Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 3 точка 3 и член 18 став 2 точка 3 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија, затоа што пропишувањето на условот трговецот поединец при уписот и бришењето во Трговскиот регистар да ги има платено даночните обврски и придонесите за пензиското, инвалидското и здравственото осигурување и придонесот за вработување значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми и воделе до состојба во која исполнувањето на обврските на лицата во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 став 3 точка 3 од Законот за трговските друштва трговецот поединец кон правото за упис приложува покрај другото и: „изјава од физичкото лице дека уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, односно дека во согласност со член 29 од овој закон не постои пречка да стекне својство на трговец поединец“.
Според оспорениот член 18 став 2 точка 3 од Законот е предвидено дека: кон пријавата за бришење на уписот во Трговскиот регистар трговецот поединец покрај другото приложува „доказ дека трговецот-поединец уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување и придонесот за вработување“.
4. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со изнесените уставни одредби Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќааат данок, при што, начинот на плаќање се уредува со закон.
Според Законот за трговските друштва трговец поединец е физичко лице кое во вид на занимање, врши некоја од трговските дејности определени со овој закон (член 12 став 1).
Својството на трговец – поединец се стекнува со упис во Трговскиот регистар што се води во Централниот регистар на Република Македонија, при што во Трговскиот регистар се запишува и престанувањето на трговец – поединец (чл. 12 и 18 став 1).
Во пријавата за упис се наведуваат: името и презимето, единствениот матичен број на граѓанинот и местото на живеење, фирма под која ќе се врши дејноста и предметот на работење.
Кон пријавата за упис се приложуваат: 1. заверен потпис на трговецот поединец кај нотар, 2. изјава од физичкото лице дека не му е изречена забрана да врши некоја од дејностите определени со овој закон и изјава од физичкото лице дека уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување односно дека во согласност со членот 29 од овој закон, не постои пречка да стекне својство на трговец-поединец.
Согласно член 18 од Законот, во случај на престанување на работењето на трговецот-поединец кон пријавата за бришење на уписот во Трговскиот регистар се приложува: 1. изјава за престанувањето на трговецот-поединец, 2. доказ дека сметката на трговецот поединец е затворена и 3. доказ дека трговецот поединец уредно ги платил даночните обврски и придонесите за пензиско, инвалидско, здравствено осигурување и придонесите за вработување.
Имајќи ја предвид одредбата од член 33 од Уставот произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.
Според мислењето на Судот, а поаѓајќи од наведената уставна одредба, содржината на оспорените членови како и наводите од иницијативата, пропишувањето на условот кон барањето односно кон пријавата за упис, односно бришење од Трговскиот регистар што се води во Централниот регистар на Република Македонија, да се даде изјава односно доказ дека трговецот поединец уредно ги платил даночните обврски и придонесите од пензиското, инвалидското, здравственото и придонесот за вработување излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено, а секако тоа води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.
Со оглед на наведеното пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.177/2008
5 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски