170/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 4 и член 21 став 1 точка 4 од Законот за гробишта и погребални услуги („Службен весник на РМ“ бр.86/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 4 и член 21 став 1 точка 4 од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 став 1 и член 54 став 1 од Уставот. Ова затоа што правните последици на осудата настапувале автоматски по сила на законот што било недопуштено поради фактот што се ограничувале правата и слободите на граѓаните. Имено, со наведените одредби се вршело ограничување на правото на вршење на работа на одговорно лице или член на орган на управување кое било осудено за кривично дело, кое ограничување не било последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција односно казна, туку претставувало дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон, а не како индивидуална казна (забрана) што ја изрекува суд во рамките на видовите казни.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 15 став 1 точка 4 од Законот за гробишта и погребални услуги правно лице за да добие дозвола за управување со гробишта, покрај другите услови мора да го исполнува и условот „одговорното лице или член на органот на управување на правното лице да не е правосилно осудено за кривично дело во јавните финансии, платниот промет и стопански или кривични дела против работните односи, додека траат последиците од пресудата или да не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од една или повеќе години.

Според оспорениот член 21 став 1 точка 4 од наведениот закон физичко или правно лице за да добие дозвола за вршење на погребални услуги, покрај другите услови мора да го исполнува и условот „одговорно лице или член на органот на управување на правното лице односно физичкото лице да не е правосилно осудено за кривично дело во јавните финансии, платниот промет и стопанството или кривични дела против работните односи, додека траат последиците од пресудата или да не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од една или повеќе години.

4. Во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеењето на правото.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 13 став 1 од Уставот е предвидено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, пак, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во членот 32 став 1 од Уставот е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Во ставот 5 на член 32 од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуват со закон и со колективни договори.

Според член 54 став 1 од Уставот, во однос на кој, исто така, се оспорува уставноста на означената законска одредба, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во овој член се определува и тоа дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, национално или социјално потекло или општествена положба (став 3) и дека ова ограничување не може да се однесува за определени права и слободи утврдени во ставот 4 на овој член од Уставот.

Тргнувајќи од фактот што правните последици од осудата како посебен правен институт не се забранети со Уставот, законодавецот општите правила и рамка за нивно пропишување ги утврдил во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1999, 80/1999, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 73/2006, 7/2008 и 139/2008), така што, во посебна глава го уредил прашањето на настапувањето, почетокот и траењето на правните последици. Имено, во член 101 став 1 е утврдено дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудата за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а според став 2 на овој член правните последици можат да се предвидат само со закон.

Според член 102 од Кривичниот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата (став 1), правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарена казна (став 2) и правните последици од осудата престануваат со бришење на осудата (став 3).

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата се предвидуваат со закон, дека тие се состојат во забрана на стекнување на определени права и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција.

Оттука, иако правните последици од осудата според своето дејство имаат исти ефекти како и казните што ги изрекува судот, особено оние што се состојат во забрана на вршење определени права , сепак нивната системска поставеност во однос на казните е сосема поинаква.

Анализирајќи ги оспорените одредби од член 15 став 1 точка 4 и член 21 став 1 точка 4 од Законот за гробишта и погребални услуги во контекст на наведените уставни одредби, како и одредбите од Кривичниот законик, Судот оцени дека во конкретниов случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на закон, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата.

Според Судот ограничувањето на правото на добивање на дозвола за управување со гробишта и добивање на дозвола за вршење на погребални услуги во случајот кога лицето со правосилна пресуда е осудено за кривични дела од определена област додека траат правните последици од пресудата или кога му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на дејност во траење од една или повеќе години, не се врши непосредно со оспорените членови од Законот, туку, тоа ограничување произлегува од правното дејство на самата правосилна судска одлука со која е изречена казната односно забраната. Тоа со други зборови значи дека лицето наведените дејности, не може да ги врши односно не може да добие дозвола за вршење на тие дејности не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот.

Оттука, имајќи во предвид дека забраната односно неможноста за добивање на дозвола за вршење на определени дејности не е трајна и се однесува не за било кои, туку за кривични дела од определена област и истата трае додека траат правните последици, Судот оцени дека оспорените одредби не може да бидат доведени под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.170/2008
11 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски