Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.15/1998 и 9/2002) донесени од Советот на град Скопје.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 во делот: „при што за исклучениот простор се плаќа 50% од надоместокот за просторот кога нормално се затоплува“, од Условите и тарифните елементи на „Топлификација“ АД – Скопје за испорака на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2002) донесени од Управниот одбор на „Топлификација“ АД – Скопје.
3. Стрезо Стрезовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата со членот 52 од Условите кои се донесени од Советот на град Скопје, било утврдено дека за исклучениот простор корисниците требале да платат надоместок согласно со Тарифниот систем, а со членот 33 од Условите и тарифните елементи донесени од Топлификација АД – Скопје било определено дека тој надоместок изнесувал 50% од надоместокот за просторот кога нормално би се затоплувал.
Со наведените одредби се наметнувала неоправдана парична обврска на граѓаните за плаќање паричен надоместок за Услуга која не ја добивале, а воедно граѓаните немале склучено договори со АД „Топлификација“ за вакви односи, поради што обврската за плаќање паричен надоместок за услуга која не ја примале, била спротивна на уставниот принцип кој се однесувал на владеењето на правото.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 52 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје е предвидено дека корисникот кој од било кои причини не ја користи топлинската енергија е должен писмено да го одјави користењето, а исклучувањето и приклучувањето на затоплуваниот простор на корисникот може да се изврши, по барање на корисникот, само вон грејна сезона. Според ставот 3 на овој член од Условите, е предвидено дека за исклучениот простор корисниците плаќаат надоместок согласно со Тарифниот систем.
Со ставот 1 од членот 33 од Условите и тарифните елементи на Топлификација АД – Скопје за испорака на топлинска енергија, е предвидено дека во објектите со повеќе корисници, кај секој корисник на негово писмено барање, можно е исклучување на целиот негов затоплуван простор при што за исклучениот простор се плаќа 50% од надоместокот за просторот кога нормално се затоплува.
5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со членот 55 од Уставот е определено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008) е влезен во сила на 2 јуни 2006 година и со денот на влегувањето во сила на овој закон престанал да важи Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 40/1999, 98/2000, 94/2002, 38/2003 и 40/2005), на кој се засновале сега оспорените акти донесени од Советот на град Скопје и од „Топлификација“ АД – Скопје. Во делот на преодните и завршните одредби од Законот, со членот 155 е уредено дека прописите предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три години од денот на влегувањето во сила на овој закон. До донесувањето на прописите од ставот 1 на овој член ќе се применуваат прописите што важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон.
Зaконот за енергетика од 1997 година со неговите измени и дополнувања, во делот на одредбите од членовите 25-40 ги уредил прашањата на „Испорака на енергија од енергетски систем“. Во овие и во останатите одредби од Законот не била утврдена должност за плаќање надомест од страна на лицата кои престанале да бидат корисници на топлинска енергија поради исклучување на грејниот простор од топлинската енергија на енергетскиот систем. Со Законот, покрај тоа што не е предвидена таква обврска, не се утврдени ниту критериуми по кои би се определувала со подзаконски акти висината и условите за континуираното плаќање на надоместокот.
Имено, со членовите 32 и 33 од поранешниот Закон биле уредени должностите на корисниците на енергија од енергетскиот систем, при што било определено како тие да се однесуваат спрема уредите и инсталациите за да не се предизвикуваат технички проблеми и опасности, да овозможат правилно користење на енергијата, а меѓу другото да ја платат испорачаната енергија согласно со условите за снабдување (испорака) на енергија, договорот за снабдување (испорака) и законот, во спротивно ако корисникот не се придржувал кон должностите, испорачателот на енергија од енергетскиот систем можел по претходно предупредување, да му ја прекине испораката на енергија од енергетскиот систем, а повторно ќе го приклучел доколку лицето ги отстрани причините за исклучувањето, но трошоците за повторно приклучување на мрежата ги поднесувал корисникот на енергија, согласно членот 34 став 2 од Законот. Условите за снабдување (испорака) со соодветен вид енергија од енергетските системи и Методологијата за формирање на цените за одделни видови енергија ги пропишува Регулаторната комисија, согласно членот 37 став 3 и членот 39 став 2 од Законот.
Судот оцени дека со изнесената законска регулатива не била утврдена обврска за лицата кои веќе немаат статус на корисници, да плаќаат надомест како резултат на исклучување од енергетскиот систем.
Судот, исто така, оцени дека предметното овластување на Регулаторната комисија од членот 37 став 3 и членот 39 став 2 од Законот, било утврдено со измените и дополнувањата на тогаш важечкиот Закон во 2002 година, меѓутоа, во случајов оспорените Услови за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје биле донесени од градот Скопје, а не од Регулаторната комисија, односно датирале уште пред измените и дополнувањата на Законот, и како такви се во примена. Исто така, согласно членот 40 став 2 од поранешниот Закон, тарифните системи за одделни видови енергија требале да бидат пропишани од Регулаторната комисија, меѓутоа во случајов оспорените Услови и тарифни елеменети на Топлификација АД – Скопје за испорака на топлинска енергија е акт донесен од Управниот одбор на „Топлификација“ АД – Скопје, и не претставува тарифен систем на Регулаторната комисија, туку е акт на Акционерското друштво со кој во ставот 1 од членот 33 се утврдува давачка на граѓаните, која не е воспоставена со закон.
Со оспорениот член 52 став 3 од Условите донесени од Советот на град Скопје е дадено овластување да се задолжуваат лицата кои не се корисници на топлинска енергија поради исклучување од енергетскиот систем, да плаќаат надомест согласно Тарифниот систем, а со оспорениот член 33 став 1 од Условите и тарифните елементи донесени од „Топлификација“ АД – Скопје, определена е висината на оваа давачка на товар на лицата кои престанале да бидат корисници и изнесува 50% од надоместокот за просторот кога нормално се затоплува. Овие два акта се надоврзуваат во прашањето кое го уредуваат.
Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека, во случајов со закон не била утврдена обврска за плаќање на надоместок од страна на лицата кои не се корисници на топлинска енергија поради исклучување од енергетскиот систем, а воедно во правниот поредок на Република Македонија кога е во важност нов Закон за енергетика од 2006 година, според кој во рок од три години од неговото влегување во сила ќе треба да се донесат прописите предвидени со овој закон, се уште се применуваат прописи кои не се усогласени ниту со Законот за енергетика кој важел во времето на нивното донесување, а особено оспорените одредби немаат никаков законски основ во однос на прашањата кои ги уредуваат но се рефлектираат со финансиски товар на граѓаните без правен основ за тоа.
Со новиот Закон за енергетика од 2006 година, со членот 19 е определена надлежност Регулаторната комисија за енергетика да пропишува тарифни системи за одделни видови енергија и да донесува одлуки за цени на одделни видови енергија.
Имајќи ја предвид изнесената правна и фактичка состојба, Судот оцени дека за оспорената одредба од членот 52 став 3 од Условите за снабдување со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.15/1998 и 9/2002) донесени од Советот на град Скопје, може основано да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.
6. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во однос на Условите и тарифните елементи на „Топлификација“ АД – Скопје за испорака на топлинската енергија, донесени од Управниот одбор на „Топлификација“ АД – Скопје, Судот оцени дека тоа е акт на деловно работење на Акционерското друштво и не претставува пропис односно општ акт во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот не е надлежен за оценка на неговата уставност и законитост, и согласно наведените уставни и деловнички одредби Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата во тој дел.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.148/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски