153/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1997, 7/2000, 89/2004, 54/2007 и 103/2008);

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 3 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Во врска со оспорената одредба од член 27 став 3 од Законот за трговските друштва, во иницијативата подносителот наведува дека не било разбирливо зошто содружниците на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво како и командиторите во командитното друштво со акции воопшто не одговарале за обврските на друштвото, дотолку повеќе што оспорената законска одредба се наоѓала во поднасловот „Одговорност за обврските“. Покрај тоа, делот од оспорената одредба што гласел „ако со овој закон поинаку не е определено“ создавал збрка и нејаснотија во практичната примена на оваа одредба. Подносителот на иницијативата смета дека законодавецот немал ист или барем сличен третман во нормирањето на одредбите од членот 27 ставови 2 и 3, со што се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Во врска со оспорената одредба од член 29 став 2 точка 3 од Законот, во иницијативата се наведува дека оваа одредба немала уставна основа, затоа што фактот дали лицата кои имаат намера да основаат трговско друштво ги платиле даноците и придонесите што со закон биле обврзани да ги платат или не, не бил од влијание за основањето и работењето на трговското друштво и тој се ценел и утврдувал според друг закон, а не со Законот за трговските друштва. Пропишувањето услов за основање на трговско друштво – лицата да ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат, значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми и воделе до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права од друг статус, што уставно не било дозволено и водело до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое рабоно место секому, под еднакви услови. Од овие причини подносителот смета дека со оспорената законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 31 ставови 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата подносителот упатува на решението на Уставниот суд У.бр. 229/2007 од 9 април 2008 година.

Со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 27 став 3 и член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 27 став 3 од Законот за трговските друштва, содружниците на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво како и командиторите во командитното друштво и командитното друштво со акции не одговараат за обврските на друштвото, ако со овој закон поинаку не е определено.

Судот, исто така, утврди дека според член 29 став 2 точка 3 од истиот закон, трговско друштво не можат да основаат, меѓу другите, и лица кои не ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат, односно членовите на органот на управување, односно управителот на овие лица, вклучувајќи ги и лицата во друштвата што престанале.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Двете оспорени одредби од Законот за трговските друштва се поместени во Глава прва од Законот во која се содржани заедничките одредби за трговските друштва.

Во член 19 од Законот, трговското друштво е дефинирано како правно лице во коешто едно или повеќе лица вложуваат пари, ствари или права во имот што го користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето. Трговското друштво самостојно и трајно врши дејност, заради остварување на добивка.

Формите на трговските друштва се определени во членот 20 од овој закон, според кој трговско друштво, според формата, без оглед на тоа дали врши трговска или некоја друга дејност, е:
1) јавното трговско друштво;
2) командитното друштво;
3) друштвото со ограничена одговорност;
4) акционерското друштво и
5) командитното друштво со акции.

Во член 27 од Законот, под наслов, „Одговорност за обврските“, во ставот 1 е определено дека трговското друштво одговара за своите обврски со сиот свој имот. Согласно ставот 2 на овој член, содружниците на јавното трговско друштво и комплементарите во командитното друштво и во командитното друштво со акции, одговараат за обврските на друштвото неограничено и солидарно со сиот свој имот. Според оспорениот став 3, содружниците на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво како и командиторите во командитното друштво и командитното друштво со акции не одговараат за обврските на друштвото, ако со овој закон поинаку не е определено.

Аргументите со кои подносителот ја оспорува уставноста на оваа одредба од Законот за трговските друштва се сведуваат на тоа дека за подносителот не било разбирливо зошто содружниците на друштвото со ограничена одговорност и акционерите на акционерското друштво како и командиторите во командитното друштво со акции воопшто не одговарале за обврските на друштвото, дотолку повеќе што оспорената одредба се наоѓала во поднасловот „Одговорност за обврските“ и дека законодавецот немал ист третман при нормирањето на ставовите 2 и 3 на член 27 од Законот со што било повредена темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото.

Судот оцени дека овие аргументи во иницијативата се неприфатливи и истите се резултат на нивното извлекување од контекстот, односно целината на Законот за трговските друштва и останатите негови одредби во кои законодавецот конкретно ги уредил сите форми на трговски друштва (нивното дефинирање, правниот статус, основање, односите помеѓу содружниците и нивната одговорност). Резонот на подносителот на иницијативата дека поради тоа што оспорената одредба на членот 27 го носи насловот „Одговорност на обврските“, и одговорноста на содружниците во сите форми на друштва треба да биде еднаква, за Судот, е неприфатлив и во спротивност со самите цели и суштина на Законот за трговските друштва, чија што цел е токму да ги уреди различните форми на трговски друштва. Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот воопшто не ги имал предвид одредбите од Законот за трговските друштва кои се однесуваат на одделните форми на трговски друштва.

Имено, јавното трговско друштво како форма на трговско друштво е дефинирано со член 110 од Законот за трговските друштва, според кој јавно трговско друштво е трговско друштво во кое се здружуваат две или повеќе физички и правни лица, кои на доверителите за обврските на друштвото им одговараат неограничено и солидарно со сиот свој имот.

Личната одговорност на содружниците за обврските на друштвото е уредена во членот 137, според кој за обврските на јавното друштво секој содружник им одговара на доверителите на јавното друштво непосредно, со сиот свој имот и солидарно со сите други содружници. Согласно ставот 2 на овој член, одредбата во договорот за друштвото спротивна на ставот (1) од овој член е ништовна. Ставот 3 на овој член од Законот предвидува дека доверител на јавното друштво може да бара исполнување на обврска на јавното друштво од содружниците, дури откако јавното друштво нема да ја исполни обврската во рокот определен во писмениот повик од доверителот.

Командитното друштво е дефинирано во член 148 од Законот, според кој командитно друштво е трговско друштво во коешто се здружуваат две или повеќе физички и правни лица од кои најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото лично со сиот свој имот, односно неограничено и солидарно ако се најмалку два содружника (во натамошниот текст: комплементар), а најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото само до износот на запишаниот влог во друштвото (во натамошниот текст: командитор). Влогот на командиторот не може да биде во труд и услуги.

Согласно член 166 од Законот, друштво со ограничена одговорност е трговско друштво во коешто едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото (став 1). Влоговите на содружниците можат да бидат со различна големина (став 2). Согласно ставот 3 на овој член, содружниците не одговараат за обврските на друштвото.

Во членот 270 од Законот е дефинирано акционерското друштво како трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво.

Според член 461 од Законот, командитно друштво со акции е трговско друштво чијашто основна главнина е разделена на акции и во коешто еден или повеќе содружници одговараат неограничено и солидарно за обврските на друштвото, со сиот свој имот (во натамошниот текст: комплементари) и неколку содружници кои имаат својство на акционери и кои одговараат до износот на нивните влогови и кои не одговараат за обврските на друштвото (во натамошниот текст: комплементари).

Од наведените одредби од Законот за трговските друштва, јасно произлегува дека одговорноста за обврските на друштвото е суштествен елемент кој ја определува формата на друштвото. Или со други зборови кажано, разликите помеѓу различните форми на трговските друштва се манифестираат не само во начинот на нивното основање, состав, организација и функционирање, туку и во нивната одговорност за обврските на друштвото.

Законодавецот токму од овие причини во ставот 1 на членот 27 го утврдил општото начело дека трговското друштво одговара за своите обврски со сиот свој имот. Во оваа одредба всушност законодавецот го утврдил принципот на имотната автономија на друштвото од кое произлегува дека обврските на друштвото се само негови, а не и обврски на неговите содружници.

Според Судот, таа граница помеѓу имотот на друштвото и имотот на содружникот не е толку строга, бидејќи во определени случаи утврдени во Законот, одговорноста за обврските на друштвото се проширува и врз содружниците. Проширувањето на одговорноста за обврските на друштвото зависи од формата на друштвото. Така согласно член 27 став 2 од Законот, содружниците на јавното трговско друштво и комплементарите во командитното друштво и во командитното друштво со акции, одговараат за обврските на друштвото неограничено и солидарно со сиот свој имот. Со ваквото решение не се нарушува правниот субјективитет на друштвото, ниту неговата имотна автономија, бидејќи тоа и понатаму останува должник, додека пак содружниците имаат својство на еден вид гаранти на доверителите на друштвото. Доверителот во ваков случај мора да бара прво намирување од друштвото, а дури потоа ако не се намири да бара намирување на обврската од страна на содружникот на овие форми на трговски друштва. Личната и неограничената солидарна одговорност на содружниците во јавното трговско друштво и на комплементарите во командитното друштво и во командитното друштво со акции, произлегува од тоа што овие форми на друштва, според класичната класификација на трговските друштва, спаѓаат во т.н. персонални друштва. Карактеристика на овие друштва е што тие се основаат и функционираат според принципот на intuitu personae. Овие друштва претпоставуваат лично учество на содружниците во остварувањето на трговската дејност што е предмет на работење на друштвото, тие се обврзани на личен труд и ангажман, што претпоставува однос на доверба помеѓу нив.

Состојбата е поинаква кај содружниците, односно акционерите во друштвото со ограничена одговорност и акционерското друштво, како и на командиторите во командитното друштво и командитното друштво со акции, кои согласно оспорениот став 3 на членот 27 не одговараат за обврските на друштвото, освен ако со законот не е поинаку определено. Овие друштва имаат карактеристики на т.н. капиталски друштва во кои содружникот внесува влог во друштвото и нема обврска да одговара за обврските на друштвото, а ризикот од работењето на друштвото го поднесува само во рамките на вложеното. Исклучокот дека во случаи определени со законот и овие содружници можат да одговараат за обврските, што исто така подносителот го оспорува со иницијативата, се однесува всушност на посебните случаи на одговорност на содружниците утврдени во членот 28 од Законот. Имено, според овој член од Законот, содружниците, односно акционерите на трговското друштво одговараат неограничено и солидарно за обврските на друштвото во случаите, ако:
1) го злоупотребиле друштвото како правно лице за да постигнат цели што за нив како поединци, се забранети;
2) го злоупотребиле друштвото како правно лице за да им нанесат штета на своите доверители;
3) спротивно на законот, располагале со имотот на друштвото како со свој сопствен имот или
4) во своја корист или во корист на кое било друго лице го намалиле имотот на друштвото, а знаеле или морале да знаат дека друштвото не е способно да ги изврши своите обврски спрема третите лица.

Од анализата на оваа одредба произлегува дека со неа се проширува одговорноста на содружниците во случај на злоупотреба односно противправно однесување од нивна страна со кое се нарушува автономијата на друштвото, поради што законодавецот предвидел суспендирање на презумпцијата дека само друштвото како правно лице одговара за своите обврски и предвидел лична и неограничена одговорност и на содружниците, а заради заштита на интересите на доверителите.

Од наведената анализа произлегува дека сите видови на трговски друштва имаат различен статус односно положба, што произлегува од нивните различни карактеристики, дека токму одговорноста на содружниците за обврските на друштвото претставува еден таков суштествен белег, поради што и законодавецот не може ова прашање да го уреди на еднаков начин за сите форми на трговски друштва, како што смета подносителот на иницијативата. Поради сето наведено Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 27 став 3 од Законот со начелото на владеењето на правото утврдено со Уставот.

6. Во врска со оспорената одредба од член 29 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва, од нејзината содржина произлегува дека со неа се оневозможува трговско друштво да биде основано од лица кои не ги платиле даноците и придонесите кои со закон биле обврзани да ги платат, односно членовите на органот на управување, односно управителот на овие лица, вклучувајќи ги и лицата во друштвата што престанале.

Тргнувајќи од фактот дека уставна обврска на секого е да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, законодавецот оценил дека и редовното плаќање на јавните давачки на физичките и правните лица што сакаат да основаат трговско друштво треба да претставува услов за основање на трговско друштво, и дека на тој начин ќе се обезбеди нивната финансиска дисциплина и доследност во почитување на законските обврски да биде гаранција дека законски ќе работат и управуваат со трговското друштво.

Меѓутоа, тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на еден ваков ограничувачки услов – да не може да основа трговско друштво лицето кое не ги платило даноците и придонесите што со закон било обврзано да ги плати, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување на можноста за основање на трговско друштво води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому, под еднакви услови, поради што Судот оцени дека во однос на оспорениот член 29 став 2 точка 3, може да се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 153/2008
20 ноември 2008 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски