176/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот „Трошоци за инспекциската постапка“ и член 26 од Законот за шумарска и ловна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на поднасловот „Трошоци за инспекциската постапка“ и членот 26 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот се регулирало прашањето за трошоците на инспекциската постапка, на начин што товарот бил на лицето кое го кршело законот, меѓутоа одредбата била непрецизна и овозможувала злоупотреби бидејќи не уредувала дека требало да се донесе решение за трошоците и во истото да се утврди правото на жалба, па оттука наплатата на трошоците била препуштена на овластените лица да одлучуваат и арбитрираат со можност за нееднаков третман кон граѓаните. Од овие причини оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во поднасловот „Трошоци за инспекциската постапка“ со членот 26 од Законот е предвидено дека трошоците направени при инспекциската постапка кои биле итни за утврдување на дејствија, кои докажуваат дека лицето го кршело законот или други прописи, се на товар на лицето.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите морааат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Законот за шумарска и ловна инспекција во членот 1 предвидува дека со овој закон се уредуваат начелата на инспекцискиот надзор, надлежностите, организацијата на инспекцијата, положбата, правата и должностите на инспекторите, постапките на инспекцискиот надзор и други прашања поврзани со инспекторскиот надзор.

Според одредбите на наведениот Закон, работите од надлежност на шумарската и ловната инспекција се вршат преку Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (член 2); во вршењето на инспекцискиот надзор, за прашањата од постапката кои не се регулирани со овој или друг закон, ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка (член 3); ако инспекторот при вршење на инспекцискиот надзор утврди неправилности, е должен да донесе решение со кое ќе нареди да се отстранат неправилностите во определен рок или ќе изрече управна мерка предвидена со закон или друг пропис (член 24 став 3); против решението на инспекторот од членот 24 став 3 на овој закон може да се изјави жалба до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, во рок од осум дена од денот на добивањето на решението, а жалбата не го одлага извршувањето на решението (член 25).

Со оспорениот член 26 од Законот е предвидено дека трошоците направени при инспекциската постапка кои биле итни за утврдување на дејствија, кои докажуваат дека лицето го кршело законот или други прописи, се на товар на лицето.

Судот оцени дека согласно наведената законска одредба, делувањето на инспекцијата без одлагање за спречување на одредени утврдени неправилности кои биле предизвикани од лица поради повреда на закон или друг пропис, создавале инспекциски трошоци и тие трошоци согласно Законот се на товар на лицата кои ги предизвикале состојбите утврдени од инспекцијата. Имено, станува збор за инспекциски трошоци за ангажманот од вршењето на надзорот.

Согласно членот 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008) овој закон има супсидијарна примена.

Во делот на одредбите од овој закон, кој се однесува на „Трошоци на постапката“ со членот 116 став 1 е уредено дека посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведувањето на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал постапката.

Според ставот 2 од овој член од Законот, кога лицето кое учествувало во постапката по своја вина или несоодветно однесување ќе предизвика трошоци за одделни дејствија во постапката, должно е да ги поднесе тие трошоци, а според ставот 3, кога постапката што е поведена по службена должност е завршена поволно за странката, трошоците на постапката ги поднесува органот што ја повел постапката.

Според членот 120 став 1 од Законот за општата управна постапка, во решението со кое се завршува постапката органот што го донесува решението определува кој ги поднесува трошоците на постапката, нивниот износ и на кого и во кој рок треба да му се исплатат.

Со овие и други одредби од Законот за општата управна постапка е регулирана материјата на трошоците на постапката.

Според Судот, со оспорената одредба од членот 26 од Законот за шумарска и ловна инспекција (lex specialis) и со одредбите од Законот за општата управна постапка (lex generalis), целосно е законски уредено прашањето на трошоците од инспекциската постапка во рамки на органот на управата, како во однос на тоа што опфаќаат трошоците во постапката со што се дефинирани и определени рамките и критериумите во пресметувањето на трошоците, така и во однос на субјектите кои ја вршат контролата, органот што го носи решението, обврската за плаќање, жалбата и други прашања.

Со оглед на напред наведеното Судот оцени дека не може да се прифатат наводите во иницијативата со кои се оспорува уставноста на поднасловот и членот 26 од Законот.

5. Врз основа на изнесеново, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.176/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски