94/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декемвври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 65 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2001, 61/2002, 24/2003, 77/2003 и 19/2004).

2. „Интерфуд“ ДООЕЛ од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата: „ваквата законска одредба од член 65 е спротивна на уставниот принцип на право на рамноправност и еднаквост на сите субјекти во правниот систем, дека сите се еднакви пред законот. Не може граѓаните и правните лица да се должни на државата – Министерството за финансии да плаќаат затезна камата од првиот ден на закаснување, а за државата и нејзините органи рокот за пресметување и плаќање на камата да почнува да тече 30 дена после поднесувањето на барањето за враќање на повеќе и неправилно наплатениот данок, ….“ Во таа смисла, подносителот на иницијативата укажува на член 63 од истиот закон според кој: „на износот на данокот што не е платен во пропишаниот рок се плаќа камата во висина од 0,1% за секој ден задоцнување“.

Поради тоа, оспорената законска одредба не била во согласност со членовите 9, 51 и 55 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 65 од Законот „доколку се бара враќање на повеќе или погрешно уплатен данок од страна на даночниот обврзник, рокот за плаќање камата тече по истекот на триесеттиот ден од денот на поднесувањето на барањето за враќање на данокот“.

Со член 180 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006) се определува дека: „со денот на примената на овој закон престануваат да важат: Законот за утврдување и наплата на јавните приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2001, 24/2003, 77/2003 и 19/2004); ….“.

Во член 181 од Законот за даночна постапка се предвидува: „овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 април 2006 година“.

Од изнесените одредби на Законот за даночна постапка произлегува дека оспорениот член 65 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи престана да важи на 1 април 2006 година.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува, покрај другото, за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што членот 65 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи престана да важи според членовите 180 и 181 од Законот за даночна постапка, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски