167/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Глава III. „Права и должности на пратениците“ членови 29 до 59 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, („Службен весник на Република Македонија„ бр.91/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Глава III. „Права и должности на пратениците“ членови 29 до 59 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијати вата оспорената Глава III од Деловникот со сите нејзини одредби не била во согласност со членот 61 став 2, како и со членовите 64, 65 и 66 од Уставот на Република Македонија и со Законот за пратениците („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005). Имено, ако се следела содржината на наведените и цитирани уставни одредби, како и ако се имале предвид членовите 8, 10 до 21 од Законот за пратениците произлегувало дека правата и должностите на пратениците можеле да се уредат само во случаите и на начин утврден со Уставот и со Законот за пратениците, а не и во случаите и на начин утврден со Деловник на Собранието, како што тоа било пропишано со оспорената Глава III од Деловникот. Ова од причини што со Деловникот се уредувала само организацијата и функционирањето на Собранието и со него не можело да се предвидуваат права и должности, обврски за пратениците, бидејќи тоа можело да биде само уставна или законска материја, а не и деловничка. Во тој контекст била и одредбата од членот 8 став 4 од Законот за пратениците, според која на пратеникот му престанувал мандатот кога Собранието ќе му го одземело мандатот согласно со Уставот. Притоа „стоел“ и фактот дека оспорените деловнички одредби биле слични или идентични со наведените уставни и законски одредби, но подносителот на иницијативата смета дека тоа не смеело да биде причина за релативизирање на уставните и законските одредби.

Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Деловникот ги повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 61 став 2, член 65 ставови 3 и 4 и член 66 од Уставот, како и Законот за пратениците и предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека, во Главата III „Права и должности на пратениците од Деловникот на Собранието на Република Македонија се содржани 31 одредба систематизирани во повеќе поднаслови и тоа: поднасовот 1. „Присуство на седница и учество во работата на Собраните“ со членовите 29, 30, 31 и 32, поднасловот 2. „Пратенички групи“ со членот 33, поднасловот 3. “Право на информирање на пратениците и обезбедување услови за вршење на функцијата пратеник“ со членовите 34, 35 и 36, подна-словот 4. „Пратенички прашања“ со членовите 37, 38, 39, 40, 41, 42, 43 и 44, поднасловот 5. „Интерпелација„ со членовите 45, 46, 47, 48, 49, 50 и 51 поднасловот 6. „Чување тајна“ со членот 52, поднасловот 7 „Имунитет на пратениците“ со членовите 53, 54 и 55 и поднасловот 8. „Престанок и одземање на мандатот на пратениците“ со членовите 56, 57, 58 и 59.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 61 став 2 од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Според член 64 од Уставот, пратениците уживаат имунитет (став 1). Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието (став 2). Пратеникот не може да биде притво-рен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години (став 3). Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник (став 4). За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили (став 5). Пратеникот има право на надоместок утврден со закон (став 6).

Според членот 65 од Уставот, пратеникот може да поднесе оставка (став 1). Пратеникот оставката ја поднесува лично на седницата на Собранието (став 2).На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години (став 3).

Според ставот 4 од истиот член од Уставот, на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандадот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Според членот 66 од Уставот, Собранието е во постојано заседание и работи на седници кои ги свикува претседателот на Собранието. Според ставот 4 од истиот член од Уставот, Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 72 од Уставот, интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи (став 1). Интерпелација можат да поднесат најмалку пет пратеници (став 2). Пратеничко прашање може да постави секој пратеник (став 3). Начинот и постапката на поднесу-вање и расправата по интерпелација и пратеничко прашање се уредуваат со Деловникот (став 4).

Според член 1 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со овој деловник се уредуваат организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија и на работните тела на Собранието (работни тела), а според член 1 од Законот за пратениците („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005), со овој закон се уредуваат прашањата на извршувањето на функцијата пратеник, како и правата и должностите на прате-ниците во Собранието на Република Македонија.

Од анализата на цитираните уставни одредби произле-гува дека уставотворецот во членот 61 став 2 од Уставот предвидел организацијата и функционирањето на Собранието да се уредуват со Уставот и со Деловникот. Исто така, во членот 72 став 4 од Уставот определил дека прашањето за начинот и постапката на поднесување и расправата по интерпелација и пратеничко прашање се уредуваат со Деловникот. Со членот 66 став 4 од Уставот, определил дека Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Меѓутоа, уставотворецот не го определил актот со кој треба да бидат уредени прашањата по однос имунитетот на прате-никот, условите за притворање на пратеникот, поднесувањето оставка, престанок на мандатот или одземање на мандатот.

Врз основа на направената анализа произлегува дека Деловникот претставува основен правен акт на Собранието на Република Македонија кој се донесува самостојно со цел да се уреди сопствената организација, да се уредат основните елементи на работа и постапката преку кои Собранието ги остварува своите функции и надлежности. Според неговата правна природа опре-делена со Уставот, Деловникот се идентификува како акт на законодавната власт или акт што го носи Собранието, идентичен орган кој ги носи и законите во Република Македонија. Деловникот на Собранието според Уставот се донесува со посебно, апсолутно мнозинство гласови на пратениците, односно со поголемо мнозинство од мнозинството потребно за донесување на повеќето закони што ги донесува Собранието, што само го потврдува неговиот ранг на посебен акт на законодавнста власт. Фактот што Деловникот се однесува само на организацијата и функционирањето на Собранието, не го намалува неговото општо, нормативно дејство врз прашањата што ги регулира и не ги доведува во прашање нивото и легитимноста за уредување на конкретната проблематика.

Анализирајќи ги компаративно оспорената Глава III. „Права и должности на пратениците“ и нејзините членови 29 до 59 од Деловникот и Главата IV „Права и должности на пратениците“ од Законот за пратениците и нејзините членови 10 до 21, произлегува дека во нив е содржано законско повикување на натамошна разра-ботка на одделни прашања од областа на правата и должностите на пратениците токму со Деловникот. Таков е случајот со членовите 29 до 32 од Деловникот (присуство на седници и учество во работата на Собранието) за кои во член 10 став 4 од Законот е определено дека причините за оправданоста на отсуството на пратеникот се определени со Деловникот, како и со членот 11 став 2 од истиот закон кој определил дека постапката и мерките што се преземаат во врска со неоправданото отсуство се определуваат со Деловникот.

Понатаму, изворното право за уредување со Деловник на начинот и постапката на поднесување и расправата по интерпелација и пратеничко прашање произлегува од содржината на членот 72 став 4 од Уставот. Во членот 14 став 2 од Законот е определено дека предлозите од ставот 1 на овој член (децидно набројани права и дол-жности на пратеникот) се поднесуваат на начин и во постапка опреде-лени во Деловникот на Собранието. Исто така, дел од процедурата (постапка и рок) во врска со пратеничко прашање поставено на претседателот на Владата, надлежниот министер, односно носителот на јавна функција е оставено да се уреди со Деловникот, според член 15 став 2 од Законот за пратениците. Проблематиката за интерпе-лацијата е уредена во оспорените членови 45 до 51, а пробле-матиката во врска со пратеничките прашања е уредена со оспорените членови 37 до 44 од Деловникот.

Во членот 17 став 3 од Законот за пратениците е опреде-лено дека постапката во врска со применувањето на имунитетот поблиску се определува со Деловникот на Собранието, односно во конкретниот случај со оспорените член 53, 54 и 55 од Деловникот.

Членовите 34, 35 и 36 од Деловникот ја уредуваат пробле-матиката за правото на пратеникот на информирање и обезбедување на услови за вршење на функцијата пратеник, а членот 55 од Деловникот ја уредува проблематиката за чувањето на тајна.

Врз основа на анализата на одредбите содржани во оспорената Глава III од Деловникот, а имајќи предвид дека одредби-те од Уставот и Законот за пратениците остават одделни прашања да се доуредат со деловничките одредби произлегува дека не станува збор за статусни одредби со кои изворно се уредуваат правата и должности на пратениците, туку за одредби кои ги уредуваат начинот и постапката на Собранието, претседателот на Собранието или неговите тела во врска со остварувањето на правата и должностите на пратениците.

Оттаму, Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за пратениците единствено можат да се оценуваат како една целина, како акти што се надополнуваат и ја заокружуваат регулативата за начинот на оставување на законодавната власт во системот на поделба на државната власт, која пак власт ја чинат не само пратениците туку и Собранието и неговите органи и тела. Притоа, треба да се има предвид дека правата на пратениците кои произлегуваат од карактерот на пратеничкиот мандат во дел се остварува самостојно преку индивидуална активност и права, но и колективно, а сето тоа заради целосно остварување на надлежноста на Собранието.

Според мислењето на Судот неосновани се наводите на подносителот на иницијативата за неопходноста од уредување на конкретната проблематика само како уставна или законска материја, но не и како деловничка.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената Глава III. „Права и должности на пратениците“ и членови 29 до 59 од Деловникот на Собранието на Република Македонија се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 61 став 2, член 65 ставови 3 и 4 и член 66 од Уставот.

Поради тоа, а имајќи ја предвид правната природа на Деловникот на Собранието и на Законот за пратениците Судот оцени дека не постојат основи за оценување на согласноста на оспорените одредби и делови од одредби од Деловникот со одредбите од наведениот закон.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.167/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски