У.бр.80/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 декември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 117 став 1 во делот: „или дека сторил кривично дело поврзано со стекнувањето на дипломата“ и член 138 став 2 во делот: „и ако сторил кривично дело во врска со вршењето високообразовна дејност“ од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. По повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.80/2008 од 1 октомври 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на наведените делови на членовите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорените делови на членовите 117 став 1 и 138 став 2 од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 117 став 1 од Законот, на студент кој се стекнал со диплома, согласно со овој закон, може да му се одзеде издадената диплома, односно стекнатиот стручен или научен назив ако се утврди дека не ги исполнувал условите за добивање статус на студент на соодветната високообразовна установа, дека се здобил со стручен или научен назив спротивно на условите за стекнување на стручен, односно научен назив утврдени со статутот на високообразовната установа или дека сторил кривично дело поврзано со стекнувањето на дипломата.

Според член 138 став 2 од Законот, на лицето избрано во наставно-научно, наставно и соработничко звање може да му престане работниот однос и пред истекот на времето за кое е избрано, под условите и постапката уредени со статутот, ако се утврди дека подолго време не ги исполнува обврските од ставот 1 на овој член, ако ги попречува законските и статутарните активности на високообразовната установа или ги попречува другите членови во остварувањето на нивните права и извршувањето на должностите во високообразовната установа, ако престанале да постојат основните услови врз основа на кои е извршен изборот и ако сторил кривично дело во врска со вршењето на високообразовната дејност.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Според член 44 став 1 од Уставот, секој има право на образование, а во ставот 2 на овој член од Уставот е утврдено дека образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни одредби при оценување на уставноста на оспорената одредба, Судот оцени дека како првенствен критериум на уставноста се одредбите од членовите 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Со оглед на тоа што во конкретните случаеви со оспорените делови на одредбите од членовите 117 став 1 и 138 став 2 по сила на Законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамки на видовите на кривичните санкции без да се наведат кривичните дела што се поврзани со стекнувањето на дипломата за кои студентот е обвинет и му е изречена мерка одземање на издадената диплома, односно без да се наведат кривичните дела против службената должност за кои лицето е обвинето и му е изречена мерка забрана за вршење на дејност или дејности на лицето му престанува работниот однос. Судот оцени дека оспорените делови на тие одредби од Законот не се во согласност со Уставот.

Судот го имаше предвид фактот дека со Одлука У.бр.185/2001 од 26 декември 2001 година Уставниот суд на Република Македонија го укинал членот 46 став 2 во дел од поранешен Закон за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000), меѓутоа иста содржина која Судот веќе ја укинал е пренесена и во новиот закон кој е предмет на оваа иницијатива.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2008
3 декември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски