225/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008).

2. Александар Спасевски и други од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата со самото бришење на зборовите: „од областа на шумарството“ во членот 62 став 1 точка 2, се доведувала во прашање основаноста на постоењето на ставот 2 на член 62 од Законот. Во иницијативата понатаму се цитираат одредбите од член 61 став 1 алинеи 3 и 4 од Законот во кои се предвидени надлежностите на шумската полиција и се наведува дека со извршените измени на Законот, во шумската полиција можеле да се вработувааат сите лица кои, покрај општите услови, требало да имаат завршено какво и да било средно образование. Такви лица во Република Македонија имало илјадници, па подносителите на иницијативата се прашуваат дали сите тие лица биле стручни и компетентни за вршење на работите на шумската полиција. Понатаму во иницијативата се наведува дека со измените и дополнувањата на Законот за шумите бил направен и пропуст во делот на правата и обврските за носење и употреба на огнено оружје. Имено, бидејќи во Република Македонија не било задолжително служењето на воен рок, идните припадници на шумската полиција биле должни да се стекнат со лиценца за носење и употреба на огнено оружје, која што обврска произлегувала од Законот за обезбедување на имот и лица.

Со иницијативата се бара поништување на измените и дополнувањата на член 62 став 1 точка 2 од Законот за шумите.
Кон иницијативата е доставено писмо на подршка на иницијативата од Шумарскиот факултет во Скопје, потпишано од деканот.

По поднесувањето на иницијативата, доставен е поднесок од страна на Александар Спасевски со кој се бара стопирање на распишаниот оглас за вработување шумски полицајци се до конечната одлука на Уставниот суд.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, во членот 62 став 1 точка 2 зборовите: „од областа на шумарството“ се бришат.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Со Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1997, 7/2000, 89/2004, 54/2007 и 103/2008) се уредува одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (член 1).

Во членот 2 од овој закон е утврдено дека шумите како природно богатство се добро од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Во членот 5 од Законот е определено дека одгледувањето, користењето и заштитата на шумите (во натамошниот текст: стопанисување со шумите) е дејност од јавен интерес.

Според член 60 став 1 од Законот, чувањето на шумите во државна и во приватна сопственост го врши шумска полиција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Овластувањата на шумската полиција се уредени со членот 61 од Законот според кој припадниците на шумската полиција особено се овластени да:
– ја чуваат шумата;
– интервенираат, да ги спречат и да ги легитимираат или приведат лицата затечени во вршењето на прекршоци казниви по овој закон, или кривични дела што се однесуваат на шумите, или за кои постои основано сомневање дека извршиле такви дела;
– вршат преглед на сите средства со кои се превезува или пренесува дрво и други шумски производи, на сите места каде што се чува дрво и други шумски производи, вршат привремено одземање на предмети и средства со кои е извршено кривично дело, или прекршокот и предметите што настанале или се присвоени со извршување на такво дело;
– ја следат и известуваат за состојбата на шумите во врска со бесправните сечи и шумските кражби, шумските пожари, растителните болести, шумските штетници, како и други непогоди и
– ги известуваат надлежните органи за противправно присвојување на шуми и шумско земјиште а против прекршителите покренува постапка пред надлежен орган.

Во ставот 2 на овој член од Законот е предвидено дека на контрола на шумската полиција подлежат сите субјекти што стопанисуваат со шумите, други правни лица и граѓаните кои се должни на припадниците на шумската полиција да им овозможат извршување на нивните овластувања.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со министерот за внатрешни работи, ќе ги пропише правилата за вршење на работите на шумската полиција.

Условите за вработување како припадник на шумската полиција се пропишани во членот 62 од Законот, според кој за вршење на работите од шумската полиција може да биде вработено
лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос, треба да ги исполнува и следниве услови:
1) да е физички и психички способен за вршење на работите на шумската полиција;
2) да има најмалку средно образование;
3) да ја има регулирано воената обврска и
4) да е подобен за носење оружје согласно со прописите за поседување и носење оружје.

По исклучок од став 1 точка 2 на овој член за вршење на работите на шумската полиција може да биде вработено и лице без соодветно образование ако има најмалку три години работно искуство како шумочувар во досегашната шумочуварска служба.

Согласно член 63 став 1 од Законот, при вршење на работите од член 61 на овој закон, припадниците на шумската полиција можат да употребат огнено оружје во следниве случаи:
1) да спречат бегство на лице затечено во вршење на кривично дело со кое се нанесува штета на шумата, ако постојат основани сомненија дека ќе употреби огнено или друг вид на оружје и
2) да одбијат од себе непосреден напад со кој се загрозува нивниот живот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, во случаите од став 1 на овој член, припадниците на шумската полиција ќе употребат огнено оружје само ако со употребата на физичка сила, гумена палка или други средства на присилба не можат да ја обезбедат службената работа.

Во член 65 став 1 од Законот е предвидено дека припадниците на шумската полиција носат униформа и се вооружени.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и одредбите од Законот за шумите, Уставниот суд оцени дека право е на законодавецот да ги определи посебните услови за засновање на работен однос на припадниците на шумската полиција и во тој контекст да го определи степенот на образование што тие треба да го имаат. Дали при тоа ќе биде определен само степенот на образование како што е важечкото законско решение кое пропишува најмалку средно образование, или пак и видот на средното образование (средно образование од областа на шумарството) како што било претходното законско решение, според мислењето на Судот, е прашање на целосообразност што го оценува законодавецот, а не Уставниот суд.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на одредбата од член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите со одредбите од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 225/2008
17 декември 2008
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски