149/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јануари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 176 став 2 и член 178 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007).

2. Томислав Давков од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 176 став 2 и член 178 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и Амандман XXV од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив се уредувал дел од постапката пред Управниот суд, а согласно Амандман XXV од Уставот, помеѓу другото било определено дека постапките пред судовите па и пред Управниот суд се уредувале со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници. Според Законот за судовите постапката пред судот се уредувала со закон, а во законите за одделни постапки поблиску се уредувале начелата на постапките, начинот на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела.

Понатаму, во член 34 од Законот за судовите била утврдена надлежност на Управниот суд, а постапката што се води пред тој суд се уредувала со Законот за управните спорови доколку овој закон не содржел одредба за постапката во управните спорови, соодветно ќе се применувале одредбите од Законот за парничната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 176 став 1 од Законот за банките тужбата против решенијата донесени врз основа на овој закон се поднесува во рок од 30 дена од приемот на решението.

Според оспорениот став 2 на член 176 од Законот е предвидено дека подносителот на тужбата од ставот 1 на овој член во постапката пред судот не може да наведува нови факти и да изнесува нови докази.

Според оспорениот член 178 став 1 од Законот во постапката пред судот подносителот на тужбата може да наведува нови факти и да изнесува нови докази, доколку тужбата се поднесува против решение за воведување на администрација и за одземање на дозвола за основање и работење, односно решение за утврдување на постоење на услови за воведување на стечајна постапка или услови за воведување на ликвидациона постапка во банка.

(2) Ако во тужбата од ставот 1 на овој член подносителот се повикува на нови докази, должен е истите да ги приложи кон тужбата.

(3) Во случаите од ставот 1 на овој член Народната банка може во нејзиниот одговор на тужбата да наведува нови факти и да изнесува нови докази.

(4) Ако во одговорот на тужбата од ставот 1 на овој член Народната банка се повикува на нови докази е должна истите да ги приложи кон одговорот на тужбата.

(5) По истек на крајниот рок за поднесување на тужбата од ставот 1 на овој член или одговор на тужбата од ставот 3 на овој член, странките немаат право да наведуваат нови факти и да изнесуваат нови докази.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандман XXV на Уставот, со кој е заменет член 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од содржината на цитираните уставни одредби јасно произлегува дека видовите, надлежноста, основањето, организацијата, составот на судовите, како и постапката пред судовите се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство.

Според член 22 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во член 34 од наведениот закон е утврдена надлежноста на Управниот суд како посебен суд заради обезбедување на судска заштита на правото и правните интереси на физичките и правните лица повредени со акт на орган на државната управа и други органи и организации утврдени со закон.

Во член 10 од наведениот закон е предвидено дека постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на заемност и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување, слободна оцена на доказите и економичност.

Според член 10 став 2 од наведениот закон, со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапките, начините на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела.

Во Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) е утврдено против кои акти може да се води управен спор, составот на Управниот суд, постапувањето по тужбата пред судот, видот на одлуките кои ги донесува судот, вонредните правни лекови, задолжителноста на пресудата, посебни одредби кои се однесуваат на постапките кога судот одлучува за барање за заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот и преодни и завршни одредби.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ги предвид и одредбите од Законот за судовите законодавецот со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, Законот за општа управна постапка како и Законот за управните спорови ги уредил надлежноста, процесните правила и правно пропишаните форми на постапување на субјектие и учесниците во постапката за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси.

Меѓутоа и покрај наведеното од што јасно произлегува дека постапките пред судовите се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство, во Законот за банките е уредена постапката на судската заштита против решенијата на гувернерот на Народната банка на Република Македонија

Имено во членот 176 став 2 од Законот е предвидено дека подносителот на тужбата од ставот 1 на овој член во постапката пред судот не може да наведува нови факти и да изнесува нови докази.

Во член 178 од Законот е предвидено дека во постапката пред судот подносителот на тужбата може да наведува нови факти и да изнесува нови докази, доколку тужбата се поднесува против решение за воведување на администрација и за одземање на дозвола за основање и работење, односно решение за утврдување на постоење на услови за воведување на стечајна постапка или услови за воведување на ликвидациона постапка во банка.

Ако во тужбата од ставот 1 на овој член подносителот се повикува на нови докази, должен е истите да ги приложи кон тужбата.

Во случаите од ставот 1 на овој член Народната банка може во нејзиниот одговор на тужбата да наведува нови факти и да изнесува нови докази.

Ако во одговорот на тужбата од ставот 1 на овој член Народната банка се повикува на нови докази, е должна истите да ги приложи кон одговорот на тужбата.

По истек на крајниот рок за поднесување на тужбата од ставот 1 на овој член или одговор на тужбата од ставот 3 на овој член, странките немаат право да наведуваат нови факти и да изнесуваат нови докази.

Имајќи ја предвид содржината на оспорените членови според кои подносителот на тужбата во постапката пред суд не може да наведува нови факти и докази, односно во кои случаи и против кои решенија на Гувернерот на Народната банка по тужбата можат да се наведат нови факти и докази како и случаите кога Народната банка во одговорот на тужбата може да наведува нови факти и да изнесува нови докази, наводите во иницијативата наспрема наведените уставни одредби, Судот смета дека наводите во иницијативата се основани.

Тргнувајќи од содржината на Амандман XXV на Уставот на Република Македонија според кој законите со кои се пропишува постапката пред судовите се донесуваат со двотретинско мнозинство пред Судот со основ се поставува прашањето за согласноста на оспорените одредби, имајќи предвид дека законодавецот постапката пред Управниот суд требало да ја уреди со Законот за управни спорови како посебна постапка, кој закон се носи со двотретинско мнозинство на гласови а не Законот за банките.

5. Со оглед на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.149/2008
14 јануари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски