Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на
– постапката за трансформација на Јавната здравствена организација Здравствена станица на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
– Програмата за спроведување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита бр. 07 од 19 јануари 2007 година,
– Решението за давање согласност бр.22-7538/5 од 23 јануари 2007 година, донесено од министерот за здравство и
– Одлуката за донесување на Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работите односно работните задачи (работни места) на Здравствената станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, донесена од Управниот одбор на Здравствената станица на 11 мај 2007 година.
2. Д-р Златко Солев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на постапката за трансформација на Јавната здравствена организација Здравствена станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и актите со кои е спроведена таа постапка означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата извршената трансформација на здравствената станица била неуставна и незаконита, затоа што измените на Законот за здравствена заштита не се однесувале на јавните здравствени установи кои се формирани пред измените на законот ниту тие имале повратно дејство, односно не се однесувала ни на установите кои ги формирала законодавната власт – Собранието на Република Македонија. Со изготвувањето на Програмата за трансформација на Здравствената станица и дадената согласност на министерот за здравство се навлегло во делокругот на законодавната власт што било спротивно на Уставот и владеењето на правото. Доколку имало потреба од трансформирање на наведената здравствена установа тоа требало да го стори основачот – Собранието на Република Македонија.
Според подносителот Уставниот суд требало да ја поништи извршената трансформација за укинување на стоматолошката дејност и специјалистичкото стоматопротетско одделение заедно со Програмата на здравствената станица бр.07-0 од 19.01.2007 година Решението на Министерството за здравство бр.22-7538 од 23.01.2006 година и Одлуката на Управниот одбор бр. 23 од 11 мај 2007 година.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007 и 77/2008) е предвидена трансформација, односно приватизација на деловите од објектите и опремата на постојните здравствени установи во кои се врши целокупна стоматолошка здравствена заштита, освен исклучоците утврдени во член 200-к став 4.
Согласно член 200-п од Законот, организационите единици од член 200-к и деловниот простор (член 200-њ) се издаваат под закуп врз основа на програма што ја донесува јавната здравствена установа на која министерот за здравство дава согласност.
Врз основа на наведените одредби од Законот, Јавната здравствена установа Здравствена станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ донела Програма за спроведување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005), бр.07 – од 19 јануари 2007 година а која се однесувала на трасформација и спроведување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита за областа стоматологија.
Во Програмата во дел I. е предвидено кои делови од превентивна стоматолошка заштита не се издаваат под закуп, а во дел II. кои делови на Јавната здравствена станица се издаваат под закуп и тоапротетика 1/I кат од 16 м2 во која според постојната состојба носител на дејноста бил д-р Златко Солев.
На 23 јануари 2007 година министерот за здравство донел Решение бр.22-7538/5 со кое се дава согласност на Програмата за спроведување на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита на Јавната здравствена установа Здравствена станица Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ бр.07 од 19 јануари 2007 година.
На 5 февруари 2007 година врз основа на Законот за здравствена заштита, Правилникот за критериумите за утврдување на организационите единици во јавните здравствени установи кои не можат да се издаваат под закуп како и Решението за дадената согласност на Програмата за спроведување на Законот за здравствена заштита, Јавната здравствена установа – Здравствена станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ распишала јавен интерен конкурс за издавање под закуп на ординацијата по стоматолошка протетика. Според наведениот интерен конкурс право на учество имале вработените во Јавната здравствена установа, кои потребни документи можеле да ги поднесат во рок од 15 дена од денот на објавувањето на наведениот конкурс, при што подносителот односно д-р Златко Солев не се пријавил на конкурсот. Меѓутоа тој на 19 февруари 2007 година доставил изјава во која ги навел причините поради што не се јавил на конкурсот.
Управниот одбор на Здравствената станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје донел Одлука за донесување на Правилник за измена на Правилникот за систематизација на работа односно работни задачи (работни места) на Здравствената станица на Универзитетот бр.23 од 11 мај 2007 година.
Според членот 1 на Одлуката, во Правилникот за систематизација на работи односно работни задачи-работни места на Здравствената станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, во глава IV, се брише точка „2. Одделение за стоматологија“, како и од глава „V“ од Систематизација на работите односно работните задачи-работни места се бришат членовите 43, 46, 55, 56, 57 и 58.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека истата се донесува врз основа на Програмата за спроведување на Законот за здравствената заштита доставена од Министерството за здравство на 9 јануари 2007 година, како и решението на министерот за здравство означено во уводот на одлуката.
Во членот 3 од Одлуката е определено дека овој Правилник влегува во сила осмиот ден по неговото објавување.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и наводите во иницијативата од која произлегува дека подносителот во суштина ја оспорува трансформацијата на јавната здравствена станица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје од здравствена станица со стоматолошка дејност и специјалистичка стоматопротетика одделение во Јавна здравствена станица без стоматолошка дејност и без специјалистичка стоматопротетичко одделение, како и актите што Јавната здравствена установа ги донела во постапка за трансформација, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
Имено, имајќи ја предвид содржината на оспорената Програма, Решението за давање на согласност на Програмата и Одлуката односно Правилникот за измена на Правилникот за систематизација на работни задачи во здравствената станица, Судот оцени дека тие се интерни акти и се во функција на операционализација на Законот за здравствена заштита во процесот на трансформација на јавната здравствена установа поради што тие не се подобни за уставно судска оцена.
Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.137/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски