Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 30-а и 30-б од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004, 113/2005, 98/2008 и 107/2008).
2. Исмет Фетаи од Гостивар, Здружението на граѓани „Граѓанско движење – Разбуди се“ од Скопје, Мерал Узеири Ферати, Флора Кадриу и Садије Илјази од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата на Исмет Фетаи, со ваквиот начин на одредување на користењето на правото на родителски додаток за дете, се вршела територијална поделеност на државата, а исто така и една третина на граѓаните на Република Македонија се ставале во нерамноправна положба во користењето на човековите права и граѓанските слободи, социјалната правда, економската благосостојба за сите под еднакви услови и напредокот на личниот и заедничкиот живот. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека дел од членот 30-а став 1 од Законот не е во согласност со Амандман IV на Уставот на Република Македонија, член 3 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 и членовите 9, 35, 41, 42 и 51 од Уставот на Република Македонија.
Во иницијативата на Здружението на граѓани „Граѓанско движење – Разбуди се“ се наведува дека членот 30-а став 1 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и членовите 9 и 51 од Уставот со оглед дека таа законска одредба не го обезбедувала хуманизмот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, создавала нееднаквост и поради тоа не била во согласност со Уставот.
Според наводите во иницијативата на Мерал Узеири Ферати, Флора Кадриу и Садије Илјази, членовите 30-а и 30-б од Законот не се во согласност со членовите 9, 41, 51 и 118 од Уставот затоа што со нив се стимулирала само одредена категорија мајки (жени) кои живеат во општините со стапка на природен прираст под 2.1 така што добивале привилегирана финансиска положба во однос на другите мајки (жени) кои живеат во Република Македонија. Оспорените законски одредби правеле дискриминација и во однос на децата на кои им е наменета оваа финансиска поддршка, потоа дискриминација на мајките од ист регион или општина во зависност од календарската година за која станува збор, како и во однос на сопружниците кои донеле одлука за раѓање на деца поради финансиска подршка бидејќи постои можност да не го добијат паричниот надоместок ако природниот прираст во нивната општина ја надмине стапката од 2.1.
3. Судот на седницата утврди дека членот 30-а став 1 од Законот за заштита на децата определува дека: “Родителски додаток за дете остварува мајка за своето второ, трето и четврто живородено дете, која е со место на живеење во општини на Република Македонија со стапка на природен прираст на населението под 2,1 според статистичките податоци од Државниот завод за статистика на Република Македонија објавени пред две години од тековната година.”
Според став 2 од истиот член на Законот: „Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка, која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење од најмалку три години во општините од ставот 1 на овој член.“
Ставот 3 од истиот член на Законот предвидува дека: „Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање, чии деца од предходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање.
Според став 4 од истиот член на Законот: „Правото од ставот 1 на овој член не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство.“
Ставот 5 од истиот член на Законот предвидува дека: „Правото од ставот 1 на овој член во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува условите од ставовите 1 и 4 на овој член.“
Во став 6 од истиот член на Законот се определува дека :„Правото од ставот 1 на овој член ќе се остварува за второ, трето и четврто новородено дете од 1 јануари 2009 година.“
Според член 30-б став 1 од Законот: „Родителскиот додаток за второ дете од членот 30-а се исплатува месечно, за период од девет месеца, во висина од 30% од просечната плата исплатена по вработен во Република Македонија во претходната година.“
Во став 2 од истиот член на Законот се предвидува дека: „Родителскиот додаток за трето дете од членот 30-а се исплатува месечно, за период од десет години, во висина од 50% од просечната плата исплатена по вработен во Република Македонија во претходната година.“
Ставот 3 од истиот член на Законот определува дека: „Родителскиот додаток за четврто дете од членот 30-а се исплатува месечно, за период од 15 години, во висина од 70% од просечната плата исплатена по вработен во Република Македонија во претходната година.“
Според став 4 од истиот член на Законот: „Во случај мајката да роди четврто дете додека го остварува родителскиот додаток за трето дете, ќе остварува единствен родителски додаток месечно во висина од една просечна плата исплатена по вработен во Република Македонија во претходната година.“
Ставот 5 од истиот член на Законот предвидува дека: „Во случај мајката да роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) ќе остварува единствен родителски додаток во износ на повисокото право.“
4. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија: „Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.“
Според член 9 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1); „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).
Според член 40 од Уставот: „Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството“ (став 1); „Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата“ (став 3).
Со член 41 од Уставот се определува дека: „Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца“ (став 1). „Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика“(став 2).
Во член 42 став 1 од Уставот се предвидува дека: „Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните деца.“
Според член 51 од Уставот: „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1); „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другите, основните слободи и права признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8), при што граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (член 9 став 1) и таа еднаквост се обезбедува со Уставот и со законите (член 9 став 2), така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот (член 51 став 1) и секој е должен нив да ги почитува (член 51 став 2). Во однос на децата овие начелни уставни одредби се поблиску разработени така што се определува дека човекот има право слободно да одлучува за создавање на деца (член 41 став 1), во кој случај родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата (член 40 став 3), а Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството (член 40 став 1), посебна заштита на мајчинството, децата и на малолетните деца (член 42 став 1), а должна е да води и таква политика за населението во целата држава која ќе обезбеди нејзин усогласен економски и социјален развој (член 41 став 2). Со други зборови, при обезбедувањето на посебната заштита на мајчинството и на децата, Републиката мора да определи, покрај другото, еднакви права за граѓаните од ист или различен пол.
Со оглед на тоа што со членовите 30-а и 30-б од Законот се определува правото на родителски додаток за дете да го остваруваат само мајките кои се со место на живеење во општините во кои природниот прираст на населението е под 2.1, односно ова право да го остваруваат само една група мајки во рамките на определени општински граници или според територијален принцип, тие законски одредби не важат на целата територија на Република Македонија, создаваат нееднаквост и не се во функција на заштитата на мајчинството и на децата, поради што пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.160/2008
20 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски