39/2008-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 126 став 1 во делот

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Сашо Врбовски од Битола, Стамен Филипов и Димитрија Атанасовски двајцата од Скопје, со Решение У.бр.39/2008 и 48/2008 од 3 декември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 126 став 1 од Законот, за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот имот кој се наоѓа во Република Македонија исклучително е надлежен суд на Република Македонија, “односно нотар како повереник на судот” (оспорен дел).

Според ставот 2 на овој член од Законот, судот ќе му го довери на нотарот спроведувањето на оставинската постапка и ќе му го достави оставинскиот предмет со сите списи, во рок од осум дена од денот кога предметот ќе биде заведен.

Според ставот 3 на овој член од Законот, кога нотар спроведува дејствија во оставинската постапка како повереник на судот, овластен е да ги презема сите дејствија во постапката и да ги донесе сите одлуки, освен оние за кои со овој закон поинаку е пропишано.

Според оспорениот член 127 од Законот против решението на нотарот кој постапува како повереник на судот, дозволен е приговор во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението на учесниците.

Приговорот се доставува до нотарот кој е должен без одлагање, но најдоцна во рок од три дена, заедно со списите да го достави до надлежниот основен суд кој му го доверил постапувањето по оставинскиот предмет.
По приговорот одлучува судија поединец.

Според оспорениот член 128 од Законот, ненавремениот, нецелосниот или недозволениот приговор, судот ќе го отфрли.
Одлучувајќи по приговорот против решението кое го донел нотарот, судот може во целост или делумно решението да го потврди или да го укине.
Кога судот решението делумно ќе го укине или делумно ќе го потврди, самиот ќе одлучи за укинатиот дел на решението.
Против решението на судот со кое решението на нотарот во целост или делумно е укинато, дозволена е жалба во рок од осум дена од доставувањето на првостепеното решение.
Решението по приговорот им се доставува на учесниците и на нотарот.
Врз решението на нотарот против кое е изјавен приговор, а судот го отфрлил, клаузулата за правосилност ја става судот што одлучувал по приговорот.
Решението на нотарот против кое не е изјавен приговор е правосилно. Клаузулата за правосилност на ова решение ја става нотарот.
Грешките во имињата и броевите, како и други очигледни грешки во пишувањето и сметањето, ќе ги исправи оној што го донел решението.
Исправките ќе се извршат со посебно решение, а на учесниците ќе им се достави посебно решение.

Според оспорениот член 132 став 1 од Законот, нотарите, како судски повереници, преземаат дејствија и донесуваат одлуки во оставинската постапка согласно со одредбите на овој закон.

Според оспорениот член 134 став 2 од Законот за наследување, во случаите од членовите 160, 161 и 162 на овој закон, нотарот може да донесе одлука само со согласност на сите учесници. Во спротивно, нотарот ќе му ги врати списите на судот.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Судската власт е посебна и самостојна власт. Судската власт според Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот ја вршат судовите кои се самостојни и независни кои се востановуваат само со закон и е забрането формирање на вонредни судови. Судството е поставено како единствен систем во кој треба да се обезбеди остварување на владеењето на правото и правната држава, како услов за остварување на темелните вредности на уставниот поредок.

Во делот II „Организација и надлежност“ од Законот за судовите, како видови на судови согласно членот 22 од овој закон, во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во членот 23 став 3 од Законот е утврдено дека во рамките на основните судови со проширена надлежност се основаат специјализирани судски оддели што ќе постапуваат за одделни видови на спорови, а според ставот 4 на овој член од Законот, основните судови можат да имаат судски одделенија, да судат надвор од седиштето на судот, како и да имаат судски денови надвор од седиштето на судот.

Според членот 30 став 2 алинеја 11 од Законот, основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, меѓу другото, и за вонпарнични и оставински работи.

Со Законот за вонпарничната постапка се утврдуваат правилата на постапката според кои судовите постапуваат и одлучуваат за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи определени со овој или друг закон.

Според член 126 од Законот за расправање на оставина на држајанин на Република Македонија во однос на неговиот имот кој се наоѓа во Република Македонија исклучително е надлежен суд на Република Македонија, односно нотар како повереник на судот.

Судот ќе му го довери на нотарот спроведувањето на оставинската постапка и ќе му го достави оставинскиот предмет со сите списи, во рок од осум дена од денот кога предметот ќе биде заведен.

Кога нотар спроведува дејствија во оставинската постапка како повереник на судот, овластен е да ги презема сите дејствија во постапката и да ги донесе сите одлуки, освен оние за кои со овој закон поинаку е пропишано.

Суд на Република Македонија исклучително е надлежен за расправање на оставина на државјанин на Република Македонија во однос на неговиот движен имот што се наоѓа во странство, а во однос на неговиот недвижен имот кој се наоѓа во странство ќе биде надлежен само ако според законите на државата во која се наоѓа имотот не е надлежен странски орган.

Тргнувајќи од содржината на оваа законска одредба произлегува дека новината воведена во член 126 став 1 од овој закон се однесува на расправањето на оставината. Имено, покрај надлежноста на судот, предвидена е и надлежноста на нотар како повереник на судот, а потоа ставовите 2 и 3 од истиот член претставуваат надополнување на ставот 1, бидејќи тука се утврдува задолжување на судот за достава на оставинскиот предмет до нотарот заради спроведување на оставинска постапка, како и законско овластување на нотарот, како повереник на судот, за преземање на дејствија во оставинската постапка.

Во член 127 од Законот е предвидена судската заштита преку правото на приговор против решението кое го донесува нотарот во врска со спроведувањето на оставинската постапка, додека пак во членот 128, детално е разработено постапувањето на судот по поднесениот приговор против решението на нотарот, постапувањето на нотарот во случај кога не е изјавен приговор против неговото решение, како и начинот на исправка на евентуалните грешки содржани во решението за спроведување на оставинска постапка.

Оваа новина била воведена поради поефикасно постапување на судовите при спроведување на оставинската постапка. Во исто време се доаѓа до растоварување на судството од неспорни предмети и зголемување на ефикасноста на судството што е важен предуслов за остварување на правата на граѓаните и остварување на судската заштита.

Од друга страна пак, со Законот за нотаријатот се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Согласно членот 2 од овој закон, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.

Според ставот 2 на овој член од законот, нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Со членот 3 од овој закон се утврдува дека нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.
Прашањето на пренесувањето на јавните овластувања својот основ го имат во Уставот на Република Македонија. Имено, според член 53 од Уставот адвокатурата е утврдена како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од оваа уставна одредба произлегува дека целта на член 53 од Уставот е да го утврди статусот и положбата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, односно адвокатурата е јавна служба во обезбедување на правна помош но тоа не го прави во вид на јавно овластување, туку таквите овластувања можат да бидат пренесени со посебен закон.
При тоа оваа уставна одредба не треба да се толкува дека таа ја исклучува можноста правна помош да обезбедуваат и други субјекти. Имено. во прашање е залагање Уставот да се толкува креативно односно идејата за пренесување на вршењето на јавните овластувања врз недржавни институции не само што не му е туѓа на Уставот, туку неа тој ја претпочита.
Со вакво толкување на Уставот може да се дојде до уставниот основ на нотаријатот како јавна служба, и да се даде одговор дека вршењето на работи во вид на јавни овластувања можат да се пренесат и на служби кои не се споменуваат во Уставот.
Впрочем, во Уставот и не можат односно ирационално е да се спомнат сите можни служби на кои ќе им бидат пренесени јавни овластувања.
Според правната наука јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверуваат на установи, организации и заедници и најчесто се однесуваат на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и сл.)
На овие субјекти правото да вршат јавно овластување им се пренесува со закон и се регулира со закон.
Во вршењето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување.
Според тоа, законодавецот поаѓајќи од уставните овластувања, со Законот за нотаријатот определени судски и управни надлежности ги пренесол на нотаријатот како нова самостојна и независна јавна служба.

Во Глава XIII од Законот за нотаријатот е уредено прашањето кое се однесува на „нотарите како повереници на судовите и другите органи“. Во поднасловот на оваа глава „Спороведување на оставинска постапка“ во членот 133 е предвидено дека овластувањата на нотарите за распоредување на оставината се уредуваат со законот кој ја уредува таа постапка.

Во поднасловот „Други работи кои можат да му се доверат на нотарот“ во членот 128 е предвидено дека судот или друг орган може на нотарот да му ги довери сите работи што се утврдени со посебен закон, доверената работа може во секое време, од оправдани причини, да му биде одземена на нотарот, нотарот одговара за штетата која како повереник на било кој орган им ја направил на странките.
Правната положба на нотарот како повереник е уредена со членот 135 според кој на нотарот како повереник на судот или на друг орган на соодветен начин се применуваат правилата со кои се уредува постапката во која му е доверено вршењето на определени работи, особено правилата за изземање, за достава, барање правна помош, податоци и друго.
По извршувањето на определено службено дејство нотарот е должен без одлагање да му поднесе извештај на органот кој му ја доверил работата.
Прашањето на надзор над работењето на нотарот како повереник е уредено со член 136 од Законот според кој надзорот над работењето на нотарот како повереник на одреден орган го врши самиот тој орган. Органот е овластен да му нареди на нотарот да ги предаде актите и по службена должност присилно да го изврши таквиот налог.
Со членот 137 од Законот е утврдено дека актите на службените дејствија кои нотарот ги извршил како повереник на судот или на некој друг орган се чуваат во архивата на тој орган одвоено од другите акти.
Од анализата на наведените уставни одредби како и од анализата на одредбите од Законот за нотаријатот, а кои се однесуваат на тоа дека судовите и другите органи можат да му доверат на нотарот и други работи утврдени со посебен закон, Судот смета дека не се повредуваат членот 8 став 1 алинеја 4 и членот 98 имајќи предвид пред се, дека вршењето на доверените работи од Уставот е утврдено со посебни закони и дека нотарот тие работи односно дејствија ги презема во името на судот односно органот и доверените работи во секое време можат од оправдани причини да му бидат одземени.
Имено, со ваквото законско овлатување во конкретниот случај, нотарите да можат да се јават како повереници на судот, интенцијата на законодавецот не била на нотарот да му бидат пренесени еднаш за секогаш судските надлежности, туку да му бидат доверени одредени работи односно дејствија во одреден момент за одредена правна работа која останува и понатаму во надлежност на судот.
Според тоа, од оспорените одредби од Законот за вонпарнична постапка не произлегува дека на судовите им се одземаат поединечните дејствија што припаѓаат во нивна надлежност, туку дека поединечни дејствија судовите можат да им ги доверат на нотарите или поконкретно кажано нотарите во име и за сметка на судот ги преземаат дејствијата што му се доверени со закон.
Според тоа, со вака доверените работи на нотарот во име и за сметка на судот да презема одредени дејствија не се доведува во прашање надлежноста на судот, туку на овој начин се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија.
Со ваква можност се постигнува и растеретувањето на предметите во судовите, со што се создаваат поефикасни услови за граѓаните да го остваруваат своето право на судење во разумен рок.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ја предвид уставно-правната анализа на оспорената Глава VIII од Законот за вонпарнична постапка, како и анализата на одредбите од Законот за нотаријатот во делот што се однесуваат на „нотарите како повереници на судот и другите органи“, Судот оцени дека не се повредува принципот на поделбата на власта од член 8 став 1 алинеја 4 и Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија.

Во уставносудската анализа, Судот првенствено ги имаше во предвид уставните начела на владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

5. Судот со Решение У бр. 39/2008 и 48/2008 од 3 декември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на означените одредби од Законот од следните причини:

Тргнувајќи од Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија, кој што, помеѓу другото, го развива принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, Судот сметал дека не е можно да се воспостави принцип или правило според кое работите кои се утврдени како судска надлежност истовремено и алтернативно да се вршат од страна и на други органи, односно од страна на други лица кои не се судии.
Законот за судовите, како што се гледа, цврсто стои на оваа позиција.
Според мислењето на Судот, можно е определени постојни судски работи со закон да се пренесат во надлежност на други органи, односно да се изземаат од судска надлежност што е сосема различно, и во принцип уставно непроблематично прашање.

Поаѓајќи од анализата на уставните одредби во однос на кои се оспорувале наведените одредби од Законот за вонпарнична постапка, одредбите од Законот за судовите кои се однесуваат на нивната надлежност, како и концептот на Законот за вонпарнична постапка , Судот оценил дека за одредени оспорени одредби и нивни делови од Законот основано можело да се постави прашањето за нивна согласност со Уставот.

Имено, Судот сметал дека овластувањето на нотарите при расправање на оставината да донесуваат и одлуки во име на судот, е спротивно на Уставот. Нотарите имаат право да ги преземаат сите дејствија во смисла на подготовка на одлуката за оставинска постапка, но не и да ги донесуваат одлуките, кои сепак се во исклучива надлежност на судот.

Според тоа, со оспорените одредби од Законот за вонпарнична постапка како што се: член 126 став 1 во делот: „односно нотар како повереник на судот“ и став 3 во делот: „и да ги донесе сите одлуки“, членовите 127 и 128, членот, 132 став 1 во делот: „и донесуваат одлуки“ и членот 134 став 2 во делот: „нотарот може да донесе одлука“ се давало можност спротивно на Уставот судската власт да ја вршат лица кои не се судии, односно не се судски органи и не можат да добиваат квалитет на суд.

Поаѓајќи од анализата на наведените оспорени одредби и нивни делови од Законот, Судот го поставил прашањето дали при постапката за расправање на оставина нотарите можат да донесуваат одлуки. За Судот не бил спорен фактот дека нотарот како повереник на судот можел да презема дејствија што ги налагал оставинската постапка, меѓутоа, се поставувало едно мошне принципиелно прашање дали нотарите можат да донесуваат и одлуки во оваа постапка, со оглед на тоа што според Законот за вонпарнична постапка расправањето на оставината е надлежност на судот. Ако по дефиниција одлуката за утврдување на правата врз оставината е судска надлежност, тогаш, тоа не би можело истовремено да биде надлежност и на други органи како што е случајот со нотаријатот. Ова од причина што согласно амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни.
При анализа на оспорените членови и нивни делови во корелација со членот 120 од Законот во кој е утврдено дека во постапката за расправање на оставина судот ги утврдува наследниците на умрениот, имотот кој ја сочинува неговата оставина и правата од оставината што им припаѓаат на наследниците, легатарите и други лица, Судот оценил дека законодавецот во другите оспорени одредби кои го уредуваат ова прашање не бил доследен до крај од причини што тој можел расправањето по оставинската постапка да го утврди како надлежност што не припаѓа на судската власт, туку на други органи, на пример на нотаријатот.
Во прилог на оваа констатација оди и одредбата од член 122 став 1 од Законот според која изведувањето на докази и земање на изјава за откажување од наследство (негативна изјава) го вршел судија со записничар, а во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека другите изјави и предлози од учесниците можат да ги земаат на записник и стручни соработници, со записничар.
Од содржината на оваа одредба од Законот произлегува дека изјава за откажување од наследство може да се даде исклучиво само пред судија.

Од изнесените причини при поведување на постапката Судот го поставил прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со принципот на владеењето на правото и поделбата на државната власт утврдено во членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот како темелни вредности на
уставниот поредок на Република Македонија, како и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

Меѓутоа, Министерството за правда како носител на Законот во процесот на неговото донесување, во одговорот на причините поради кои Судот поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот изнесе спротивни аргументи наведувајќи дека: “Уставот на Република Македонија дефинирајќи го уставно-правниот карактер на судовите како самостојни и независни, кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот кој произлегува од Уставниот амандман XXV, со кој е заменет членот 98 од Уставот на Република Македонија. Притоа Уставот не ја дефинирал содржината на судската власт туку во ставот 4 утврдува дека видовите, надлежностите, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници. Со ваквата уставна поставеност се дава можност содржината на судската власт да се уреди со закон меѓу другото и надлежноста и постапките пред судовите. Со Законот за судовите во членот 3 недвосмислено и јасно се утврдени целите и функцијата на судската власт кој таксативно ги набројува. За да во членот 4 од Законот ги дефинира и прашањата за кои одлучува судот. Од овие две одредби јасно произлегува дека основна функција на судовите е „заштита на човековите права и слободи и решавање на спорните прашања“.

Од друга страна, по својот карактер постапките кои се водат согласно Законот за вонпарничната постапка се „неспорни“ постапки и тие во основа се постапки кои се еднострани во кои граѓаните остваруваат поединечни права и решаваат правни ситуации. Во моментот кога ќе се појави спор престанува примената на Законот за вонпарнична постапка и судот странката, односно учесниците во постапката ги упатува на спор во суд.

Оставинската постапка како постапка „sui generis“ е всушност неспорна постапка и улогата на судот е само констатирање на волјата на оставителот, односно наследниците. Практично кажано тоа значи дека судот односно стручниот соработник само констатира определена состојба и не се впушта во утврдување на спорни факти.

Со поставувањето на нотарите како повереници на судот во основа ја имаат истата улога, да непосредно ја констатираат волјата на оставителот и неговите наследници. Притоа, ако се појави спорна состојба тој веднаш ја прекинува постапката. Ваквата улога на нотарите нема за цел впуштање во решавање на спорови, напротив неспорните правни состојби ги констатираат”.

6. Врз основа на изнесеното, Судот во оценка на правната состојба, поаѓајќи првенствено од уставните одредби и од содржината на оспорените законски одредби, како и врз основа на членот 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, утврди дека нотарите во оставинската постапка донесуваат решение кое има само декларативно а не конститутивно значење (карактер) и при тоа се обезбедува судска заштита и контрола преку правото на приговор на странките до судот. Оваа логика е следена и во Законот за нотаријатот, според кој нотарите вршат јавни овластувања само за неспорни правни работи.

Според тоа, од оспорените одредби од Законот за вонпарнична постапка не произлегува дека на судовите им се одземаат поединечните дејствија што припаѓаат во нивна надлежност, туку дека поединечните дејствија судовите можат да им ги доверат на нотарите или поконкретно кажано нотарите во име и за сметка на судот ги преземаат дејствијата што му се доверени со закон. Со вака доверените работи на нотарот во име и за сметка на судот да презема одредени дејствија не се доведува во прашање надлежноста на судот, туку на овој начин се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8.
Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.39/2008
У.бр.48/2008
4 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски