Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2007).
2. Димче Стојмиров, претседател на Сојузот на здруженија на работници прогласени за технолошки вишок од 25-те загубари на Република Македонија – Пробиштип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 53 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 и членовите 9 и 32 од Уставот на Република Македонија.
Имено, оспорениот член 53 од Законот создавал нерамноправност на граѓаните во однос на користење на правото на паричен надоместок од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување или Агенцијата за вработување. Во случајов според иницијативата исто право различно го користеле корисниците на паричен надоместок по основ на намалена работна способност што биле во Агенцијата за вработување на Република Македонија и Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 53 од Законот, корисниците на паричен надоместок по основ на намалена работна способност на товар на средствата на фондот кои ова право го користеле до влегувањето во сила на овој закон, по службена должност се преведуваат во инвалидска пензија по основ на професионална неспособност за работа според одредбите на овој закон.
За одредување на пензијата од ставот 1 на овој член се зема стажот на осигурување, плати, основици на осигурување и надомест на плата остварени до 31 декември 2007 година.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физички лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување (член 1).
Со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 2007 година, меѓу другото, извршено е редефинирање на инвалидсноста. Имено, според членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кој се менува членот 38 од основниот закон, инвалидност постои кога кај осигуреникот, поради промена во здравствената состојба која не може да се отстрани со лекување, работната способност е трајно намалена за повеќе од половина во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или слично образование и способност (професионална неспособност за работа).
Инвалидност постои и кога кај осигуреникот поради промени во здравствената сотојба, која не може да се отстрани со лекување, ќе настане трајно губење на работната способност (општа неспособност за работа).
Инвалидност во смисла на ставовите 1 и 2 од овој член може да настане поради болест, повреда надвор од работа, повреда при работа или професионални болести.
Работите за кои се оценува работната способност на осигуреникот ги опфаќаат сите работи кои одговараат на неговите телесни и психички способности, а се смета дека одговараат на неговите досегашни работи.
Работата за која се оценува работната способност на индивидуалниот земјоделец ја опфаќа работата врз основа на која бил задолжително осигурен по овој закон.
Значи, со наведениот член од Законот се редефинира дефиницијата на инвалидност па од досегашната загубена работна способност се утврдува како општа неспособност за работа, односно од досегашната намалена работна способност во професионална неспособност за работа.
Општата неспособност за работа повлекува и понатаму остварување на право на инвалидска пензија, додека по основ на професионалната неспособност првенствено се остварува право на професионална рехабилитација преку која ќе се овозможува искоритување на преостаната работна способност и има за цел спречување на настапување на инвалидност односно општа неспособност за работа.
Со оспорениот член 53 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување е утврдено дека, корисниците на паричен надоместок по основ на намалена работна способност на товар на средствата на Фондот кои ова право го користеле до влегување во сила на овој закон, по службена должност се преведуваат во инвалидска пензија по основ на професионална неспособност за работа според одредбите на овој закон.
Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, за одредување на пензијата од став 1 од овој член се зема стажот на осигурување, плати, основици на осигурување и надомест на плата остварени до 31 декември 2007 година.
Имајќи ја предвид промената на дефиницијата на инвалидноста со овие измени и дополнувања на Законот, за инвалидите на трудот со утврдена намалена односно преостаната работна способност кои оствариле право на паричен надоместок кој го исплатува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија до влегување во сила на овој закон, се воспоставува преведување на паричниот надоместок во инвалидска пензија по основ на професионална неспособност за работа.
По однос на наводите во иницијативата дека оспорениот член 53 од Законот бил спротивен на Уставот на Република Македонија и се создавала нерамноправност на граѓаните во однос на користење право на паричен надоместок од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување или Агенцијата за вработување, Судот оцени дека со Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој се применуваше до 31.12.2007 година Фондот исплатуваше паричен надоместок на осигуреници-инвалиди на трудот со намалена односно преостаната работна способност, по претходно исполнети услови во однос на статусот на инвалид на трудот, навршен пензиски стаж и секако по престанокот на користење на паричен надоместок по основ на невработеност што го исплатува Агенцијата за вработување.
Подносителот на иницијативата, според мислењето на Судот погрешно ја толкува оспорената одредба од Законот со тоа што не прави разлика помеѓу корисниците на паричниот надоместок кој се утврдува по основ на правата кои произлегуваат од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (кој ги регулира правата од ова осигурување), и корисниците на правата кои се остваруваат по основ на невработеност кои се регулирани во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Од тие причини, не може да се регулира и преведување на паричниот надоместок во инвалидска пензија по основ на професионална неспособност за работа на корисници на паричен надоместок по основ на невработеност кои тоа право го користат преку Агенцијата за вработување.
Тргнувајќи од тоа дека корисниците на паричен надоместок по основ на невработеност кои тоа право го користат преку Агенцијата за вработување немаат ист статус, односно не се наоѓаат во иста правна положба со корисниците на паричен надоместок по основ на намалена работна способност кои тоа право го користат на товар на средствата од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со наведените членови од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.89/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски