155/2008-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на членот 1 во делот

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативи на граѓани, со Решение У.бр.155/2008 од 20 ноември 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за матери­јално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во пери­одот од 2000 до 2004 година во членот 1 предвидел дека со овој закон се уредуваат условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2004 година, а кои оствариле право на паричен надоместок по 7 април 2000 година, во претпријатијата со доминантна сопственост на државата (во натамошниот текст: невработено лице).

Според членот 2 од Законот, невработено лице во смисла на членот 1 од овој закон е лицето:
– на кое му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок,
– кое на денот на престанокот на работниот однос имало најмалку 25 години стаж на осигурување,
– на кое работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2004 година, а кое остварило право на паричен надоместок по 7 април 2000 година и
– кое по остварувањето на правото на паричен надоместок од алинејата 3 на овој став не било вработено на неопределено време, односно не му престанал работниот однос по негова волја и вина.

Според членот 6 од Законот, право на паричен надоме­с­ток, согласно со овој закон може да оствари невработено лице кое ќе поднесе барање до Агенцијата за вработување на Република Македонија (во натамошниот текст: Агенција за вработување) каде што е евидентирано, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Агенцијата за вработување правото на паричен надоме­сток од ставот 1 на овој член го утврдува врз основа на лично барање на невработеното лице.

Правото на паричен надоместок, согласно со овој закон се остварува од денот на поднесување на барањето до Агенцијата за вработување.

Доколку барањето не е поднесено согласно со членот 2 од овој закон, во рокот од ставот 1 на овој член, надлежниот орган барањето ќе го отфрли како ненавремено.

4. Според членот 1 став 1 од Уставот, Република Маке­донија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владе­ењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македо­нија.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли­тичкото и верското уверување, имотната и општествената полож­ба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/ 1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007 и 102/2008) во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Во Главата IV „Осигурување во случај на невработеност“ со одредбите од членовите 62-79 од Законот, е уредено дека работ­ниците кои се во работен однос, задолжително се осигурени во случај на невработеност (член 62), паричниот надоместок е едно од правата од осигурувањето во случај на невработеност (член 64), правото на паричен надоместок, висината и времето за кое се исплатува парич­ниот надоместок се разработени со одредбите од членовите 65-79. Во Главата V „Остварување на правата од осигурување во случај на невработеност“ со одредбите од членовите 80-82 од Законот е опре­делено дека правата од осигурувањето во случај на неврабо­теност се остваруваат во согласност со овој закон и прописите за општа управ­на постапка и за правата утврдени со овој закон во прв степен решава Заводот за вработување на Република Македонија, а во втор степен одлучува министерството надлежно за работите на трудот.

Следејќи ги одредбите од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност од 1997 година со неговите измени и дополнувања, произлегува дека право на паричен надомес­ток согласно членот 65 од Законот има невработено лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.

Времето за кое се исплатувал паричниот надоместок, според членот 71 од овој закон било уредено:

– од 1997 година до 2000 година времено се исплатувал најдолго 18 месеци ако имал над 20 до 25 години стаж на осигуру­вање, а трајно над 25 години стаж на осигурување (траело до ново вработување или настапување на некои од основите за престанок на право на паричен надоместок);

– од 2000 година до 2003 година времено се исплатувал најдолго 18 месеци ако имал над 20 години стаж на осигурување, а трајно над 15 години стаж на осигурување и над 55 години возраст;

– од 2003 година до 2005 година времено се исплатувал најдолго 14 месеци ако имал над 15 години стаж на осигурување, а трајно, без промени од претходно (15 години стаж и 55 години воз­раст);

– од 2005 година до 2006 година времено се исплатувал најдолго 12 месеци ако имал над 15 години стаж на осигурување, а трајно, над 15 години стаж на осигурување и му недостасувале на лицето до 5 години за стекнување право на старосна пензија.

– од 2006 година до денес времено се исплатува најдолго 12 месеци ако лицето имало над 25 години стаж на осигурување, а трајно, без промени од претходно (15 години стаж и најмногу 5 години недостасу­вале за стекнување право на старосна пензија).

Според членот 68 од овој закон, висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз осно­ва на пресметаните и исплатени плати кај работодавецот согласно закон и колективни договори и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци, а 40% за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци. Надоместокот не може да изнесува повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.

Судот утврди дека со Законот за вработувањето и осигурува­ње во случај на невработеност законодавецот ги уредил општите правила и принципи за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност кои се однесуваат на сите во исти услови за остварување на тие права во правниот систем за да не се доведат во прашање уставните принципи на еднаквост, владеењето на правото и социјалната праведност. За Судот не е спорно дека право на зако­нодавецот е да ја цени целисходноста за начинот на регулирање на предметната материја со еден или повеќе закони и од уставноправен аспект тоа право на законодавецот не може да се проблематизира. Во таков случај, битен е соодносот на законската регулатива да не е во спротивност со уставните принципи, особено со принципите на еднак­вост, владеењето на правото и социјалната праведност.

Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопс­твеност на државата во периодот од 2000 до 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2008) стапил во сила на 23 август 2008 година.

Според предметот на уредување, овој закон посебно се однесува само за претпријатија со доминантна сопственост на држа­вата, во однос на лица чиј работен однос им престанал во тие прет­пријатија не по своја вина или волја туку поради стечај, ликвидација или технолошки вишок и тоа не за сите лица чиј работен однос им престанал во тие претпријатија од наведените причини туку само за дел од нив односно само за оние лица кои оствариле паричен надо­месток по 7 април 2000 година заклучно со 31 декември 2004 година. Со членот 9 од овој закон е уредено дека за прашањата што не се уредени со овој закон и за прашањата за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, се применуваат одредбите од Законот за вра­ботување и осигурување во случај на невработеност, кои се однесува­ат на невработените лица – корисници на паричен надоместок.

Судот утврди дека опфатот на лицата за периодот од 2000 до 2004 година со оспорениот Закон, е всушност поврзан со правата кои биле уредени со Законот за вработување и осигурување во случај на неврабо­те­ност, во однос на правото на надомест.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека со основниот Закон во 1997 година, под услов до 25 годни стаж стекнувале времено надоместување, а со над 25 години стаж стекнувале трајно надоме­стување (односно тоа траело до ново вработување или до настану­ва­ње на некои од основите за престанок на право на паричен надоме­сток), меѓутоа со Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000) кој влезе во сила на 7 април 2000 година, условот 25 години стаж на осигурување веќе бил изменет и за прв пат бил ставен условот од најмалку 55 години возраст, за стекнување на право на надомест (со над 15 години стаж), а со тоа годините на возраст биле законска пречка за голем број лица да остварат трајно право на надомест, или оствариле само право на времено надоместување. Овој режим важел до донесувањето на Законот за изме­нување и дополнување на Законот за вработување и осигуру­ва­ње во случај на невработеност („Службен весник на Репуб­лика Маке­донија“ бр.4/2005) кој е влезен во сила на 17 јануари 2005 година.

Со оглед на тоа, периодот од 7 април 2000 година до 31 декември 2004 година е третиран со два закона и тоа Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (со неговите измени и дополнувања) и Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, при што лицата чиј работен однос им престанал во поранеш­ниот период од 2000 до 2004 година во претпријатија со доминантна сопственост на државата поради стечај, ликвидација или технолошки вишок се опфатени со правата регулирани со двата закона. Меѓутоа спецификата е во тоа што со оспорениот Закон донесен во 2008 годи­на повторно се регулирани права само за овој дел невработени лица во Република Македонија, опфаќајќи ги на нов начин, надвор од правата и обврските веќе уредени на општ начин за сите невработени лица. Во новите односи уредени со оспорениот Закон постои селек­тивен пристап од аспект за периодот на кој се однесува Законот, односно тој не се однесува за лица чиј работен однос им престанал во претпријатија со доминантна сопственост на државата поради сте­чај, ликвидација или технолошки вишок пред 2000 и по 2004 година. Тоа значи дека со оспорениот Закон се уредуваат права не за сите невработени во Република Македонија, туку за дел од нив, и се уредуваат права не за сите лица чиј работен однос им престанал во претпријатија со доминантна сопственост на државата поради стечај, ликвидација или технолошки вишок туку само за дел од тие лица кои таквиот статус временски го стекнале по 7 април 2000 година до 31 декември 2004 година.

Во уставносудската анализа, Судот првенствено ги имаше во предвид уставните определби дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9), дека секој има право на работа, слобо­ден избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка (член 32) и дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републи­ка­та обезбе­дува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот (член 55).

5. Судот со Решението У.бр.155/2008 од 20 ноември 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на означените одредби од Законот, од причини што по основ на структурната поделба на претпријатијата во приватна или државна сопственост, се уредувале права на лица чиј работен однос престанал само во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а не и во останатите претприја­тија. Со ваквата законска определба се доведувале во прашање уставните принципи и се уредувал нееднаков третман на лица со ист статус – невработени поради стечајот, ликвидацијата или технолошкиот вишок, и се регу­лирала нееднаква правна положба на субјектите на пазарот со поделба на вработените во зависност во кои претпријатија им престанал работниот однос. Претпријатијата со тоа, заради сопственичката структура, се сметале дека се во различна, а со тоа нееднаква положба како субјекти на пазарот и невработените имале нееднаква правна положба во завис­ност од тоа во кои претпријатија им престанал работниот однос без нивна вина или волја. Според тоа, Судот изразил сомневање за уставноста на законските одредби со кои правата од овој закон биле резервирани само за оние работници на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопст­веност на државата, не биле во согласност со Уставот. Воедно, со оспорениот Закон кој се однесувал само на периодот од 2000 до 2004 година, се доведувале, исто така, во праша­ње устав­ните принципи на еднаквост, владеењето на правото и социјал­ната праведност. Имено, за вработените во претпријатијата со доми­нантна сопственост на државата кои имале еднаква положба немало правна основа за нееднаков третман на односите кои се уре­дени со Законот и условите да важат за дел од нив, а не за сите во рамките на тие претпријатија. Предвидувањето на поповолни услови само за одредена група на невработени, а кои се во иста општествена полож­ба настаната во определен временски период наспроти останатите невработени во рамки на претпријатијата со доми­нантна сопственост на државата значело дека законодавецот имал нееднаков третман за оние лица во тие претпријатија кои не биле опфатени со оспорениот Закон.

Судот, изразил сомневање на уставноста и во однос на оства­рувањето на правата по поднесените барања во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со членот 6 став 1 и став 4 од Законот, бидејќи тој рок бил веќе истечен до 23 август 2008 година и темпо­ралниот карактер на рокот за поднесување на бара­њата во постап­ката од Законот било објективна пречка за спроведување и извршување на Законот.

Меѓутоа Владата на Република Македонија како предлагач на Законот во процесот на неговото донесување, во одговорот на причините поради кои Судот поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот изнесе спротивни аргументи според кои овој Закон се однесува не за сите туку само за претпријатија со доминантна сопственост на државата и ги опфаќа работниците кои поради старосната и квалификационата структура не биле во можност заради стечај, ликвидација или технолошки вишок од приватизација на овие претпријатија во периодот од 2000 до 2004 година да се вклучат повторно на пазарот на трудот или да остварат право на социјално осигурување во кои рамки е и осигурувањето во случај на невработеност согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Имено, станува збор за посебен закон каде не постоеле уставни пречки законодавецот да уреди односи за работниците од претпријатијата со доминантна сопственост на државата кои подеднакво ќе се однесуваат за сите во иста правна состојба.

6. Врз основа на погореизнесеното, Судот во оценка на правната состојба, поаѓајќи првенствено од наведените уставни норми и од содржината на оспорените одредби од Законот, како и врз основа на членот 47 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија според кој Судот ќе ја запре постапката ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба, утврди дека за посебниот пристап со оспорениот Закон да се уредуват односи само на дел од невработени лица во Републиката, под услови и начин уредени со Законот, нема уставни пречки за регулирање на правата и обврските кои се однесуваат само во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, со оглед на тоа што право на законодавецот е да ги цени потребите од посебно регулирање за одделни органи, институции или претпријатија, а целисходноста за посебното законско регулирање од овој аспект не може уставно да се проблематизира. Паралелното постоење на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и оспорениот Закон, од кои со едниот општо се уредени, а со другиот посебно се уредени прашањата на права на невработени лица, во соодносот на законската регулатива, не се во спротивност со уставните принципи на еднаквост, владеење на правото и социјалната праведност, бидејќи пристапот на законодвецот е уредување и категоризација на посебни услови кои се однесуваат за одредена социјална структура чиј работодавец била државата. Во тие рамки не постојат уставни пречки за невработените во овие претпријатија да се уредат со посебен закон и права од сферата на обезбедувањето на паричен надомест како грижа на работодавачот за лицата чиј работен однос во овие претпријатија им престанал без нивна вина или волја.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.155/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски