Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 февруари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Нас. „Езерски Лозја“ дел I, донесена од Советот на општина Струга на 3 октомври 2003 година, бр.07-1492/2.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на Деталниот урбанистички план за Нас. „Езерски Лозја“дел I Струга со Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање на објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/1999, 102/2000, 2/2002) и со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 2/2002 и 5/2003).
3. Шерафат Рамуш од Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената Одлука за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план не била во согласност со Законот за просторното и урбанистичко планирање, Законот за изградба на инвестициони објекти и Законот за градење. Ова затоа што при вцртување и спроведување на постапката за донесување на планот со кој е предвидено на соседот на подносителот на иницијативата да му се дозволи доградба на постојната куќа не било водено сметка за растојанието помеѓу постојниот објект на подносителот на иницијативата и новопредвидената доградба односно не било запазено растојанието од 3 метри меѓу парцелите на кој начин се доведувало во прашање и злоупотреба на правото на сопственост и соседското право.
Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека урбанистичкиот план не бил истакнат на јавен увид на огласна табла, односно доградбата била вцртана и вклопена преку анкетен лист со што му било скратено правото на приговор како заинтересирана и оштетена страна.
4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука, со неа се донесуваат измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за Нас. „Езерски Лозја“ дел I општина Струга.
Во членот 2 од Одлуката е утврдено дека Деталниот урбанистички план содржи графички дел, текстуален дел, стручна ревизија, одговор на стручна ревизија, извештај од стручна ревизија и извештај од јавната анкета за постапување по забелешки.
Во членот 3 од Одлуката се утврдени границите на опфатот на просторот за кој се донесува планот кој изнесува 27,81 ха.
Во членот 4, пак, е предвидено дека извештајот од стручната консултација и извештајот од јавната анкета изготвени од општинскиот надлежен орган од областа на урбанизмот се составен дел на одлуката.
Во членот 5 од Одлуката, е предвидено дека измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Нас. „Езерски Лозја“ дел I Струга ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски П.Е. Струга врз основа на согласноста на Планот бр.13-9103 од 13 август 2003 година од страна на Министерството за транспорт и врски – Скопје.
Според член 6, пак, од Одлуката Деталниот урбанистички план се заверува со потпис и печат од градоначалникот на општина Струга со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен.
Според член 7 Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.
Во понатамошната постапка,од документација доставена од Советот на општината Струга, Судот утврди дека:
Нацрт на планот е изготвен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија – ИН-ПУМА Скопје (мај 2003 година).
Стручната ревизија на нацрт измените и дополнување на Деталниот урбанистички план Струга за „Езерски Лозја“ општина Струга е изготвена од ЈП „Штип Проект“ Штип, а изготвувачот на планот дал одговор на стручната ревизија.
Министерството за транспорт и врски под бр.23-530/1 од 14 јули 2003 година дало стручно мислење по нацрт на планот кој бил со опфат од 35,61 ха при што дал мислење во однос на тоа дека поввршината на опфатот на планот да се усогласат со член 11 став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање и со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичката изработка на планот односно да изнесува максимум 30 ха.
На 19 јуни 2003 година нацрт на планот бил утврден со Заклучок бр.23-893/1 од страна на главниот архитект на Струга, а врз основа на претходно спроведените дејствија и врз основа на Записникот бр.23-892/1 од 19.06.2003 година.
Градоначалникот на општина Струга на 20 јуни 2003 година донел Одлука за организирање на јавна анкета по Нацртот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Езерски Лозја“ Струга бр.08-894/1, според која јавна анкета траела 10 дена односно од 20 јуни до 30 јуни 2003 година.
Соопштението за спроведување на јавната анкета која траела 10 дена било објавено во весникот „Македонија денес“ и била емитувана преку Радио Ди Џеј – Струга, ТВ Калтрина 5 Струга.
Во натамошната постапка, а од Извештајот за спроведената јавна анкета со осврт за стручната консултација по Нацртот на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Езерски Лозја“ Струга од 30 јуни 2003 година бр.23-971/2 е утврдено дека Нацртот – планот бил истакнат на видно место во просториите на Советот на општина Струга, дека јавната анкета траела 10 дена, а за согледување на забелешките од јавната анкета била формирана Комисија за разгледување на забелешки од анкетните листови.
Од извештајот од јавната анкета е утврдено дека до Комисијата за разгледување на забелешките биле поднесени 16 приговори при што за секој приговор е даден соодветен одговор.
По спроведената постапка, а согласно стручното мислење од Министерството за транспорт и врски според кое површината на опфатот на планот потребно е да биде усогласен со Законот. Советот на општина Струга поднел барање бр.23-1104/1 од 11.08.2003 година до Министерството за транспорт и врски за издавање на согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за „Езерски Лозја“ дел I.
Министерството за транспорт и врски на 13.08.2003 година дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за „Езерски Лозја“ дел I – Струга.
По давање на согласноста, Советот на општина Струга ја донел Одлуката за донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Езерски Лозја“ дел I – Струга која е оспорена со иницијативата.
Од увидот извршен во Нацрт-планот и од доставената документација е констатирано дека постапката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план „Езерски Лозја“ претставувало една целина односно била спроведена една постапка. Меѓутоа, Советот на општина Струга постапувајќи по Мислењето на Министерството за транспорт и врски, а со цел да се запази опфатот на планирањето на просторот, донел посебни одлуки и тоа Одлука за дополнување на Деталниот урбанистички план за „Езерски Лозја“ дел I со опфат кој изнесува 27,81 ха. и Одлука за Деталниот урбанистички план „Езерски Лозја“ дел II со опфат кој изнесува 7,80 ха.
5. Според членот 2 од Законот за просторното
и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој што важел во време кога е донесена оспорената одлука, просторното и урбанистичко планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Според членот 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирање, покрај другите планови, се донесува и детален урбанистички план.
Согласно членот 11 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план и содржи синтензен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули со градежни парцели, површини за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа и др. Билансните показатели содржат: податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните модули согласно со соодветните стандарди и нормативи.
Во Законот за просторното и урбанистичкото планирање се утврдени и субјектите кои можат да ги изработуваат урбанистичките планови, а исто така се утврдени и нивните обврски, односно задолженија при изработувањето на овие планови. Во овој контекст значаен е членот 21-а од Законот според кој при изработувањето на урбанистичките планови, во кои спаѓа и деталниот урбанистички план, задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.
Во членот 20 став 1 од Законот е утврдено дека измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено. Постапката за донесување на плановите е уредена со членовите од 17 до 22 од Законот.
Од содржината на членот 17 од Законот, која се однесува и на деталните урбанистички планови, произлегува дека тие се изработуваат како нацрт и предлог на план.
По нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета која ја организира општината. Одлуката за јавната анкета ја донесува градоначалникот на општината, по утврдувањето на нацртот на планот од страна на општинската администрација.
Според член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најдоцна 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.
За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. За јавната анкета се изготвува извештај, со образложение за неприфатените забелешки.
Пред организирање на јавна анкета, по нацртот на деталните урбанистички планови, согласно член 19 од Законот се врши стручна ревизија од страна на правно лице кое има добиено овластување, а што ќе го определи градоначалникот на општината.
Според член 22 став 6 од Законот, деталните урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, од една страна и утврдената фактичка состојба од друга страна, произлегува дека оспорената Одлука за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Езерски Лозја“ дел I е донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во времето на донесување на планот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со законот.
6. Во однос на наводите од иницијативата дека оспорениот Детален урбанистички план не бил во согласност со Законот за изградба на инвестициони објекти и Законот за градење затоа што при вцртување на доградбата на постојната куќа на соседот на подносителот на иницијативата не било водена сметка за растојанието помеѓу постојниот објект и новопредвидената доградба, односно не било запазено растојанието од 3 метри помеѓу парцели Судот го утврди следното:
Според член 15 од Законот за изградба на инвестициони објекти („Службен весник на СРМ“ бр.15/1990, 11/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1994, 18/1999 и 25/1999) техничката документација се изработува според условите за градба и стандардите и нормативите за проектирање на објекти.
Со стандардите и нормативите за проектирање на објекти се утврдуваат параметри од областа на јавните патишта, водите, засолнувањето, заштитата од пожари, заштитата при работа, заштита на животната средина на споменици на културата и архитектонско обликување на објектите.
Стандардите и нормативите од став 1 на овој член ги донесува министерот надлежен за работи на урбанизам и градежништво, по претходно прибавено мислење од министерството надлежно за соодветната област.
Врз основа на наведената одредба донесен е Правилник за стандарди и нормативи за проектирање на објекти со кој се пропишуваат стандардите и нормативите за проектирање на објекти кои се применуваат при изработка на проектна документација за градба, доградба, надградба и реконструкција на објектите, при ревизија на проекти, при надзор и при градење на објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/1999, 102/2000, 2/2002, 5/2004 и 78/2008).
Со донесување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) односно со член 146 од овој закон е предвидено дека со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за изградба на инвестициони објекти.
Според член 33 став 5 од наведениот закон е предвидено дека стандардите и нормативите за проектирање од став 4 на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работи од областа на уредувањето на просторот.
Врз основа на наведената законска одредба е извршена последната измена на Правилникот за изменување и дополнување на стандардите и нормативите за проектирање на објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2008).
Согласно членот 21-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999 и 53/2001), а кој важел во времето на донесување на оспорената одлука, министерот за транспорт и врски донел Правилник за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).
Во членот 11 од наведениот правилник било предвидено дека во Законот за домување е определено дека со урбанистичкиот план при планирање на нови објекти за домување, доградба или надградба на постојните објекти минималното растојание од најистурениот дел на планираниот објект освен стреа, до границата на соседната урбанистичка парцела односно до тротоарот на сообраќајницата, изнесува една четвртина од планираната висина, но не помалку од 1,2 метри.
Со донесување на Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), а согласно член 31 став 4 министерот за транспорт и врски донел Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006 и 140/2007) со кој престанал да важи Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).
Со наведените правилници се пропишуваат стандарди и нормативи за проектирање на објектите односно за урбанистичко планирање кои се применуваат при изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови при што согласно член 40 растојанието помеѓу површината за градење и градежната парцела зависи од типот на градбата и намената на земјиштето и тоа растојание може да биде најмалку 1,20; 3 или 6 метри.
Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изградба на инвестициони објекти, Законот за просторното и урбанистичкото планирање кои важеле во времето на донесување на оспорената Одлука, како и Законот за градење произлегува дека нормативите и стандардите за проектирање на објектите и урбанистичко планирање на просторот се утврдуваат со подзаконски акти кои во суштина по својот карактер претставуваат технички нормативи кои се засноваат на одредени научни и стручни мислења и искуства од областа на урбанистичкото планирање.
Со оглед на наведеното, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата дека при изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план не биле почитувани соодветните нормативи и стандарди за проектирање на објекти и за урбанистичко планирање, Судот оцени дека тоа се прашања кои излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд. Ова затоа што во случај Судот да се впушти во оценка на овие наводи, тогаш тоа во суштина би значело оценување на меѓусебната усогласеност на оспорениот план со наведените правилници, а со оглед дека се работи за прописи од ист правен ранг, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.7/2008
4 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски