Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 ноември 2008 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Благој Стефковски Гојчо” и дел од МЗ „3-та МУБ” урбан блок 44 и 48, донесена од Советот на општина Куманово под.бр.07-72/4 од 30 јануари 2004 година (“Службен гласник на општина Куманово бр.2/2004).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Лидија Георгиева од Скопје, со Решение У.бр.1/2008 од 17 септември 2008 година, поведе постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање.
4. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Куманово на седницата одржана на 30 јануари 2004 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Благој Стефковски Гојчо” и дел од МЗ „3-та МУБ” урбан блок 44 и 48.
Во членот 1 од Одлуката е определено дека се донесува Детален урбанистички план за наведените делови од месните заедници со површина од 9,83 ха.
Во членот 2 од Одлуката е определено дека составен дел на Планот се: извештајот од спроведената анкета и известувањето за постапување по извештајот, текстуалниот дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтезен графички приказ на планските решенија со технички број 54/02.
Во членот 3 од Одлуката е определен начинот на кој се заверува и местата каде што се чува урбанистичката документација.
Во членот 4 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на град Куманово”.
Одлуката е заведена под број 07-72/4 од 30 јануари 2004 година и е објавена во “Службен гласник на град Куманово” бр.2/2004 година.
Судот, исто така, врз основа на делумно доставената документација од страна на општината Куманово, утврди дека главниот архитект на општина Куманово со допис бр.23-2745/2 од 20 ноември 2003 година го утврдил текстот на нацртот на Деталниот план, по што дал стручно мислење бр.23-2745/3 од 20 ноември 2003 година дека Нацрт планот е изработен во согласност со Генералниот план и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Градоначалникот на општината Куманово, со Одлука бр.08-2876/1 од 3 декември 2003 година, определил организирање на јавна анкета по Нацртот на Деталниот план во траење од 15 дена, со објавување на соопштение и излагање на планот на јавно место. Во соопштението стои дека се организира јавна анкета во периодот 4 до 14 декември 2003 година, a составните делови на планот ќе бидат истакнати во општинските витрини на градскиот плоштад. Соопштението е објавено в о „Кумановски весник” на 4 декември 2003 година.
Комисијата задолжена за разгледување на приговори составила Извештај бр.23-3092/1 од 17 декември 2003 година за спроведената јавна анкета од кој произлегува дека постојат приговори што се во целост или делумно прифатени и приговори што не се прифатени. Од страна на подносителката на иницијативата не е подносен приговор.
Советот на општина Куманово ги достави и синтензниот графички приказ и билансниот показател на Планот.
5. Согласно член 2 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/ 2001 и 45/2002), кој бил во примена кога е донесен планот, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и генерален и детален урбанистички план.
Според член 10 став 1 од Законот, генералните урбанистички планови се донесуваат за подрачја на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба.
Според став 2 од истиот член од Законот, генералниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните единици и блокови и за инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи; граница за урбано подрачје, намена на земјиштето на урбаните бло кови, решенија на генералните водови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините и намените, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните блокови, согласно наведените стандарди и нормативи. Генералниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Просторниот план.
Според член 11 став 1 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.
Според став 2 од истиот член од Законот, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува детален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, a минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул определен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со генералниот урбанистички план.
Според член 11 став 3 од Законот, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница за урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули со градежни парцели, површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, сообраќајна мрежа со нивелманско решение, решенија на секундарни водови и објекти на инфраструктурата. Билансните показатели содржат: податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните модули, согласно со соодветните стандарди и нормативи. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Според член 11 став 4 од Законот, документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој закон.
Според член 17 став 1 од Законот, плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, a според став 3 од истиот член по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).
Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).
Според член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.
Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Согласно член 22 став 4 од Законот, Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на Град Скопје, додека согласно став 5 од истиот член од Законот, општината од подрачјето на Град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.
Според член 22 став 6 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од Министерството надлежно за работите на уредување на просторот. Според член 23 став 1 од Законот, со согласноста од став 6 на член 22 од овој закон, се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Оценувајќи ја оспорената одлука по однос на нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, a врз основа на делумно приложената документација Судот утврди дека доносителот на оспорената одлука не достави докази за следните околности:
– по чија иницијатива се пристапило кон донесување на Деталниот план,
– дали е донесен формален акт за Нацрт-планот,
– дали Нацрт-планот е доставен на стручна ревизија и ако е доставен дали е даден одговор на ревизијата и
– дали од Министерството за транспорт и врски е добиена потребната согласност на Планот.
Наведените фази на постапката прецизно се уредени во член 17 став 1, член 19 и член 22 став 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Имено, целокупната документација што претходи на донесувањето на оспорената одлука беше барана со допис до Советот на општината Куманово од 10 јануари 2008 и ургенции од 19 февруари и 14 април 2008 година, потоа со ургенција до Градоначалникот на општината Куманово од 4 јуни 2008, со ургенција од 19 март 2008 до Министерството за локална самоуправа и со ургенција од 4 јуни 2008 година до Министерството за транспорт и врски. Ова од причини што секоја од спроведените фази во постапката на донесување на детален урбанистички план резултира со донесување на соодветна документација со форма и содржина утврдена со наведените одредби од Законот.
Тргнувајќи од фактот што во конкретниот случај Советот на општината Куманово, покрај сите направени напори, не докажа дека ја испочитувал и спровел постапката согласно член 17 став 1, член 19 и член 22 став 6 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со наведените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донес е во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.1/2008
20 ноември 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски