22/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 52 став 4 во деловите

2. Јордан Шијаков од Неготино на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите на членот 52 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 30 став 1 од
Уставот со кој се гарантирало правото на сопственост и правото на наследување и ставот 3 на овој член од Уставот според кој никому не можело да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работело за јавен интерес утврден со закон. Имено, оспорениот член 52 став 4 од Законот ги ограничувал правата на сопственост, во случај кога градежната парцела била формирана од две или повеќе катастарски парцели на различни сопственици што според подносителот на иницијативата тоа значело дека станувало збор за веќе разрешени имотно правни односи. Оспорениот член 52 став 4 можело да се оправда единствено доколку градежната парцела истовремено била и катастарска парцела во заедничка сопственост, која физички можела да се подели помеѓу сопствениците.

Поради изнесеното се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови на членот 52 став 4 од наведениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 52 став 4 од Законот врз основа на елаборатот од ставот 3 алинеја 2 на овој член, органот надлежен за донесување на решението, утврдува дали барателот е единствен носител на правото на градба на конкретната градежна парцела и дали идејниот проект или урбанистичкиот проект е во согласност со планот. Доколку органот што го донесува решението за локациски услови утврди дека барателот не е единствен носител на правото на градба на конкретната градежна парцела или идејниот проект, односно урбанистичкиот проект не е во согласност со планот, постапката се прекинува и барателот се упатува да ги разреши имотно правните односи, односно да ја усогласи проектната документација со планот.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственот и правото на наследување, а во ставот 3 на овој член од Уставот е утврдено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со членот 52 од Законот се уредува постапката за донесување решение за локациски услови. Имено, според ставот 1 на овој член од Законот, решение за локациски услови за градби од локално значење утврдени со закон донесува градоначалникот на општината и градоначалниците на општините во градот Скопје. За водење на постапката градоначалникот овластува лице, дипломиран инженер архитект со работно искуство од најмалку три години.
Во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека решението за локациски услови за градби од значење на Републиката утврдени со закон и за градбите од членот 50 став 3 на овој закон, го донесува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, кој за водење на постапката овластува лице, дипломиран инженер архитект со работно искуство од најмалку три години во областа на урбанистичкото планирање.
Според ставот 3 на овој член од Законот за добивање решение за локациски услови се поднесува барање и:
– доказ за сопственост на градежно земјиште или доказ за право на долготраен закуп на градежно земјиште или договор за концесија или акт за заснована комунално-техничка службеност за спроведување на инфраструктурни водови и телевизиски кабли на туѓо земјиште или друг доказ за стекнато право на градење, согласно со закон.

– геодетски елаборат за нумерички податоци за недвижности изготвен од трговец поединец – овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи.

– идеен проект или урбанистички проект од членот 50 на овој закон.

– добиена претходна согласност од страна на Агенцијата за електронски комуникации во однос на идејниот проект или урбанистичкиот проект за градби на електронски комуникациски мрежи и средства од локален карактер, односно на електронски комуникациски мрежи и средества кои покриваат подрачје на една општина или на електронски комуникациски мрежи и средства кои покриваат територија на две или повеќе општини.

Според ставот 4 на овој член од Законот, врз основа на елаборатот од ставот 3 алинеја 2 на овој член, органот надлежен за донесување на решението, утврдува дали барателот е единствен носител на правото на градба на конкретната градежна парцела и дали идејниот проект или урбанистичкиот проект е во согласност со планот. Доколку органот што го донесува решението за локациски услови утврди дека барателот не е единствен носител на правото на градба на конкретната градежна парцела или идејниот проект, односно урбанистичкиот проект не е во согласност со планот, постапката се прекинува и барателот се упатува да ги разреши имотно правните односи, односно да ја усогласи проектната документација со планот.

Според ставот 5 на овој член од Законот, доколку органот што го донесува решението за локациски услови утврди дека инвеститорот не е единствен сопственик, односно не е единствен носител на правото на градба на незначителен дел кој зафаќа површина до 10% од вкупната површина на градежната парцела и не зафаќа дел од површината планирана за градење, ќе го издаде решението за локациски услови со обврска инвеститорот да ги регулира имотно-правните работи за целата градежна парцела најдоцна до поднесување на барањето за одобрението за употреба.

Според ставот 6 на овој член од Законот, во решението за локациски услови се наведени сите текстуални и графички податоци за условите за градење на конкретната градежна парцела, утврдени со планот. Според ставот 7 од овој член донесеното решение за локациски услови и заверениот идеен проект односно заверениот урбанистички проект од членот 50 на овој закон, се основа за изработка на основен проект, а според ставот 8 на овој член од Законот, надлежниот орган што го донесува решението за локациски услови е должен во рок од седум дена од денот на донесувањето на решението писмено да ги информира за содржината на решението непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува решението.

Според ставот 9 на овој член надлежниот орган што го донесува решението за локациски услови, по еден примерок од решението доставува до градителот и надлежниот урбанистички инспектор.

Тргнувајќи од оспорениот став 4 на овој член од Законот, меѓу другото, произлегува дека доколку органот што го донесува решението за локациски услови утврди дека барателот не е единствен носител на правото на градба на конкретната градежна парцела или идејниот проект, односно урбанистичкиот проект не е во согласност со планот, постапката се прекинува и барателот се упатува да ги разреши имотно правните односи, односно да ја усогласи проектната документација со планот што значи дека решение за локациски услови не може да се издаде додека не се разрешуваат имотно правните односи.

Според Судот, во динамиката на реализирањето на градежните локации согласно урбанистичките планови е понудено законско решение кое има права и обврски, но не на штета на носителите на правото на сопственост на недвижности.

Имено, инвеститорот е условен за да го добие решението за локациските услови да ги третира сопственичките интереси и да ги реши меѓусебните имотно-правни односи поради што не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека со овој дел на оспорениот став 4 од член 52 од Законот било ограничено правото на сопственост, туку обратно со оваа одредба всушност доаѓа до израз правото на сопственост во својата суштина, кое е уставно загарантирано со членот 30 од Уставот.

Поради наведеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на деловите на членот 52 став 4 од Законот со членот 30 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски