135/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 8 и тарифен број 30 став 2 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007 и 70/2008), донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права на Република Македонија.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на одредбите од Правилникот оначени во точката 1 од ова решение.

3. Ана Софрониевска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со измените и дополнувањата на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ број 70/2008 се изменети меѓу другото и членот 8 и тарифниот број 30 став 2 од Правилникот, поради претходно донесената интервентна одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.74/2007 од 13 февруари 2008 година со која претходно оспорените одредби биле укинати. Меѓутоа, со новата регулатива во оспорениот член 8 и тарифниот број 30 став 2 од Правилникот, суштински не било изменето ништо и се продолжувало да се уредува предметното прашање како пред донесувањето на Одлуката на Судот. Имено, не биле запазени укажувањата во Одлуката на Судот, со тоа што Здружението за заштита на авторски музички права на Република Македонија повторно висината на надоместокот во членот 8 ја уредило да биде процент од приходот што всушност го опфаќа целиот приход на корисникот, а не дел од него како што упатувал членот 146-б од Законот за авторското право и сродните права, според кој тоа е во процент само од добивката која што корисникот ја остварува со користење на авторското дело. На овој начин бил определен и месечниот надомест во висина од 3% од вкупниот месечен приход, во тарифниот број 30 став 2 од Правилникот.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Правилникот повторно било предвидено основица за пресметување на надоместок да биде вкупниот приход, што е идентично со бруто приходот бидејќи од него не се одземаат расходите, како вкупен приход од целокупното работење на радиодифузните друштва, а не само од користење на авторското дело, во иницијативата се наведува дека одредбите биле во спротивност со Законот за авторското право и сродните права, а со тоа и во спротивност на Уставот. Со иницијативата се предлага Судот да донесе времена мерка и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 8 од Правилникот, висината на надоместот, доколку користење на делата е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користење на делата, како што е случај кај радиодифузното користење, се определува, по правило, во процент од приходот.

Во тарифниот број 30 став 2 од Правилникот е утврдено дека за телевизиските програми на национално ниво авторски надомест плаќаат, доколку со договор не е поинаку утврдено, месечно и тоа: – во висина од 3% од вкупниот месечен приход.

5. Согласно членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, кое според ставот 2 на овој член, создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со членот 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и се гарантираат правата што произлегуваат од било кој вид интелектуално творештво.

Според членот 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1996, 3/1998, 98/2002, 4/2005, 23/2005-пречистен текст и 131/2007), предмет на уредување на овој закон е правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста (авторско право) и правото на изведувачите, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со овој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци (сродни права) над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според членот 146-б став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ број 4/2005), доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, концертните, танчерските и другите користења, висината на надоместокот во Правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека со оспорениот член 8 од Правилникот, е определено висината на надоместокот кој треба да го плати корисникот за користење на делата потребни за вршење на дејноста на корисникот, како што е случај кај радиодифузното користење, се пресметува како процент од приходот, а не од добивката која што корисникот ја остварува со користењето на авторското дело, како што утврдил членот 146-б став 1 од Законот. Со оглед на тоа за оспорениот член 8 од Правилникот може основано да се постави прашањето за согласноста со одредбите од Законот, ова особено поради тоа што во радиодифузното телевизиско емитување при креирањето и емитувањето на радиотелевизиската програма се користат и други видови авторски дела – предмети на сродни права од немузички карактер, а музичките дела, како такви, се вградени во нив, и приходите што корисниците ги остваруваат со своето работење и дејност се од разни основи, а не само од користење на музиката, па поради тоа само добивката од користењето на авторското дело треба да е основа на издвојување на процентот на висината на надоместокот.

Судот, исто така оцени дека оспорениот Тарифен број 30 став 2 од Правилникот, се однесува за телевизиските програми на национално ниво, за чие користење како авторски надоместокот се плаќал месечно во висина од 3% од вкупниот месечен приход, доколку со договор не било поинаку утврдено. Меѓутоа, за оваа тарифна определба со паушално плаќање во Правилникот, основано може да се постави прашањето на согласноста со закон, а со тоа и прашањето на уставноста, поради тоа што во членот 146-б ставови 4 и 5 од Законот, каде се уредува надоместокот во вид на паушал, нема основ за паушално плаќање за случаите на радиодифузното емитување на авторските дела – предмети на сродни права, ниту тоа е предвидено во други одредби од Законот. Имено, целта за регулирање на односите уредени со Законот во оваа сфера е во различни или сите фази да се афирмира транспарентноста, соработката и деловната меѓузависност на обата видови субјекти – носителите на авторското право и сродните права и корисниците на овие права.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од членот 8 и тарифниот број 30 став 2 од Правилникот, висината на надоместокот се утврдува во процентуален износ од вкупниот месечен приход и во паушален износ, Судот оцени дека за нив основано може да се постави прашањето на согласноста со одредбите од Законот за авторското право и сродните права и со членот 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Судот оцени дека се настапени условите согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2008
24 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски