29/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за висината и начинот на напла­тата на надоместокот за упот­реба на автопат или магистрален пат, нивен дел или објект на патот (автопатска такса) бр.19-1206/1 од 6 март 2007 година, донесена од Владата на Република Македонија.

2. Никола Стојанов претседател на политичката партија „Народна волја“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која по барање на Судот е прецизи­рана, се оспорува Одлуката на Владата бидејќи истата не го почитувала предвидениот услов за напла­тување на патарина, наведен во член 103 од Законот за јавни патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/1996). Имено, оспо­рената одлука била незаконита, бидејќи според иницијативата, напла­тување на патарината се вршеле само доколку во истиот правец постои друг јавен пат со современ коловоз, но на патот Велес-Скопје не посто­ел друг јавен пат со современ коловоз. Од овие причини, се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со Законот за јавни патишта, поради што се предлага истата да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 9 члена. Според член 1 од Одлуката се утврдува висината и начинот на наплата­та на надоместокот за употреба на автопат или магистрален пат, нивен дел или објект на патот (во понатамошниот текст ­автопатска такса).

Според член 2 на истата одлука, висината на надоместокот за употреба на автопат или маги­стрален пат, нивен дел или објект на патот (автопатска такса) се утвр­дува врз основа на износот на надоместокот за поминат километар, категоријата на возилото и должината на делницата.

Во член 3 од Одлуката е предвидено дека износот на надоместокот за поминат километар се утвр­дува врз основа на просечната цена за изградба на еден километар автопат (една коловозна лента), просечниот дневен сообраќај во тековната година и периодот на амортизација. Врз основа на напред наведените параметри, износот на надоместокот за поминат киломе­тар изнесува 2,5789 денари.
Висината на автопатската такса согласно категоријата на возилото, се пресметува со множење на износот на надоместокот за поминат километар со должина на делницата на автопатот.
Пресметувањето на автопатската такса се врши со заокру­жување на износите на 10 денари (од 1,00 до 4,99 денари на пониската вредност и од 5,00 до 9,99 денари на повисоката вредност).

Според член 4 од Одлуката, во зависност од видот на возилото, бројот на осовините и ви­сината кај предната осовина, возилата се распоредуваат во четири категории:
прва категорија: возила со две осовини и висина кај предна­та осовина до 1,3 метри,
втора категирија: возила со повеќе од две осовини и висина кај предната осовина до 1,3 метри,
трета категорија: возила со две и три осовини и висина кај предната осовина од 1,3 метри или поголема,
четврта категорија: возила со повеќе од три осовини и виси­на кај предната осовина поголема од 1,3 метри,
Висина на возилото кај предната осовина, се мери верти­кално од коловозот до највисоката точка на возилото, над предната осовина.

Според член 5 од истата Одлука, вредноста на автопатската такса, за поединечните катего­рии на возилата, се определува на начин што:
вредноста на автопатската такса за возилата од прва категорија, (која се зема за основна категорија) се множи со коефици­ент 1;
вредноста на автопатската такса за возилата од втора кате­горија, се множи со коефициент 1,5;
вредноста на автопатската такса за возилата од трета кате­горија, се множи со коефициент 2,75;
вредноста на автопатската такса за возилата од четврта категорија, се множи со коефициент 4.

Во член 6 од Одлуката децидно е определена висината на износот на автопатската такса според категории на возила.

Според член 7 од истата одлука плаќањето на автопатската такса, корисниците може да го вршат по пат на готовинско и безготовинско плаќање.

Според член 8 од Одлуката со денот на влегувањето на сила на оваа одлука, преста­ну­ва да важи Одлуката за висината на надоместокот што се плаќа за употреба на автопат и негов дел (“Службен весник на Република Маке­донија” бр.52/2000).

Во член 9 од Одлуката се предвидува дека оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1.01.2008 година.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлу­чува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Подносителот во иницијативата наведува дека оспорената Одлука била во спротивност со членот 103 од Законот за јавни патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/1996) според кој плаќање на надоместок за употреба на пат, негов дел или објект на патот може да се воведе ако на истиот правец постои друг јавен пат со современ коловоз, како и за употреба на мост, вијадукт или тунел, изграден заради скратување на трасата на постојниот пат, ако делот на постојниот пат не ја изгубил функцијата на јавен пат.

Меѓутоа, при поднесувањето на иницијативата и истакнува­ње на наведениот навод во истата, подносителот на иницијативата ги немал во вид измените на Законот за јавни патишта, а поточно Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002), според кои висината и начинот на плаќањето на патарината за употреба на јавен пат, негов дел или објект на тој пат ја утврдува Владата на Република Македонија во зависност од видот на возилото со кое се врши превоз на патот, земајќи ја притоа во предвид висината на возилото и бројот на неговите оски и извозеното растојание.

Во членот 103 став 3 од овој закон, висината на патари­ната мора да биде во сооднос со трошоците за изградба, одржување и развој на патиштата, односно објектите на патот за кој се наплаќа патарина.

Поаѓајќи токму од горенаведените измени во Законот за јавни патишта, всушност, произлегува дека постоењето на друг јавен пат со современ коловоз не претставува повеќе услов за воведување на патарината за употреба на автопат или негов дел, од што произлегува дека одлуката не била во несогласност со одредбите од член 103 од Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македо­нија“ бр.26/1996, 40/1999, 96/2000, 29/2002, 68/2004, 31/2006, 30/2007 и 137/2007).

Меѓутоа, имајќи го во вид фактот дека на 4 јули 2008 година Собранието на Република Македонија донесе нов Закон за јавни патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008 од 11 јули 2008 година), според Судот во конкретно-правната ситуација исполнети се условите од цитираната деловничка одредба за отфрла­ње на иницијативата, од причина што оспорената одлука се оспорува во однос на закон кој престанал да важи, односно кој повеќе не е дел од правниот поредок.

Имено, во членот 86 од новиот Закон за јавни патишта е предвидено дека со денот на влегување во сила на овој закон (19 јули 2008 година) престанува да важи Законот за јавни патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/1996, 40/1999, 96/2000, 29/2002, 68/2004, 31/2006, 30/2007 и 137/2007).

Ова дотолку повеќе што оспорениот подзаконски пропис според член 84 од новиот Закон за јавни патишта, престанува да важи на ден 19 јануари 2009 година. Имено, според член 84 став 2 од овој закон, поблиските прописи предвидени со овој закон ќе се донесаат во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Со оглед на фактот дека овој закон е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 11 јули 2008 година, и истиот влегол во сила осмиот ден од неговото објавување – 19 јули 2008 година, истекот на рокот за усогласување на подзаконските прописи со новиот Закон за јавни патишта, односно важењето на старите прописи е до 19 јануари 2009 година кога по сила на закон и сега оспорената одлука престанува да важи и е надвор од правниот поредок.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски