Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 ноември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 3 во делот „спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење„, став 4 првата реченица во делот „само за градби кои ќе се градат по донесување на планот„, втората реченица во делот „легално„ и став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија„ бр.51/2005, 137/2007 и 24/2008 – пречистен текст).
2. Љубиша Јовановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените ставови на член 14 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот оспорените делови на член 14 ставовите 3, 4 и 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање не биле во согласност со одредбата од член 9 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив граѓаните на Република Македонија кои поседувале диво изградени објекти се одвоени од останатите граѓани како посебна група и покрај тоа што во времето кога тие објекти биле изградени спротивно на важечките прописи, тоа не било кривично дело, туку напротив, неофицијално таквата градба била премолчено стимулирана од државата со самото тоа што од аспект на социјалната политика не било реагирано согласно со важечките прописи.
Суштината на проблематичните ставови од Законот била во тоа што ги диференцирала граѓаните на две посебни групи (граѓани кои поседуваат нелегално изградени објекти и останати граѓани). Уште попроблематично било тоа што граѓаните кои поседувале нелегално изградени објекти немале еднаков третман пред Законот, односно со примената на дел од став 3 и 4 и целиот став 5 на член 14 од Законот, немале ист третман сите граѓани на Република Македонија кои поседувале нелегално изградени објекти. Имено, граѓаните кои поседувале нелегално изградени објекти, а чии објекти се наоѓале во урбаните зони за кои постоел интерес за донесување на нови урбанистички планови или измена на старите планови ќе биле третирани на еден начин, а оние кои поседувале нелегално изградени објекти во зони за кои не постоел интерес за донесување на нови урбанистички планови или измена на старите ќе биле третирани на друг начин.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 став 3 од Законот, во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење (оспорен дел).
Во оспорениот став 4 на член 14 од Законот е предвидено дека: „во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуваат условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесување на планот“ (оспорен дел) за „легално„ (оспорен дел) „изградените градби на чие што место со планот не се предвидуваат услови за градење на нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни“.
Во оспорениот став 5 на член 14 од Законот е предвидено дека: „Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување на планот на градби кои до почетокот, или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнати да се градат спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење.
4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот, покрај другите, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата .
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба, а според ставот 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со Законот за просторното и урбанистичко планирање се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите и надзор и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање. Со просторното и урбанистичкото планирање како континуиран процес се одредуваат основните начела со кои меѓу другото, треба да се обезбеди рационално уредување и користење на просторот, рамномерен просторен развој, заштита и унпаредување на животната средина и природата и друго.
Во член 5 од наведениот закон во кој е утврдено значењето на одделни изрази е предвидено дека ажурирани геодетски подлоги се катастарски планови што се во примена во соодветен размер со приказ на постојната состојба на земјиштето, катастарските парцели, градби и податоци за инсталации (подземни, надземни и воздушни) со нивелациони коти на теренот.
Во делот II „Планирање на просторот„ од Законот, односно во членовите од 7 до 14 се утврдени во зависност од просторот што е предмет на планирањето, видовите и содржината на урбанистичките планови. (просторен план на Република Македонија и урбанистички планови – како што се генерален урбанистички план, детален урбанистички план во населено место).
Во членот 14 став 1 од Законот е предвидено дека „сите постојни надземни и поземни градби во рамките на планскиот опфат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот.
Според ставот 2 на наведениот член од Законот „во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра кои што имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторски основи.
Со Законот за градење („Службен весник на Република Македонија„ број 51/2005 и 82/2008) се уредува градењето, освновните барања на градбата, правото и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација, градилиштето, употребата, одржувањето, здружувањето во комора и други прашања од значење за градењето.
Според член 49 став 1 од Законот, изведувањето на градба од член 50 на овој закон може да започне по издавање на одобрение за градење кое е правосилно во управната постапка.
Според став 2 на член 49 од Законот, градење на градби од ставот 1 на овој член без одобрение за градење се забранува.
Според член 121 став 1 алинеите 1 и 2 од наведениот закон, градежниот инспекторат односно овластен градежен инспектор со решение ќе му нареди на инвеститорот отстранување на градбата односно на нејзин дел ако: се гради или е изградено без одобрение за градба од членот 50 на овој закон, се гради или е изградено без заверен основен проект за градба од член 62 на овој закон.
Од наведените одредби од Законот за градење произлегува дека градењето на објект без одобрение е забрането дејствие и изградениот објект треба да се сруши без оглед дали тој објект се гради во моментот на вршењето на надзорот од страна на овластено лице или веќе е изграден, што значи доследно спроведување и почитување на прописите за градење на градежни објекти.
Имајќи го предвид наведеното произлеува дека прашањето на судбината на објектите изградени без одобрение е уредено со Законот за градење, а според оспорените одредби од Законот за просторното и урбанистичко планирање во суштина се врши нивно евидентирање на ажурирани геодетски подлоги при планирање на просторот со детални урбанистички планови.
Според тоа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата како и содржината на оспорените делови на ставовите 3, 4 и 5 на член 14 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека со нив се повредувало начелото на еднаквост. Ова оттаму што во конкретниов случај воопшто не станува збор за легализација на објекти кои биле изградени без одобрение туку само за нивно евидентирање на ажурирани геодетски подлоги.
Притоа, поаѓајќи од фактот што планирањето на просторот на територијата на Република Македонија е процес кој се врши етапно односно не е можно во еден ист момент да се донесуваат детални урбанистички планови и објекти изгградени без одобрение да бидат евидентирани, Судот оцени дека тоа не значи дека со постапно евидентирање на т.н. „диви објекти“ тие селективно ќе се легализираат, затоа што во суштина според законот нема легализирање на објекти изградени без одобрение.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од ставовите 3, 4 и 5 на член 14 од Законот со начелото на владеење на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и начелото на еднаквост, утврдени во член 8 и 9 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.130/2008
20 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски