156/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006 и 153/2007).

2. Димитар Наковски извршен директор на АД „Транскоп“ Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 18 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 18 став 1 во делот „и тоа за по една година“ и точките 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од наведениот закон не биле во согласност со членовите 8, 9, 30, 32, 34 и 35 од Уставот. Ова затоа што со ваквото законско решение често пати се надминувале годините на старост за одење во пензија.Ова од единствениот факт и елемент што заокружувањето на бенифицијата се вршеле на цела година или на цели години наполнети како количини во пензискиот стаж. Ова особено било изразено со последните измени на Законот каде единствен критериум се годините на староста за одење во пенција, а годините за признатата бенефиција се одбивале од лимитот од 64 години, па така се добивале и годините на старост со кои оваа категорија на осигуреници требало да одат во пензија.

Понатаму, според подносителот со оспореното законско решение на овие работници им било ускратувано правото со платени месечни ануитети за пензиски стаж да можат да го остварат даденото право затоа што бенефицираниот стаж се заокружувал на цела година и на група на години, што во пракса значело оваа категорија на работници требало да остане на работа уште минимум 1 година или повеќе.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 18 од Законот кој е поместен во насловот „Намалување на старосната граница“ е предвидено дека на осигуреникот на кого стажот на осигурување му се смета со зголемено траење старосната граница за стекнување право на старосна пензија се намалува зависно од степенот на зголемувањето на стажот, и тоа за по една година (оспорен дел).

1) За секои седум години поминати на работно место на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци.

2) За секоеи шест години поминати на работно место на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци.

3) За секои пет години поминати на работно место на кои ефективно се поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување 15 месеци.

4) За секои четири години поминати на работно место на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци.

5) За секои три години и шест месеци поминати на работно место на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци.

6) За секоеи три години поминати на работно место на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци.

Судот, исто така, утврди дека со Решение У.бр.217/1996 од 25 декември 1996 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994 и 4/1995).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6, 8 и 11 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 од Уставот е утврдено дека се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на ввработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според став 2 на овој член секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според став 3 на овој член секој вработен има право на соодветна заработувачка. Според став 5 на истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби, покрај другото произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување. Уставот исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност, која се остварува врз начелото на социјална праведност.

Според тоа прокламирањето на наведените уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјално осигурување, начинот, постапката и условите за остварување на овие права се резервирани за законодавната власт.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемени на правото од социјалнот осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 1 од наведениот закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници го остваруваат правото од пензискокто и инвалидското осигурување.

Во делот III „Стекнување и утврдување на правата од Законот односно во член 18 е предвидено правото на намалување на старосната граница на осигуреникот на кого стажот на осигурување му се смета со зголемено траење, при што старосната граница се намалува за по една година во зависност од тежината на работните задачи на работното место.

Содржината на оспорената одредба од член 18 од Законот и покрај фактот што Законот повеќе пати е менуван и дополнуван не претрпел никаква измена, односно предвидените права и обемот на неговото остварување останал ист што впрочем и подносителот на иницијативата го има констатирано.

Во Глава IV „Стекнување и остварување на правата на определени категории на осигуреници под посебни услови“ од Законот е утврдено дека одредени осигуреници вработени во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, казнено поправните установи и воспитно поправните домови стажот на осигурување им се смета со зголемено траење со оглед на тежината на работните задачи и тие можат да остварат право на пензија ако имаат одредени години на стаж и старост.

Во Главата VI „Пензиски стаж“ од Законот односно во членовите од 125 до 130 се утврдени критериумите за прашањата кои се однесуваат на работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење при што работните места се распоредуваат во шест групи со тоа што 12 месеци ефективна работа се смета како 13, 14, 15, 16, 17 односно 18 месеци.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои го уредуваат прашањето на стекнување на право на пензија кое право се стекнува со исполнување на одреден минимум стаж на осигурување и возраст, како и содржината на оспорениот член 18, Судот смета дека наводите во иницијативата не се основани.

Ова оттаму што целта на законодавецот според Судот била одредена категорија на осигуреници кои не се во можност да работат до пропишаната старосна граница односно до 64 години, поради тежината на работните задачи, стажот на осигурување да им се смета со зголемено траење и да го остварат правото на пензија со намалување на старосната граница. Притоа, на кој начин тоа право ќе го остварат осигурениците е прашање на законодавецот кој се раководел од принципот на социјална праведност и генерациска солидарност како и начелото на еднаквост. Во спротивно институтот бенефициран стаж би ја изгубил смислата и целта која треба да се постигне.

Имајќи го предвид наведеното, фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.217/1996 од 25 декември 1996 година не повел постапика за оценување на уставноста на член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и тоа што наводите во предметнава иницијатива не даваат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2008
24 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски