Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 146 ставовите 2 и 3, член 410-а, член 417-а и член 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје, Александра Илиева – адвокат од Скопје и Манчо Манчев – адвокат од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов: „наведените одредби од Законот за парничната постапка сметам дека не се во согласност со Уставот на Република Македонија. Затоа што Република Македонија е се уште и социјална држава, според основната одредба на член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија. Така што, за жал, мнозина граѓани во Република Македонија не се во можност да ја платат судската такса и поради сиромаштија.
Во тој контекст е и основното начело во член 6 став 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008) според кое никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите за заштитата на основните права и слободи поради недостиг на материјални средства.
Сметам дека не може да постои и формулацијата дека тужбата ќе се смета за повлечена само затоа што тужителот не ја платил судската такса, а пред тоа судот да не презел правни дејствија или средства за да се таа такса наплати, ако тужителот располага со такви материјални средства.
Според тоа, сметам дека со оспорените законски одредби се повредува член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11, член 50, член 51 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.“
Во иницијативата на Александра Илиева се наведува дека: „овие одредби се во спротивност со член 35 од Уставот на Република Македонија и тоа: Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност и начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, и овозможува само луѓето со повеќе финансиски средства да можат да ја бараат правдата пред суд, а не и оние со помалку средства кои не се во можност да ја платат судската такса, а кои до сега ова право го остваруваа преку институтот присилна наплата преку Управата за јавни приходи.
Овие членови … претставуваат социјална дискриминација на граѓаните на Република Македонија …“.
Во иницијативата на Манчо Манчев се наведува дека: „оспорените одредби од Законот за парничната постапка не се во согласност со член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија според кој Република Македонија е социјална држава. Тоа значи дека државата мора да води сметка да им овозможи пристап и достапност до судовите и заштита на своите права пред судовите и на оние граѓани, кои се со неповолен социјален статус. Општо познат факт, кој има потврда и во статистичките податоци, дека голем број граѓани се сиромашни и истите остваруваат право на социјална помош, кои поради тоа не се во можност да ги подмират трошоците пред судовите меѓу кои и трошоците за судски такси за тужба и одлука.
Со оспорените одредби се овозможува заштита на своите права и пристап пред судовите да имаат само оние граѓани кои се во подобра материјална состојба, а со тоа и во можност да ги подмират судските трошоци, меѓу кои и трошоците на име судски такси.
Следствено на изнесеното, со оспорените одредби се повредува и член 9 од Уставот на Република Македонија …. бидејќи со истите се создава нееднаквост врз основа на имотната состојба.
Оспорените одредби не се во согласност и со член 3 од Законот за судовите …
Оспорените одредби оневозможуваат примена на одредбите од член 163 до член 169 од истиот закон.
Воедно оспорените одредби се во спротивност т.е. не се во согласност и со одредбите од член 271 и 278 од Законот за парничната постапка кои се однесуваат на подготвително рочиште.
Оспорените одредби не се во согласност и со одредбите од член 282 став 3 од ЗПП и член 284 став 1 од ЗПП бидејќи истите предвидуваат на тужителот да му се даде можност да изнесе докази со кои ќе ги потврди фактите.
…оспорените одредби се во спротивност и со член 74 од ЗПП и член 75 од ЗПП, како и член 76 од ЗПП.“
Според тоа, подносителите на иницијативите ги оспоруваат наведените законски одредби од аспект на: (1) еднаквоста на граѓаните по основ на социјално потекло и имотна положба во врска со пристап до судовите заради заштита на своите слободи и права (во таа функција се посочуваат член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 8 и 11, член 9, член 35, член 50 од Уставот), како и од аспект на (2) неусогласеноста на оспорените законски одредби со другите одредби од истиот закон (на пример, со членовите 163-169 кои се однесуваат на ослободувањето од плаќање на трошоците, со членовите 271 – 278 кои се однесуваат на подготвителното рочиште, на членовите 282 и 284 во врска со доказите, членовите 74-76 во врска со странките и нивните застапници) и со одредбите од други закони (на пример, со членовите 3 и 6 од Законот за судовите), поради што тие не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и со Амандман XXV на Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата го утврди следното:
а) Оспорениот член 146 ставовите 2 и 3 од Законот е систематизиран во Делот први од Законот, глава – „Трошоци на постапката“, прва подглава – „Парнични трошоци“.
Според член 146 став 1 од Законот: „Секоја странка претходно сама ги поднесува трошоците што ги предизвикала со своето дејствие“.
Оспорениот став 2 на истиот член од Законот предвидува: „Судот нема да постапува по тужба ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судската такса“. Содржината на оваа одредба е определена во основниот текст на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005).
Во оспорениот став 3 на истиот член од Законот се определува: „Ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена“. Содржината на оваа одредба е определена со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008; влезе во сила на 10 септември 2008 година – член 21).
– Главата „Трошоци на постапката“ има уште две подглави: „Трошоци во постапката за обезбедување на докази“ и „Ослободување од плаќање на трошоците на постапката“.
Ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката е уредено во членовите 163 – 169 од Законот.
Според член 163 став 1 од Законот: „Судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоците на постапката странката која според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за својата нужна издршка и нужната издршка на своето семејство“.
Во ставот 2 на истиот член од Законот се определува потполното ослободување од плаќање на трошоците на постапката (ослободување од: судските такси, трошоците на сведоците, вештаците, преведувачите, толкувачите, за увид, за судските огласи, за полномошникот), при што авансот за тие трошоци ќе се плати од средствата на судот (член 166), а кој ќе ги надомести тие трошоци ќе одлучи судот според одредбите за надоместок на трошоците (член 168). Странката која е потполно ослободена од плаќање на трошоците, може да побара и да добие полномошник, а прашањата околу тоа се уредени со член 165 од Законот (барање, назначување на полномошникот-адвокат од страна на претседателот на судот, разрешување на полномошникот, недозволеност на жалба).
Во член 163 став 3 од Законот се определува делумното ослободување од плаќање на трошоците на постапката (само од судските такси).
Со член 164 од Законот се уредува постапката за ослободување од плаќање на трошоците (предлог од странката со уверение за имотна состојба, одлука од првостепениот суд, прибавување на потребните податоци од страна на самиот суд, недозволеност на жалба), а со член 167 од Законот се определува укинувањето на решението за ослободување од плаќање на трошоците во текот на постапката. Во член 169 од Законот се пропишува овластување за министерот за правда да го утврди со правилник надоместокот на трошоците на парничната постапка.
б) – Оспорените членови 410-а, 417-а и 429-а од Законот се систематизирани во Делот трети – „Посебни постапки“.
– Оспорениот член 410-а од Законот е систематизиран во Делот трети – „Посебни постапки“, глава – „Постапка во споровите поради смеќавање на владение“.
Во член 410 од Законот се определува дека: „Ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката поради смеќавање на владние ќе се применуваат другите одредби на овој закон“.
Според оспорениот член 410-а од Законот „тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса“. Содржината на оваа одредба е определена со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008).
– Оспорениот член 417-а од Законот е систематизиран во Делот трети – „Посебни постапки“, глава – „Издавање платен налог“.
Во член 417 од Законот се предвидува дека: „Ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката за издавање платен налог ќе се применуваат другите одредби на овој закон“.
Според оспорениот член 417-а од Законот „Судот нема да издаде платен налог ако тужителот не ја плати судската такса. Тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса“. Оваа одредба е исто така предвидена со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008).
– Оспорениот член 429-а од Законот е систематизиран во Делот трети – „Посебни постапки“, глава – „Постапка во спорови од мала вредност“.
Во член 429 од Законот е определено дека: „Ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката во споровите од мала вредност ќе се применуваат другите одредби од овој закон“.
Според оспорениот член 429-а од Законот: „тужбата се смета за повлечена ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса“. Содржината и на оваа одредба е определена со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2008).
Од изнесеното произлегува дека оспорените одредби од Законот определуваат: судот да не постапува по тужба по која не е платена судска такса, а по истек на 15 односно 8 дена од поднесувањето на тужбата да се смета дека тужбата е повлечена. Разликата во рокот е затоа што членот 146 ставовите 2 и 3 од Законот, кој е систематизиран во Делот први – „Општи одредби“ од Законот, определува општо правило, а членовите 410-а, 417-а и 429-а од Законот, кои се систематизирани во Делот трети – Посебни постапки“ од Законот, определуваат посебно правило за постапките – спорови поради смеќавање на владение, издавање платен налог и спорови од мала вредност.
Од изнесеното, исто така, произлегува дека Законот (членовите 163-169) содржи правила во врска со ослободување од плаќање на трошоците на постапката, па и за судска такса за поднесена тужба.
4. Со член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија се определува дека Република Македонија е, покрај другото, социјална држава.
Во член 8 став 1 алинеите 1, 3, 8 и 11 од Уставот се утврдува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другите, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Во член 9 став 1 од Уставот се определува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од, покрај другото, социјалното потекло и имотната положба.
Според член 50 став 1 од Уставот: „секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност“.
Според член 51 став 1 од Уставот: „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“, а според став 2 од истиот член „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.
Според Амандман XXV точка 1 став 4 на Уставот на Република Македонија; „видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.
Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека законодавецот има овластување со закон да ја уреди постапката пред судовите, при што законот мора да биде во согласност со Уставот и да го обезбеди правото на секој граѓанин да се повика на заштита на уставно утврдените слободи и права пред судовите врз начелата на приоритет и итност, независно од, покрај другото, неговото социјално потекло и имотна положба, со што се обезбедува остварувањето на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како и определбата на Република Македонија за социјална држава.
Во конкретниот случај, законодавецот ја уреди со закон парничната постапка пред судовите, определувајќи, при поднесувањето на тужбата или најдоцна во рок од 15 дена односно за посебните постапки во рок од 8 дена, да се плати судската такса. Во тој рок Законот определува дека судот нема да постапува по тужбата, а потоа, ако не биде платена судската такса, ќе се смета дека тужбата е повлечена. Истовремено, Законот ја уредува и постапката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, пропишувајќи обврска за тужителот, кој нема средства, заедно со тужбата да достави и барање за потполно или делумно ослободување од плаќање на трошоците, како и докази за основаноста на таквото барање (уверение за материјалната состојба, потврда за невработеност, акт за остварување на социјална помош, …). На тој начин Законот определува обврска за тужителот, кој нема средства, пред поднесувањето на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна, и од друга страна обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса. Со тоа, Законот обезбедува забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права независно од социјалното потекло и имотната положба.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите од Уставот наведени во иницијативите.
За согласноста на оспорените законски одредби со другите одредби од истиот закон и со одредбите од Законот за судовите наведени во иницијативите, гледано од формален аспект, Судот не е надлежен да одлучува, а материјално гледано, веќе е речено, постои компатибилност.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.188/2008
17 декември 2008 година
С к о п ј е
лк/Ју/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски