110/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 42 став 8 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата: „…ваква одредба може да се предвидува само со Уставот на Република Македонија, а не со закон, што е донесен со просто мнозинство гласови од вкупниот број пратеници…“, „…. законодавецот сам без уставна основа си определува каков закон може да донесува, со што се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.“ Иницијаторот наведува дека „… со Кривичниот законик (член 107 став 1 точка 6) е предвидено дека кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат две години од извршувањето на кривичното дело…. Според тоа, …. за прекршок е предвиден многу подолг рок на застареност на поведување и водење на прекршочната постапка, дури пет години, отколку што се предвидува за кривично гонење, иако треба да биде обратно. Бидејќи, по редот на нештата, кривичното дело мора да се третира построго во однос на прекршокот.“

3. Судот на седницата утврди дека Законот за прекршоците има четири дела: Основни одредби (членовите 1 и 2); Дел први насловен „Материјално-правни одредби“ и посветен на: (1) поимите прекршок и прекршочна одговорност; (2) видовите прекршочни санкции на: полнолетни сторители, малолетни лица, воспитни мерки, правни лица, посебни прекршочни мерки; (3) застареноста; (4) значењето на изразите; (5) евиденција на прекршочни санкции (членовите 3 – 45); Дел втори насловен „Постапка за порамнување и посредување“ (членовите 46 – 52) и Дел трети насловен „Прекршочна постапка“ (членовите 53-156).

Членот 42 од Законот е систематизиран во Делот први, глава посветена на „Застареност“. Во став 1 од тој член се определува дека: „Прекршочната постапка на може да се поведе ниту да се води ако помине една година од денот кога е сторен прекршокот.“

Во оспорениот став 8 од истиот член се определува дека: „Со закон со кој се пропишува прекршок, може за одделни прекршоци да се определат рокови на застареност подолги од роковите од ставот 1 на овој член, но не подолги од пет години.“

Од изнесеното произлегува дека членот 42 од Законот е материјално-правна одредба за прекршоците; дека се однесува на застарување и, поблиску, на застарување да се поведе и води прекршочна постапка; дека општо правило е да не може да се поведе, ниту да се води, прекршочна постапка ако помине една година од настанувањето на прекршокот (став 1); дека, по исклучок, со посебен закон и за одделни прекршоци може да се определат подолги рокови за застареност отколку една година, но не подолги од пет години (став 8).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека владеењето на правото е основна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека со закон се утврдуваат казнивите дела и се определува казната за сторителите на тие дела.

Според тоа, законодавецот има уставно овластување со закон да ја уреди материјата во врска со прекршоците со оглед дека се тие вид на казниви дела, а во тие рамки со закон да го определи рокот за поведување и водење на прекршочна постапка и исклучоците од тој рок во зависност од нивната оправданост според општествените односи и проценката за развојот на тие односи.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски