државата.
Оспорената одредба од членот 26 од Законот за основното образование, дава правен основ министерот преку Концепцијата за основното воспитание и образование, наставниот план и наставните програми, да утврди остварување на верско образование во основните училишта и тоа да го операционализира во консултација со верските заедници, црква и религиозна група.
Означените одредби од член 19 и Амандман VII од Уставот ја промовираат слободата на вероисповеста, но истовремено го поставуваат принципот на одвоеност на државата и верските заедници, односно принципот на секуларност. Слободата на вероисповеста, според мислењето на Судот, нужно во себе ги содржи принципите дека секој има слобода, без влијание од никого, да го определи своето верско уверување, да прифати или да не прифати одредена вера или да прифати друга вера, или да не прифати никаква вера, да ја исповеда или да не ја исповеда својата вера, да учествува или да не учествува во верски обреди итн. Државата во тој контекст, од своја страна, согласно со принципот на одвоеност од верските заедници, мора да ја задржи својата неутралност и не смее да се меша во прашањата на верата, односно на верските заедници и религиозни групи, да го поттикнува определувањето за определена вера или за вера воопшто, ниту да го попречува изразувањето на верата, ниту пак да наметнува верски конформизам или да бара спроведување на верски активности како општествено пожелно поведение. Означениот уставен амандман, според мислењето на Судот, го решава на принципиелен начин и прашањето за верското образование (верска поука, веронаука) кое остава да биде предмет на одлука и делокруг на верските заедници и религиозни групи, во рамките на слободата на основање на верски училишта за таа цел.
Со оспорената одредба од член 26 од Законот, според мислењето на Судот, се создава можност во основното образование да се воведе предмет во кој се изучува определена вера, со кој се врши воведување во правилата според кои треба да се однесува припадникот на определена вероисповед, или како што се нарекува – вероучение, верска поука или, најчесто, веронаука. Судот, притоа, има предвид дека и начинот на спроведување на оспорената одредба, во секој поглед, се совпаѓа со оваа констатација. Ваквиот облик на верско образование што произлегува како можност од законот, го надминува академскиот и неутрален карактер на наставата, што инаку е карактеристика на јавното, државно образование и ја инволвира државата во организирањето на таква верска настава, наспроти изнесениот принцип на одвоеност на државата и црквата и во, тој контекст, слободниот простор за верските заедници да основаат верски училишта. Оттука, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 19 и Амандман VII од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.202/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски