189/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 ноември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Наредбата, инт.бр.6037-1 од 4 ноември 1997 година, донесена од командантот на Воената болница – Скопје.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената Наредба се повредувал членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, бидејќи правата на вработените се уредувале со закон и со колективни договори, а не и со наредба.

Со оспорената Наредба, исто така, се повредувале и одредбите од членовите 144-158 и 235 – 250 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, како и одредбите од член 118 од Законот за работните односи. Имено, условите и критериумите за плата биле утврдени со закон, и истите неможело да се утврдуваат со Наредба, како што било во случајов.

По однос на дежурствата како прекувремена работа, според иницијативата, се уредувале со прописите од областа на здравствеото, а не со Наредба.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената Наредба се повредувал член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 32, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и членовите 144 – 158 и 235 – 250 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и член 118 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената Наредба во точка 1 на воените лица и граѓанските лица на служба во Армијата на Република Македонија Центар на военоздравствени установи за времето на дежурство во ЦВЗУ кое трае 24 часа им припаѓа следниот процент од надоместокот за службено патување (дневница) и тоа:

– за лекар специјалист 175%
– за лекар 150%
– за мед. техничар 125%
– за болничар 100%

Надоместокот за дежурство во неработни денови се зголемува а 20%, а во денови на државен празник за 30%.

Во точката 2 од Наредбата се наведува дека за секое дежурство на лицата од точка 1 од оваа Наредба им припаѓа слободен ден.

Со точката 3 од Наредбата се утврдува дека на лицата од точка 1 на оваа Наредба за деновите на дежурството износот од оброкот за исхрана им се одбива од износот за надоместокот од точка 1 на оваа наредба, а надоместокот за храна им се намалува за користење на слободен ден.

Според точката 4 од Наредбата надоместокот од точка 1 на оваа наредба се исплатува во готово по список кој е составен на одделенијата во ЦВЗУ според редната листа на дежурство.

Непосредната исплата се врши до 10-ти во наредниот месец за претходниот месец, а списокот се заклучува на крајот на секој месец и истиот го оверува началникот на одделението.

Надоместокот се исплатува од средствата на жиро сметката 40100-788-63 преку благајната на ЦВЗУ по задача 5582 и трошок 427195.

Во членот 5 од Наредбата се определува дека оваа наредба влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1.10.1997 година.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли инициијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Од содржината на оспорената Наредба произлегува дека со неа се определува процент од надоместокот за службено патување (дневници) за лекар специјалист, за лекар, за медицински техничар и за болничар, како и надомест за дежурство во неработни денови и денови на државен празник, како и начинот за регулирање на износот од оброкот за исхрана на наведените лица. Оттука, оспорената Наредба по својот карактер и содржина претставува интерен акт за начинот на работа во Воената болница – Скопје и истата се однесува само на лицата кои се децидно наведени во точка 1 од Наредбата, и како таков не е пропис и нема основа за мериторна оцена на оспорениот акт, поради што Судот не се впушти во анализа на основаноста на наводите истакнати во иницијативата.

Со оглед на фактот што оспорената наредна нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот туку претставува интерен акт, Судот оцени дека не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот и со законите, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.189/2008
12 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски