Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 ноември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за одржување на уредено градежно земјиште број 07-155/18 од 30 јануари 2008 година, донесена од Советот на општина Ресен („Службен гласник на општина Ресен“ бр.1/2008).
2. ЕВН-Електростопанство на Македонија АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не го содржи основот врз кој е донесена односно прописот врз основа на кој се определува правото на Советот на општината да пропишува и пресметува надоместок за одржување на уредено градежно земјиште. Имено, според оспорената одлука, обврзници за наплата на надоместокот за одржување биле сите субјекти кои стопанисуваат со објекти на инфраструктурата, а утврдувањето на надоместокот го вршела општинската администрација врз основа на податоци со кои располагала општината.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука не било јасно како можел еден орган сам да определува надоместоци и сам да утврдува и пресметува надоместок без критериуми и врз основа на сопствени податоци и сам да наплатува, а притоа „обврзникот да се вклучи само во фазата на плаќање на надоместокот“.
Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека одлуката се применувала ретроактивно за одржување на сето уредено градежно земјиште, без оглед на времето кога инсталацијата била поставена и без оглед на чие земјиште.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека сопственикот на инсталациите за својот имот бил обврзан согласно Законот за даноци на имот да плаќа данок на имот, кој е приход на општината, а со оспорената одлука истиот имот два пати се оданочувал.
3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Одлуката се определува дека со оваа Одлука се определува висината на надоместокот за одржување на уредено градежно земјиште, начинот на наплата и органот кој што ја наплатува.
Според член 2 од одлуката субјектите кои стопанисуваат со објектите на инфрастрктурата поставени на или под површината на уредено градежно земјиште плаќаат надоместок.
Надоместокот се определува по мерна единица ден/м и изнесува 7,00 денари по метар должина.
Утврдување и наплатата на надоместокот врши општинската администрација.
Решение за утврдениот надоместок од став 3 на овој член донесува градоначалникот на општината.
Во член 3 од Одлуката се предвидува дека надоместокот се утврдува врз основа на податоците со кои располага општинската администрација.
Според член 4 од истата Одлука градоначалникот на општината решение за висината на надоместокот донесува најкасно до 31 јануари во годината за која се утврдува надоместокот и му го доставува на обврзникот за плаќање на надоместокот.
Според член 5 од Одлуката надоместокот за одржување на уредено градежно земјиште се плаќа тримесечно и пристигнува за наплата во средината на секое тримесечје или во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.
Според член 6 од Одлуката во поглед на наплатата на надоместокот, надзорот над работата на органите во општината одлагањето на извршувањето, жалбената постапка, каматата, присилната наплата, врќање на повеќе или погрешно уплатен надоместок ќе се применуваат одредбите од Законот за даноците на имот.
Според член 7 од оспорената Одлука оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Ресен“.
4. Според член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Согласно член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа општините се надлежни за вршење, меѓу другото, и на урбанистичко (урбано и рурално) планирање, издавање на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Според член 36 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа во надлежност на советот на општината, меѓу другото, е и усвојување програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината.
Советот на општина Ресен донел Програма за одржување на уредено градежно земјиште број 07-2641/6 од 28 декември 2007 година, во чија Глава IV се содржани одредби за финансирање на програмата во која се предвидува утврдување на надоместок за користење на уредено градежно земјиште, кој надоместок се утврдува по м1 должина, а износот ќе се определи со посебна одлука.
Законот за градежното земјиште кој престана да важи со донесување на Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија„ бр.53/2001) содржеше посебни права кои се однесуваа на уредувањето на употребата на градежното земјиште. Имено, во делот од овој закон кој се однесува на употребата на градежното земјиште, односно во членот 44 беше утврдено дека собранието односно советот на општината може да утврди надоместок за употребата и уредување на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со одлука се утврдува висината, роковите на плаќање и начинот на пресметувањето на надоместокот. Надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето, а како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижноста и нивниот сопственик. Оттука, произлегува дека надоместокот за употреба и уредување на градежното земјиште беше утврден со Законот за градежно земјиште кој престана да важи со новиот закон.
Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија„ бр.53/2001) концепциски е поставен на сосема поинаква основа од претходниот закон. Имено, за разлика од поранешниот закон според кој градежното земјиште единствено беше на Република Македонија, според постојниот закон градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица под услови предвидени во овој закон. Ноистелот на правото на сопственост на градежното земјиште може земјиштето да го оттуѓи и даде под долготраен и краткотраен закуп.
Врз основа на изнесеното произлегува дека според постојниот Закон за градежно земјиште, градежното земјиште може да биде во соптвеност или пак за него да се плаќа закуп. Овој закон не случајно содржи одредби за уредувањето на градежното земјиште, но не содржи одредби за употребата на градежното земјиште.
Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република макеоднија„ бр.53/2001), согласно член 56 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македониија„ бр.82/2008 објавен во „Службен весник на 8 јули 2008 година престана да важи со денот на влегувањето во сила на овој закон (осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„).
Со новиот Закон за градежното земјиште се уредуваат правата и обврсксите во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште – член 1 од Законот.
Според членот 2 од истиот Закон, градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита, на начин и услови утврдени со овој закон.
Според ставот 2 од истиот член од Законот, уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес.
Во главата III од овој закон, со наслов „Уредување на градежно земјиште„ е содржан член 45 во кој децидно се наведува дека под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон е изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела на јавен пат, поставување на водоводна, канализациона (фекална и атмосферска), електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела.
Според член 46 од Законот уредувањето на градежното земјиште од членот 45 на овој закон го вршат општините врз основа на Програма за уредување што ја донесува советот на општината.
Работите од ставот 1 на овој член, општините го вршат преку јавно претпријатие, трговско друштво или друго правно лице кое има овластување за вршење на комунална или јавна услуга согласно закон. Работите за уредување на градежно земјиште општините можат да го вршат и во облик на учество на приватен партнер кој го определува општината во договор со приватен партнер, почитувајќи ги принципите на транспарентност, јавност и еднаквост на учесниците.
За подрачјето на градот Скопје уредувањето на градежното земјиште го вршат општините од подрачјето на градот Скопје во делот на опремување на градежното земјиште со објекти од секундарната инфраструктура, а градот Скопје во делот на опремување со објекти на основната инфраструктура, врз основа на Програма што ја донесуваат советите на општините во градот Скопје, односно советот на градот Скопје.
Програмата за уредување на градежното земјиште особено содржи податоци за:
– просторот кој е предмет на уредување;
– обемот на работите за подготвување и расчистување на градежното земјиште;
– обемот и степенот на опремување на градежното земјиште со објекти на основната и секундарната инфраструктура;
– изворите за финансирање на програмата;
– пресметување на трошоците за уредувањето на градежното земјиште;
– висината на надоместокот за уредувањето на градежното земјиште и неговата распределба;
– начин на распределба на средствата за финансирање за изградба и одржувањена инфраструктурата;
– динамика на извршување на програмата и
– објекти на инфраструктурата од јавен интерес за Република Македонија и оцена за нивното влијание врз животната средина и природата, согласно со закон, што ги финансира Република Македонија, односно инвеститорот на кого земјиштето му го отуѓила Република Македонија.
Кога заради уредување на градежното земјиште е потребно да се постави инфраструктурен објект на туѓо земјиште или друга недвижност, општината односно градот Скопје со решение воспоставува односи на присилна комунална службеност заради поставување на објект. Решението има сила на извршна исправа, а жалбата не го одлага извршувањето. Жалбата се поднесува до органот на државната управа надлежен за вршење на имотно-правните работи.
Кога уредувањето на земјиштето се врши преку учество на приватен партнер истиот има право на враќање на вложеното на начин кој ќе го договори со општината, а особено преку уплатите на новите корисници на веќе поставените објекти. Во овој случај опремата, објектите и инсталациите се во сопственост на приватниот партнер и со истите управува се додека не го намири своето побарување. Приватниот партнер управува со инфраструктурата на начин согласно со функцијата и намената и согласно програмите на јавните претпријатија и друштва кои вршат јавна и комунална услуга. Во јавната книга за запишување на правата на недвижности се запишува дека правото на сопственост на инсталациите има приватниот партнер.
Според член 47 од истиот закон за уредено градежното земјиште инвеститорот плаќа надоместок. Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член зависи од степенот на уреденост на градежното земјиште, со објекти на комуналната инфраструктура, која ја утврдуваат советите на општините, советите на општините од подрачјето на градот Скопје и Советот на градот Скопје.
За надоместокот на уредување на градежното земјиште како и за начинот на плаќање на надоместокот, инвеститорот со надлежен орган на општините, општините од подрачјето на градот Скопје односно градот Скопје склучуваат договор, во кој се регулираат правата и обврските на договорните страни со утврдени рокови за извршување на истите.
Договорот од ставот 3 на овој член се склучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на инвеститорот.
Средствата од надоместокот од ставот 1 на овој член се приход на општините, општините од подрачјето на градот Скопје и градот Скопје и се користат само за реализирање на програма за уредување на градежно земјиште.
Согласно членот 49 од истиот закон, одржувањето на објектите на инфраструктурата на уреденото градежно земјиште, го вршат субјекти кои стопанисуваат со објектите на инфраструктурата.
Од анализата на наведената законска регулатива јасно произлегува обврската на субјектите кои стопанисуваат со објектите на инфраструктурата да вршат одржување на објектите на инфраструктурата, а не и обврска да на општините и плаќаат надоместок за одржување на уреденото градежно земјиште, како што предвидува оспорената одлука. Имено, од овластувањето дадено во член 45 од Законот за градежно земјиште, каде е дефинирано уредувањето на градежното земјиште, произлегува обврската на субјектите кои стопанисуваат со објектите на инфраструктурата да плаќаат паричен надоместок на општината за уредување на градежно земјиште (комуналии), но не и обврска за плаќање надоместок за одржување, бидејќи субјектите кои стопанисуваат со објектите на инфраструктурата имаат обврска (член 49) само да вршат одржување на објектите на инфраструктурата на веќе уреденото градежно земјиште.
Тргнувајќи од фактот дека надоместокот за одржување на уреденото градежно земјиште, не е утврден со закон, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Закионот за градежно земјиште и Законот за локалната самоуправа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.147/2008
26 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски