Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 и член 24 став 2 од Законот за поттикнување и помагање на технолошкиот развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2008 и 106/2008-исправка).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 и член 24 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 52 и член 75 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што оспорените одредби се променети со исправка извршена од страна на Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија, со што се надминува карактерот на исправката без да се спроведе постапка за измена на Законот и без тоа таквата измена да биде прогласена со указ од страна на претседателот на Републиката.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот за поттикнување на технолошкиот развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2008) под технолошки развој се подразбираат активности и обврски за поттикнување и помагање на развојот на технологиите, иновациите, информациски и комуникациски знаења и трансфер на информации.
Според оспорениот член 3 од наведениот закон, активностите од членот 2 на овој закон подразбираат:
– развој на сопствени технологии,
– унапредување на самостојна стопанска основа,
– модернизација на постојните производни капацитети,
– изградба на неопходна технолошка инфрастрктура,
– ефектуирање и примена на иновациите,
– трансфер на знаења и информации,
– информациски и комуникациски технологии,
– создавање можности за нови работни места и
– други активности во функција на технолошки развој.
Според член 24 став 1 од Законот, а кој е поместен во делот IV „Финансирање на дејноста“ проект, односно програма може да се софинансира само во случај кога носители на субјекти на технолошкиот развој чија дејност е поврзана со предметниот проект, односно програма.
Според оспорениот став 2 на овој член, Министерството софинансира до 30% од вредноста на проектот, односно програмата, доколку од носителите на проектот односно програмата се обезбедени 70% од вредноста на проектот, односно програма.
Наведениот закон е објавен во Службен весник на Република Македонија на 28 март 2008 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно на 6 април 2008 година.
Судот исто така утврди дека на 28 август 2008 година во „Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008 се објавени исправки на Законот за поттикнување и помагање на технолошкиот развој.
Во исправките се наведува дека по изввршеното срамнување со изворниот текст е утврдено дека во текстот на Законот за поттикнување и помагање на технолошкиот развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2008) се направени грешки поради што се даваат исправки на Законот така што
1) членот 3 треба да гласи:
Активностите од членот 2 на овој закон подразбираат:
– развој на сопствени технологии,
– подобрување на постојните сопствени технологии,
– развивање и унапредување на самостојна стопанска основа,
– трансфер на технологии,
– модернизација на постојни производни капацитети,
– изградба на неопходна технолошка инфраструктура,
– ефектуирање и примена на иновациите,
– континуирана надградба и трансфер на знаење и информации,
– информациски и комуникациски технологии,
– создавање на можности за нови работни места и
– други активности во функција на технолошки развој.
2) Во членот 24 ставот 2 треба да гласи:
„Министерството софинансира до 50% од вредноста на проектот односно програмата доколку од носителот на проектот, односно програмата се обезбедени остатокот од средствата на вредноста на проектот односно програмата“.
4. Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според член 76 став 1 од Уставот Собранието основа постојани и повремени работни тела.
Според член 118 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија е предвидено дека со одлука на Собранието се основаат постојани работни тела.
Со Одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2002) покрај другото како постојано работно тело на Собранието на Република Македонија е основана Законодавно правната комисија.
Во надлежност на Законодавно правната комисија покрај другото е предвидено дека таа дава исправки на грешки во објавениот текст на закони или на други акти, врз основа на изворниот текст на усвоениот закон или друг акт на Собранието.
Од наведените одредби произлегува дека Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија како постојано работно тело чии членови се од редот на пратениците во Собранието може да дава исправки на грешки во објавениот текст на законот, што е направено во конкретниот случај.
Меѓутоа, и покрај ваквата надлежност на ова тело, пред Судот со основ се постави прашањето дали ова тело во случај кога се работи за текст на одредби од закон кои во суштина на сосема поинаков начин го уредуваат прашањето, може текстот на одредбите да го замени со исправка која има карактер на измена на одредби и дали со тоа се надминува карактерот на исправката без да се спроведе нова собраниска процедура во однос на одредбата за која е извршена исправката.
Според член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуват во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.
Од наведената уставна одредба произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеењето на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот како претпоставка за правната сигурност на граѓаните. Објавувањето на прописите претставува акт на обнародување и нивно ставање на увид на јавноста.
Оттука, одреден пропис за да стане перфектен не е потребно само да биде донесен и потпишан, туку и објавен. Необјавувањето на одреден пропис е пречка за негово влегување во сила. Токму заради тоа уставотворецот предвидел дека, по правило, законите влегуваат во сила осмиот ден од нивното објавување, освен по исклучок со денот на објавувањето, ако тоа го утврди Собранието.
Оваа состојба покажува дека објективно ниту за законодавецот, а уште повеќе за граѓаните не е јасно кои норми претставуваат законска норма за конкретниот случај.
Имајќи го предвид наведеното наспрема фактот што со извршената исправка од Законодавно правната комисија одредбите на член 3 и член 24 став 2 од Законот за поттикнување и помагање на технолошкиот развој е објавена скоро четири месеци од влегувањето во сила на Законот очигледно е дека за оваа одредба не е предвиден временски рок за обнародување на нејзината содржина.
Воедно, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, произлегува дека во објавениот текст на Законот постојат одредби од суштинско значење кои не се изгласани во Собранието. Обидот оваа недоследност да се корегира со исправка од страна на Законодавно правната комисија и таа исправка да го замени објавениот текст и да влезе во сила со денот на објавувањето, Судот смета дека внесува правна несигурност во поглед на владеењето на правото. Со внесувањето нови норми во правниот поредок преку исправка, произлегува дека законодавец не е Собранието на Република Македонија, туку Законодавно правната комисија.
Тргнувајќи од изнесеното, а имајќи го предвид начелото на владеењето на правото како едно од основите на правниот систем на државата, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.184/2008
20 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски