Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 16/2008).
2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативи поднесени од Стамен Филипов од Скопје и Слободан Тошевски од Куманово, со Решение У. бр. 33/2008 од 29 октомври 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување повисок процент на усогласување на пензиите во Република Македонија за 2008 година, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 16/2008), затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката се однесува на утврдување повисок процент на усогласување на пензиите за 2008 година, што значи дека истата има временско важење заклучно со усогласувањето на пензиите за месец декември 2008 година, кога примената на Одлуката се исцрпува.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанал да важи, а не наоѓа основи за оценување на неговата уставност односно уставност и законитост во време на важењето.
Со оглед дека со исплатата на декемвриските пензии за 2008 година примената на Одлуката е исцрпена, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.33/2008
20 јануари 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски