Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 173 став 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата: „… деловите што гласат „односно управна-та“, сметам дека нема основа за нивно постоење, бидејќи со нивно постоење се создава збрка, правна несигурност не само меѓу учесниците туку и меѓу самите судии, затоа што учесниците од секогаш се упатувале да поведат само парнична постапка, а никогаш да водат управна постапка, како што е предвидено со оспорените законски делови.“…. „Според тоа, со оспорените законски делови сметам дека се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи оспорените законски делови не се прецизни и јасни и создаваат правна несигурност во примената на правото.“
3. Судот на седницата утврди дека членовите 173 – 176 од Законот, чии делови се оспорени во оваа иницијатива, припаѓаат на Вториот дел од Законот – „Посебни постапки“, Поддел – „Уредување на имотни односи“, Оддел – „Расправање на оставина“, пододдел – „Рочиште за расправање на оставина“.
Во првиот член од овој пододдел, тоа е член 167, се определува општо правило – „за расправање на оставина судот закажува рочиште“.
Во член 173 став 1 од Законот се определува дека: „Судот ќе го прекине расправањето на оставината и учесниците ги упатува да поведат парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка, ако меѓу учесниците настане спор за фактите од кое зависи некое нивно право.“
Во член 174 од Законот се предвидува: „Ако меѓу учесниците настане спор за право на легат или за друго право на оставината, судот ќе ги упати да поведат парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка, но нема да го прекине расправањето на оставината“.
Според член 175 од Законот: „Ако меѓу наследниците настане спор за факти или за примена на право, судот ќе го прекине расправањето на оставината, а учесниците ќе ги упати да поведат парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка во следниве случаи, ако: 1) меѓу наследниците постои спор за тоа дали некој имот влегува во оставината и 2) меѓу наследниците е спорно барањето на лицата, кои со оставителот живееле во заедница да им се издвои од оставината дел кој одговара на нивниот придонес во зголемувањето на вредноста на имотот на оставителот.“
Во член 176 став 1 од Законот се определува дека: „Судот ќе го упати да поведе парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка оној учесник чие право го смета за помалку веројатно.“
Со став 2 од истиот член се предвидува: „Судот при прекинувањето на постапката ќе одреди рок кога треба да се поведе парнична, односно управна (оспорен дел. н.з.) постапка.“
Според став 3 од истиот член: „Ако учесникот постапи според решението на судот, прекинот на постапката ќе трае додека парничната, односно управната (оспорен дел, н.з.) постапка не заврши правосилно.“
Во став 4 од истиот член се предвидува: „Ако учесникот во рокот определен со решение на судот не постапи според решението на судот, расправањето на оставината ќе продолжи, без оглед на барањата поради кои учесникот бил упатен да поведе парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка.“
Во став 5 од наведениот член се определува дека: „Ако пред да заврши расправањето на оставината учесникот кој не го спазил рокот донесе доказ дека повел парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка, судот ќе постапи според одредбата од ставот 3 на овој член.“
Во став 6 од истиот член се предвидува: „Во случаите од ставовите 3 и 5 на овој член, кога судот ја расправил оставината, како и во случај кога ја расправил оставината а учесниците требало да ги упати да поведат парнична, односно управна (оспорен дел, н.з.) постапка, правосилноста на решението на оставинскиот суд не пречи за односното барање да се поведе парнична постапка.“
Според тоа, оспорени се делови од законски одредби со кои се определува прекинување или непрекинување рочиште за расправање оставина од страна на судот заради претходно расчистување на факти или права од управна постапка.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е – владеењето на правото.
Според член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1), при што „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).
Според Амандман XXV точка 1 став 4 на Уставот на Република Македонија „видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е основна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, што се обезбедува преку усогласеност на законите со Уставот и преку обврската секој субјект да ги почитува Уставот и законите. Постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупнииот број пратеници.
Со оглед на тоа што законодавецот има уставен основ да ја уреди постапката пред судовите, при што тоа е направено на начин кој овозможува прекинување или непрекинување на рочиште за расправање оставина од страна на судот заради претходно расчистување на факти или права кои се утврдуваат во управна постапка, што е во функција на остварување на правата на учесниците во постапката пред судот, и што е направено со прецизни и јасни правни правила, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од законските одредби со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.76/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски