212/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 181 ставовите 1, 2 и 3 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).

2. Киро Станков од Ново Село и други, Славе Михајлов од Кичево и други и Виолета Иванова од Струмица и други на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Во сите три иницијативи поднесени од наставници во одредени основни училишта, се наведува дека оспорениот член од Законот бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот, бидејќи истиот имал ретроактивно дејство. Исто така, оспорениот член бил во спротивност со член 9 став 2 од Уставот, бидејќи вработените наставници со вишо образование, во основното образование биле ставени во нееднаква положба во однос на останатите вработени наставници со високо образование кои имале над десет години работен стаж, бидејќи истите биле задолжени со оспорениот член да се стекнат со соодветно високо образование. Според подносителите на иницијативите со задолжување во оспорениот член од Законот, се повредувал член 9 од Уставот, бидејќи ваквото задолжение не се однесувало и на наставниците кои имале работен стаж над 10 години.

3. Судот на седницата утврди дека во член 181 од Законот за основното образование се предвидува дека со денот на влегување во сила на овој закон наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство над десет години во наставата продолжуваат да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати.

Со денот на влегувањето во сила на овој закон, наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство од десет години во настава продолжуваат да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, до стекнување со соодветно високо образование.
Наставниците од ставот 2 на овој член се должни да се стекнат со соодветно високо образование најдоцна за четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон, во спротивно им престанува работниот однос“.

4. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 44 од Уставот секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е бесплатно и задолжително.

Како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот во член 52 став 4 од Уставот е утврдена забраната на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на образование како комплексно прашање Уставот го уредува само начелно, предоставајќи го неговото поблиско уредување со закон. Тргнувајќи од тоа, неспорно е дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, може да донесува закони, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со остварувањето на уставно утврденото право на основно образование, кое е задолжително. Во рамките на уредувањето на овие прашања, законодавецот може да ги пропише и условите под кои се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во таа смисла да го утврди и видот и степенот на стручната подготовка на наставниците и другиот кадар кој може да врши определени работи од оваа дејност како што впрочем тоа и го направил со Законот за основното образование.

Со Законот за основното образование се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем (член 1).

Во насока на остварување, односно реализирање на наведените прашања, законодавецот во делот VII „Наставници, стручни соработници и воспитувачи“ ги пропишал условите, односно степенот на стручната подготовка, што треба овие лица да ги исполнуваат како услов за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование (која дејност, според член 12 од овој закон е од јавен интерес), а кој услов законодавецот има право да го утврдува согласно член 32 став 5 од Уставот. Притоа, кој степен и кој вид на стручна подготовка ќе биде утврден за вршење на воспитно-образовната дејност, е работа на целесообразност и е прашање што го оценува законодавецот, врз основа на научни и стручни анализи и согледувања.

Според член 77 од Законот за основното образование, воспитно-образовната работа во основните училишта ја остваруваат наставници, стручни соработници (педагог, психолог, социолог, социјален работник, дефектолог, библиотекар) и воспитувачи (став 1). Наставниците, стручните соработници и воспитувачите во основното училиште имаат соодветно високо образование (став 2). Видот на стручната подготовка на лицата кои остваруваат воспитно-образовна работа во основното училиште се уредува со норматив за наставен кадар во основното училиште, што го утврдува министерот (став 3).

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, како и од содржината на оспорениот член 181 од Законот, според Судот, овој член од Законот по својата содржина и карактер всушност претставува преодна одредба со која се регулира преодниот режим, односно начинот на преминување од постојните правни норми кон новите, поради што и истата е содржана во Глава XVI од Законот со наслов „Преодни и завршни одредби“.

Според Судот, неспорно е дека законодавецот има право при промена на режимот на уредување на односите во одделна област, во конкретниот случај при промена на видот на стручната подготовка, да го уреди преминот од стариот во новиот режим. Меѓутоа државата овој премин треба да го обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно дејства да бидат соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а притоа да не се доведе во прашање или во поголем обем да не се загрози правната сигурност на веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Обврската што со оспорениот член 181 од Законот им се наметнува само на наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство до десет години во настава, според Судот, не е пропорционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед дека претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а истовремено претставува загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, ако се има предвид и последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпи доколку во утврдениот рок не се стекнат со соодветното образование.

Поаѓајќи од анализата на целината на оспорената одредба на членот 181 од Законот за основното образование произлегува дека законодавецот на одредена категорија наставен кадар (наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство над десет години во настава) кој што не ги исполнувал ново утврдените услови за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование им овозможува и понатаму да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, на денот на влегувањето во сила на соодветните измени, односно нови прописи и без закана дека доколку не се здобијат со такво образование ќе им престане работниот однос, како што предвидува ставот 3 на оспорениот член 181 од Законот.

Оттука, разгледувајќи го во целина членот 181 од Законот, според Судот, овој член сам по себе не создава еднаквост меѓу вработените наставници со вишо образование во основните училишта. Имено со решението во оспорениот член од Законот, се повредува едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот – правото на еднаквост предвидено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

Законодавецот во конкретниот случај, според Судот различно постапил во уредувањето на преодниот режим за лица со ист статус и правна состојба, вработени – редовен работен однос, поради што наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство до десет години (став 2 од членот 181 од Законот) се доведени во нерамноправна положба во однос на наставниците со вишо образование во основните училишта со работно искуство над десет години (став 1 од членот 181 од Законот) кои исто така немале соодветно образование како што се предвидува во постојниот член 77 став 2 од Законот за основното образование, а сепак за овој кадар во оспорената законска одредба не се предвидува обврска за стекнување на соодветно образование, ниту се предвидува престанок на работниот однос, доколку не се стекнат со такво образование.

Тргнувајќи од наведената уставно судска анализа, пред Судот, основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 181 од Законот за основното образование со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.212/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски