181/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Точка V.1., во делот „преку имателите на информации„ од Упатството за начинот на постапката за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, донесено од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставнииот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката V.1., во делот: „преку имателите на информации„ од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел од точката V.1. од Упатството, бил во спротивност со член 28 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи според Законот жалбата се поднесува непосредно до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, а не преку имателите на информациите, како што се предвидува во оспореното Упатство.

Поради наведеното оспорениот дел од Упатството не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, член 56 став 3 и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со членовите 1 став 3 и 28 ставовите 1 и 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

3. Судот на седницата утврди дека точката V.1 од оспореното Упатство предвидува дека доколку имателот на информациите не постапил во согласност со член 20 став 4; член 24 став 4 и член 26 став 1 од Законот за слсободен пристап до информации од јавен карактер, барателот на информацијата има право на жалба. Жалбата се поднесува до Комисијата за заштита на правото за следење на пристапот до информациите од јавен карактер, преку имателите на информации.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според Амандман ХХI на Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во членот 56 став 3 од Законот за организацијата и работите на органите на државната управа, со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи.

Според член 61 став 2 од истиот закон, со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија„ бр.13/2006 и 86/2008) со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните установи, служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес, утврдени со закон (став 1).

Во став 2 на истиот член од Законот, се предвидува дека правото за слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.

Според член 1 став 3, пак, на овој закон, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ќе донесе Упатство за начинот и постапката за спроведување на овој закон.

Од анализата на цитираниот член од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, јасно произлегува дека овој член го дефинира предметот на уредување на овој закон кој го опфаќа правото на слободен пристап на сите субјекти до информации од јавен карактер.

Вториот став од членот 1 на овој закон утврдува дека во остварувањето на правата за слободен пристап до информации од јавен карактер се применува овој закон, но ја остава можноста тоа да биде сторено и со друг законски текст. Имено, оваа одредба всушност упатува на примена на друг закон кој регулира материја која
има допирни точки со предметот на регулирање на овој закон. Такви се Законот за општата управна постапка како lex generali, Законот за заштита на личните податоци, Законот за класифицирани информации и др.

Во ставот 3 на член 1 на овој закон е утврдена обврската за Комисијата да донесе Упатство за начинот и постапката за спроведување на овој закон.

Според член 28 став 1 од Законот, против решението со кое имателот на информацијата го одбил барањето, барателот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Комсијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според став 2 на овој член од Законот, барателот има право да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер кога имателот на информацијата не постапил во согласност со членовите 20 став 4, 24 став 4 и 26 став 1 од овој закон во рок од осум дена од денот на приемот на актот.

Во став 3 на овој член од Законот, е предвидено дека Комсијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер решава по жалбата на барателот во рок од 15 дена од приемот на жалбата.

Според член 28 став 4 од Законот, постапката по жалбата од став 2 на овој член се спроведува според одредбите на Законот за општата управна постапка.

Тргнувајќи од содржината на целината на членот 28 од Законот, а посебно од ставот 4 на истиот, Судот оцени дека истиот преставува упатувачка одредба и примена на Законот за општата управна постапка кога станува збор за водење второстепена постапка за која е предвидено започнување со жалба што се поднесува во рок од 8 дена. Тоа се случаите на молчење на администрацијата и на одбивањето на пристапот до информација која се смета за доверлива. Законот за општата управна постапка важи за сите случаи и ситуации за кои не се предвидени специфични одредби со постојниот закон, па оттука, ставот 4 и неможе да има посебна важност, бидејќи, според Судот, и без негово изрично наведување, разбирливо и несомнено е дека за сите прашања, што не се уредени со овој закон се применуваат соодветните одредби од Законот за општата управна постапка.

Според член 1 од Законот за општата управна постапка според овој закон се должни да постапуваат министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странки). Во ставот 2 на овој член од Законот, е предвидено дека според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член.

Според став 3 на овој член од законот, според овој закон се должни да постапуваат органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, кога во вршењето на надлежностите решаваат во управни работи за права, обврски или правни интереси на странките во согласност со закон.

Според член 3 од истиот закон, во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон (став 1), а според став 2 на истиот член од законот според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Според одредбите од овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон. Оттука, Законот за општата управна постапка има супсидијарна примена.

Во, член 233 од Законот за опшата управна постапка, кој го обработува прашањето за предавањето на жалбата, се предвидува дека жалбата непосредно му се предава или му се праќа по пошта на органот што го донел првостепеното решение (став 1). Ако жалбата му е предадена или испратена непосредно на второстепениот орган, тој веднаш му ја испраќа на органот од прв степен (став 2). Жалбата предадена или испратена непосредно на второстепениот орган во однос на рокот, се смета како дека му е предадена на првостепениот орган.

Имајќи предвид дека според одредбите на Законот за општата управна постапка се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон, Судот утврди дека во случајов, правилно Комисијата со донесеното Упатство, кое сега е оспорено, го определува начинот и постапката за спроведување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, при што со оглед на нејаснотии во истиот во однос на жалбената постапка упатува на примена на Законот за општата управна постапка, како lex generalis и определува дека жалбата се доставува до имателите на информациите, како орган кој го донесува првостепеното решение, односно кој одлучува по поднесеното барање. Имено, токму во Законот за општата управна постапка децидно се содржани сите решенија по однос на постапувањето по жалбите, односно одредбите за работењето на првостепениот орган по жалбата, како и решавањето на второстепениот орган по жалбата.

Во членовите 234-238 од Законот за општата управна постапка, се содржани одредбите по однос на работење на првостепениот орган по жалбите, неговата надлежност и право на преиспитување на обжалените решенија. Токму од овие причини неопходна е примената на lex generalis во случајов Законот за општата управна постапка кој по преземените со Закон предвидени дејствија со комплет списите по предметот и жалбата ќе ја достави до второстепениот орган на понатамошно одлучување.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од Упатството со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, ниту пак со членовите 56 став 3 и 61 став 2 од Законот за организацијата и работата на органите на државната управа како и со членовите 1 став 3 и 27 став 1 и 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.181/2008
26 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски