Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 февруари 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.15/1998 и 9/2002) донесени од Советот на Град Скопје.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стрезо Стрезовски од Скопје, со Решение У.бр.148/ 2008 од 17 декември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 52 став 3 од актот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба, од наведениот акт со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 52 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје е предвидено дека корисникот кој од било кои причини не ја користи топлинската енергија е должен писмено да го одјави користењето, а исклучувањето и приклучувањето на затоплуваниот простор на корисникот може да се изврши, по барање на корисникот, само вон грејна сезона. Според ставот 3 на овој член од Условите, е предвидено дека за исклучениот простор корисниците плаќаат надоместок согласно со Тарифниот систем.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со членот 55 од Уставот е определено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008) е влезен во сила на 2 јуни 2006 година и со денот на влегувањето во сила на овој закон престанал да важи Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 40/1999, 98/2000, 94/2002, 38/2003 и 40/2005), на кој се засновал оспорениот акт донесен од Советот на град Скопје. Во делот на преодните и завршните одредби од Законот, со членот 155 е уредено дека прописите предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три години од денот на влегувањето во сила на овој закон. До донесувањето на прописите од ставот 1 на овој член ќе се применуваат прописите што важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.
Судот утврди дека Зaконот за енергетика од 1997 година со неговите измени и дополнувања, во делот на одредбите од членовите 25-40 ги уредил прашањата на „Испорака на енергија од енергетски систем“. Во овие и во останатите одредби од Законот не била утврдена должност за плаќање надомест од страна на лицата кои престанале да бидат корисници на топлинска енергија поради исклучување на грејниот простор од топлинската енергија на енергетскиот систем. Со Законот, покрај тоа што не била предвидена таква обврска, не биле утврдени ниту критериуми по кои со подзаконски акти би се определувала висината и условите за континуираното плаќање на надоместокот.
Со членовите 32 и 33 од поранешниот Закон биле уредени должностите на корисниците на енергија од енергетскиот систем, при што било определено како тие да се однесуваат спрема уредите и инсталациите за да не се предизвикуваат технички проблеми и опасности, да овозможат правилно користење на енергијата, а меѓу другото и да ја платат испорачаната енергија согласно со условите за снабдување (испорака) на енергија, договорот за снабдување (испорака) и законот. Доколку корисникот не се придржувал кон должностите, испорачателот на енергија од енергетскиот систем можел по претходно предупредување, да му ја прекине испораката на енергија од енергетскиот систем, а повторно ќе го приклучел доколку лицето ги отстрани причините за исклучувањето, но трошоците за повторно приклучување на мрежата ги поднесувал корисникот на енергија, согласно членот 34 став 2 од Законот. Условите за снабдување (испорака) со соодветен вид енергија од енергетските системи и Методологијата за формирање на цените за одделни видови енергија ги пропишува Регулаторната комисија, согласно членот 37 став 3 и членот 39 став 2 од Законот.
Судот утврди дека со изнесената законска регулатива не била утврдена обврска за лицата кои веќе немаат статус на корисници, да плаќаат надомест како резултат на исклучување од енергетскиот систем.
Судот, исто така, утврди дека предметното овластување на Регулаторната комисија од членот 37 став 3 и членот 39 став 2 од Законот, било утврдено со измените и дополнувањата на тогаш важечкиот Закон во 2002 година, меѓутоа, во случајов оспорените Услови за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје биле донесени од градот Скопје, а не од Регулаторната комисија, односно датирале уште пред измените и дополнувањата на Законот и како такви се во примена.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека во случајов со закон не била утврдена обврска за плаќање на надоместок од страна на лицата кои не се корисници на топлинска енергија поради исклучување од енергетскиот систем, а воедно во правниот поредок на Република Македонија кога е во важност нов Закон за енергетика од 2006 година, според кој во рок од три години од неговото влегување во сила ќе треба да се донесат прописите предвидени со овој закон се уште се применуваат прописи кои не се усогласени ниту со Законот за енергетика кој важел во времето на нивното донесување.
Со новиот Закон за енергетика од 2006 година, со членот 19 е определена надлежност Регулаторната комисија за енергетика да пропишува тарифни системи за одделни видови енергија и да донесува одлуки за цени на одделни видови енергија.
Имајќи ја предвид изнесената правна и фактичка состојба, Судот утврди дека оспорената одредба од членот 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.15/1998 и 9/2002) донесени од Советот на Град Скопје, не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.148/2008
4 февруари 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски